Од општинска работа во Петровец преку Министерство за политички систем, а сега во Министерство за надворешни работи. Несудената конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, за две години смени осум државни работни места и заработи хонорари од државни пари во висина од 12 илјади евра.
Во услови на криза, вистинска дилема е како оваа Влада ќе го оствари ветувањето на премиерот Ковачевски дека ќе се намали бројот на вработените во институциите за 20%, истите ќе се реформираат, а граѓаните ќе добијат непартиски, ефикасен и транспарентен јавен сервис.
Листата на институции од кои Бесмира Ејупи била на платен список и добивала хонорари е значително долга. Покрај тоа што ТВ презентерката во исто време заработила илјадници евра од четирите општини (Брвеница, Сарај, Чаир, Петровец), таа работела и во Државното правобранителство како и во Управниот одбор на Македонски железници. Останува мистерија како Ејупи физички во исто време била присутна на сите овие шест локации работејќи при тоа иста работа.
Во јуни оваа година, Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривична одговорност за четворица градоначалници и иницијатива за морална одговорност за државниот правобранител, кој во истиот период ја ангажирал Ејупи.
25 минути за првпат ги открива прекршувањата на законите со Бесмира Ејупи за кои досега, никој не сносува одговорност. Гости во емисијата се Неда Малеска од Центарот за управување со промени, Славица Грковска, вицепремиерка за добро владеење, Ана Чупевска, професорка на Правниот факултет при Универзитет Св. Кирил и Методиј и Тони Гламчевски, дописник на МИА од Нанс, Франција.