Во четврток стартува 42. издание на Скопскиот џез фестивал кој ќе се одржи од 19 до 22 октомври. Грижливо селектираната програма, покрај императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика, годинава ја повикува публиката на будно следење на вредните концертни настани во согласност со мотото на Гард Нилсен Суперсоник Оркестра: „Ако слушаш внимателно, музиката ќе биде твоја!“
Единаесет светски етаблирани состави од САД, Европа, Бразил и Македонија ќе ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивната премиерна изведба на делото „After the Wildfire”, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од норвешките џез ѕвезди Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за Fame’s Institute Orchestra, а во изведбата ќе бидат вклучени и неколку познати македонски пејачки и кавалџии.
Истата вечер во МКЦ ќе настапи култниот композитор, корнетист, пејач, поет и еклектичен ерудит Бен Ламар Геј со неговиот ансамбл. Станува збор за еден од најоригиналните џез-уметници денес, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена и потписник на водечката издавачка етикета во светот кога е во прашање современата креативна музика – International Anthem. Звукот на Геј поседува уникатен, препознатлив стил што тој го нарекува ‘Pan-American’, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од R&B до тропикалија и од хип хоп до електро и современа класика.
Втората фестивалска вечер ќе ја одбележат два различни, но исклучително интересни концертни настапи. Најпрвин, легендарниот италијански саксофонист Роберто Отавијано со својот актуелен проект „Eternal Love“, посветен на Африка, нејзината култура, музика и луѓе, во ера на миграции и расна нетрпеливост што опасно нè потсетува на Америка од 50-тите и 60-тите години. Заедно со својот блескав квинтет, Отавијано нè води на возбудливо патување, во потрагата по звук и јазик што ќе ги обедини слободната импровизација, славната традиција на џезот и културните корени.
Силви Курвоазие и Мери Халворсон се прославени современи импровизаторки кои на апстракцијата ѝ пристапуваат од две различни перспективи: Курвоазие како пијанистка што ги премостува фри џезот и европската класична музика, и Халворсон како деконструктивна гитарска импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена. Нивната музика има во себе нешто треперливо, понекогаш збунувачко, а на слушателите им задава предизвикувачка задача: да ги замислат заедно конструкцијата и негацијата како процес, да ги слушаат хармониите во нивната декомпозиција, да го разберат непознатото како утописка потрага по поинаков јазик, накратко: како една прекрасна авантура.
Полноќниот концерт на домашниот џез состав Cobalt Code Unit ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за четири млади музички аскети кои, низ призмата на авангардниот израз, ги контемплираат хоризонтите на современиот џез, слободната импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж.
Саботната вечер на претстојното издание на фестивалот ќе помине во знакот на две значајни имиња на американскиот џез. Големиот џез пијанист Џејсон Моран ќе одржи соло рецитал. Последното гостување на овој брилијантен уметник на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon. На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.