Јулија Ѓорѓевиќ: Младите уметници низ светот создаваат дела со жар, автентичност и поради едноставната потреба да творат

Јулија Ѓорѓевиќ е млада вокална солистка чиј опус се наоѓа во повеќе земји низ Балканот. Нејзината моќ се крие во специфичнaта боја и фрекфенцијата на гласот која прави спој помеѓу примордијалното и современото вокално изразување. Во интервјуто за Платформ, зборувавме за нејзиниот развој како музички уметник и за нејзиното последно изведувачко дело – ХОРИЗОНТАЛА.

Вие сте вокален уметник, перформерка, аудио визуелен уметник, композитор на музика за театар, дали би можеле да ни кажете нешто повеќе за уметноста што ја создавате и која е Јулија Ѓорѓевиќ?

Добар ден, точно, јас се викам Јулија, а која сум- се уште не знам. Која сум допрва ке дознавам, сега сум во ‘’under construction’’ фаза. Покрај тоа што го набројавте, Јулија со својата вокалната уметност, шетајќи по улиците на Скопје со песна им го разубавува денот на минувачите. Јулија е таква личност која забележувајќи го дотрајаниот стол на уличната продавачка на цвеќе, ќе и донесе нов стол и маса само за неа. Значи – Јулија е некоја синтеза на вертикално и хоризонтално движење низ времето и просторот, што самата си го нарекла – спирална уметност, спирална уметност е уметност на  движење и минглање во местото, просторот и времето во кое сме се случиле. Со својот вокален апарат сликам апстрактни емотивни цртежи во просторот и времет каде што се наоѓам. Перформансите ги доживувам и ги создавам како комплексни настани кои ја обединуваат соничната и визуелната уметност, наједноставно кажано… мислам дека доволно добро ми успеа со зборови да го опишам она што е неописливо, тоа би било тоа што се однесува до опишувањето, се понатаму е песна.

Колку време се бавите со современ музички перформанс?

Ова е добро прашање, ми се чини дека сум родена во форма на музички перформанс (хаха) како некоја сонична скуплтура, со ова сакам да кажам дека уште од мала сум се чуствувала како некаков соничен објект кој произведува одредена звучна фрекфенца, која имаше разни форми кои се менуваа… отсекогаш имав одредена атракција кон звукот во своја фундаментална форма, и одредена атракција кон самото струење на гласните жици, струење и треперење на целото тело кое самото искуство на вокалното изразување го носи…пеењето е речиси религиозен чин за мене лично… во песната како таква, лежи сила која влече кон границите на познатото и провереното, влече кон целовитоста преку која се се разбира, се наеднаш ти станува така лесно и јасно. Ова се моите лични и директни искуства и импресии кои ме влечат постојано да истражувам во областа на музички илити звучен перформанс како и го наречеме тоа искуство низ кое поминувам додека творам.

Ова има врска и со мојата атракција кон лежење, отсекогаш сакав сите можни акции да ми се во лежечка форма, уште како мала многу сакав да лежам што неколку члена од моето семејство дома мојот чин на лежање го сметале за мрзеливост, поради стереотипното убедување дека самиот чин на лежање во нашето оштество се смета за одлика на мрзливи луге, но јас и покрај тие убедувања и критики за моето лежење продолжив  лежерно со моите хоризонтални активности. Не го сметав тоа за мрзливост, туку потреба да одмарам, да размислувам, да миракулам, да почуствувам како ми работи телото, како ми работат органите, дишењето, така и дојдов до една идеја која која е во процесот на реализација, а е поврзана со пулсот и мелодијата на органите кои фунционираат толку хармонично во човечкото тело, телесната симфонија кои ја создаваат моите органи….така што таа хоризонтала мене многу ми помогна да се осознаам како човечко суштество. Едноставно, тоа е простор кој го користам само за себе, каде можеш да се слушнеш себе, да се осознаеш… толку многу ја сакам хоризонталната форма на постоење, бидејки ми овозможува да патувам многу повеќе отколку во вертикалната форма на посотоење.

Во октомври 2021, на Култиватор фестивал, го изведов мојот најнов музички перформанс наречен ХОРИЗОНТАЛА.

Хоризонтала е вокален перформанс кој трае 3 минути и се одвива во празен и изолиран простор, каде што јас како изведувач сум поставена хоризонтално на едно сребрено ќебе, посетителите се менуваат на секои 3 минути и имаат можност да легнат во хоризонтала и со тоа добива простор за ново интимно искуство.

Секој посетител одлучува колку ќе се отвори и колку ќе осознае,  има слобода на избор, да изберер дали ќе остане во тие три минути во грубиот и ограничувачки земски свет, со соничниот метеж кој допира однадвор, или ќе си дозволи да “падне нагоре” по вертикала, во етерското… или можеби ќе останат некаде помеѓу, во срцето на детската невиност завиени во мајчинската милост која ова песна ја носи во себе како информација, бидејќи оваа приспивна песна е пеена со векови во Итсуки селото на Кјушу островот во Јапонија, како дел од тој интимен ритуал помеѓу мајката и детето.Во мојот звучен свет, сето тоа ми создава чувството на некакво вракање дома.

Веќе неколку месеци го водите вашиот проект кој е аудиовизуелен дневник насловен ‘’Скопје радост ти ќе бидеш’’ на Инстаграм. Која е приказната позади овој проект?

Скопје радост ти ќе бидеш е аудиовизуелен дневник кој го прикажува духот, темпераментот, естетиката и ЕКГ-то на еден град и народ. Кога живеев во Љубљана, имав уметнички тандем со словенечката уметница Петра Варл. Почнавме да ги објавуваме нашите перформанси на Инстаграм, но после некое време, станавме тандем под името Ромео ин Јулија. Двете бевме инспирирани од историјата на уметноста, особено од манифестот на виталната уметност која во 80-те години Улај и Марина буквално го живееле и го нарекле art vital. Врз основа на тоа, напишале манифест кој ги претставувал нивните вредности од тој период. Од време на време, и ние ги применувавме некои од сегментите на тој манифест додека ги работевме на нашите перформанци во Љубљана.

Сметате ли дека има доволна застапеност на млади музички уметници, особено жени, во Македонија?

Искрено, не би знаела да ви одговорам на ова прашање, видејки не ги познавам параметрите за одредување и застапеност на младите музички уметници, особено во Македонија… она што можам да кажам врз база на моите забелешки и искуство, се почуствував дека сме сите во ист сос, само во различни шерпи, во изминативе три години. Многу млади уметници во оваа пандемична ситуација станаа индиферентни, збунети, потиштени, разочарани, обесхрабрени, уплашени, меланхолични, неодлучни, огорчени, несигурни, вознемирени- како замрзнати во скок, не само младите уметнитци, туку целото човештвото се најде во една сотојба на хибернација. Тоа секако имаше одраз и на младите сензибилни уметници… а што се однесува за застапеноста на младите музички уметници генерално во светот, има голем број на млади уметници во оваа област што создаваат дела со жар, автентичност и поради едноставната потреба да творат.

Што би издвоиле од вашиот творечки опус?

Ништо посебно не би издвоила, бидеќи целиот мој творечки опус го сметам како една целина… па така што на вашето прашање не би можела да дадам конкретен одговор, раскажувањето на тоа од што е создаден целиот мој творечки опус се до денес… ке биде како ‘’од Kулина Bана’’, така да подобро да го оставиме ова прашање за некои подобри времиња, кога ке имаме повеќе слободно време за муабет, а помалку за творење.

 

изведувачки уметностиинтервјуаМакедонски Новости