Пристапноста на гласачките места, недоволната едукација на надзорните избирачки одбори, како и слабата инклузивност на лицата со попреченост во изборните процеси во државата се работите за кои Основниот суд во Скопје утврди дека Владата и ДИК прават директна дискриминација кон оваа група на граѓани.
Зошто овие лица постојано се маргинализираат и дискриминираат од институциите во општеството, која е причината поради што овие граѓани немаат соодветна пристапност и инфраструктура до просториите за гласање? Зошто државата со години не ја подига свеста и условите за нормален живот на оваа заедница во општеството?
Дваесет годишната Марија Савеска од Скопје која живее со церебрална парализа, умее да пее, сака да танцува и ужива кога се дружи со пријателите, ни објаснува дека на минатите локални избори, eдвај успеала да го оствари нејзиното прво право на глас. Како што вели таа, тоа го сторила благорарејќи на претходното огромно залагање на нејзината мајка кое резултирало со изградба на пристапна рампа во избирачкото место во населбата каде што живее.
Гости во 25 минути се Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Маја Стојчевски, социјална работничка, Марија Савовска, лице со церебрална парализа и нејзината мајка Оливера Савеска.