*Хрватскиот збор што можеби најдобро го опишува зборот gaslighting е „лудило“, иако не ги вклучува сите специфики на овој феномен, ниту пак укажува на контекстот од кој потекнува терминот (повеќе за тоа подоцна).
Накратко, gaslighting претставува форма на психолошко злоставување во кое манипулацијата се користи за да се направи жртвата да изгледа „луда“, односно да се направи да се чувствува непресметливо и да се сомнева во сопственото искуство на реалноста.
Најголемиот дел од постоечката литература за gaslighting доаѓа од областа на психологијата, за која американскиот социолог Пејџ Л. Свит (The Sociology of Gaslighting, 2019), смета дека не е доволна бидејќи на овој начин се занемарува социолошката димензија на оваа сложена појава. Бидејќи тактиките на малтретирање се клучен елемент на gaslighting, Свит забележува дека само социолошката теорија може да објасни како социјалните нееднаквости на макро ниво се претвораат во микро-стратегии на малтретирање.
Свит смета дека е важно да се подигне свеста за тоа како насилниците ги користат родовите стереотипи, социјалната положба на ранливите групи (во смисла на раса, националност, сексуалност итн.) и институционалните нееднаквости – сè со цел да се уништи реалноста на нивните жртви. Заклучоците на Свит се базираат на разговори со експерти, но и на анализа на разговори со жени кои доживеале gaslighting во интимните односи.
Неколку зборови за потеклото на самиот термин: се смета дека доаѓа од драмата на Патрик Хамилтон Gas Light од 1938 година, која беше адаптирана во култниот филм Gas Light (режија Џорџ Кукор) во 1944 година, во кој Грегори (Чарлс Бојер) се обидува да ја убеди сопругата Пол (Ингрид Бергман) дека е луда. Тоа го прави, меѓу другото, со постојано палење и гасење на светилката и уверување на Пола дека тоа се случува само „во нејзината глава“. Потоа, во 1969 година, во научното списание Лансет се појави статија во која Р. Бартон и Џ. А. Вајтхед пишувааат за присилната хоспитализација како форма нa gaslighting, но терминот ќе остане релативно нејасен до 2007 година, кога психотерапевтот Робин Стерн го популаризираше во нејзината книга The Gaslight Effect.
Како што објаснува Свит, она што е клучно е дека gaslighting се случува во меѓучовечките односи каде што има нееднаква распределба на моќта и личноста која е доминантна ја контролира перцепцијата на реалноста на жртвата.
Бидејќи живееме во патријархално општество, односно систем во кој, генерално кажано, мажите се тие кои имаат моќ, gaslighting е исклучително родова појава. Самата можност некого да се нарече „луд“ е родова и се заснова на историски факти кои покажуваат дека низ вековите, жените се сметале за ирационални, премногу емотивни и склони кон лошо расудување. Навистина, како што истакнува Свит, „прогласувањето на жените за „луди“ е една од клучните карактеристики на родовиот систем, особено во областите како што се правото и медицината.
Затоа, без разлика дали конкретниот сторител е маж или жена, жртвата на gaslighting секогаш се конструира во рамка на феминизирана ирационалност: „Родовата нееднаквост е предуслов за gaslighting: им ја одзема социјалната моќ на жените што би им овозможила да ја дефинираат машката реалност на овој начин“, објаснува Свит, истакнувајќи дека тоа не значи дека мажите не можат да бидат жртви на насилство или манипулација, туку дека е многу поверојатно жените да бидат жртви, токму затоа што тоа е родова форма на насилство.
Gaslighting се манифестира како чувство на „надреализам“, конфузија и збунетост кај жртвата, што е последица на манипулација, искривување на фактите и постепен колапс на секојдневието од страна на насилникот. Станува збор за сложени процеси во кои насилникот ја тера жртвата да се чувствува луда или глупава и да мисли дека можеби треба да се предаде и да биде контролирана од друга личност бидејќи поради нејзината „лудост“, таа е всушност личноста што врши насилство и и треба помош ( Џонсон, 2008).
Додека психолошките теории сугерираат дека gaslighting се одвива во затворен круг помеѓу две лица, Свит истакнува дека тоа всушност се потпира и ги продлабочува родовите нееднаквости во интимните односи, но и во поширокиот социјален контекст. Затоа, неопходно е да се препознаат повеќекратни и испреплетени форми на структурна и институционална нееднаквост за да се дојде до социолошката теорија за gaslighting, која мора да ги земе предвид следните фактори: родови стереотипи, различни форми на структурна ранливост и институционална нееднаквост.
Истражувањето спроведено од Свит траеше 18 месеци и вклучуваше проучување на феминистички архиви, длабински интервјуа со експерти кои работат со жртви на семејно насилство, како и животни приказни на поранешни жртви на семејно насилство (43 жени).
Деталните интервјуа и помогнаа на Свит да ги идентификува механизмите кои се централни за сложените општествени феномени како што е gaslighting, а животните приказни беа корисни за контекстуализирање на овој облик на насилство во секојдневниот живот на жените, бидејќи конкретните детали и реалните примери ги осветлуваат линиите што го обликуваат нашето однесување и практики.
На прашањето „Дали мислите дека вашиот партнер/поранешен партнер некогаш свесно направил нешто за да ве убеди дека го губите умот?“, дури 73,8% од испитаниците одговориле потврдно, а 40 од 43 испитаници одговориле дека нивниот партнер барем еднаш ги нарекол „луда“ (најчесто „луда кучка“). Понатаму, на прашањето „Дали вашиот партнер/поранешен партнер некогаш се заканил дека ќе ве пријави во надлежните институции дека сте „луд“ за да ве спречи да добиете нешто што ви треба или сакате?“, околу 50% од испитаниците одговориле потврдно.
„Идејата дека жените се обземени од емоции и неспособни за рационално расудување е конкретизирана во низа навреди и други микро-тактики на контрола и збунетост кои го омаловажуваат искуството на жртвата за реалноста“, објаснува Свит. На пример, момчето на една од соговорниците и го сокрил мобилниот телефон и ја уверил дека го изгубила, што ја збунило и спречило да комуницира со други лица. Поранешниот сопруг на една од соговорничките ги хакнал нејзините профили на социјалните мрежи и создавал објави во кои таа делува нестабилно. Тој, исто така, добил пристап до нејзините банкарски сметки и префрлал пари по случаен избор за да создаде изглед на расеаност, дури и лудило. Третата соговорничка наведува дека била толку исцрпена од манипулациите на партнерот што на крајот почнала да се прашува дали можеби навистина е луда.
Сексуалноста е една од главните области каде што се случува gaslighting. „За жените што ги интервјуирав, нападите врз нивниот сексуален морал беа составен дел од интимната злоупотреба и се засноваа на идејата за женската сексуалност како опасна, девијантна и заканувачкa“, вели Свит. Насилниците ги навредуваат жртвите и/или ги обвинуваат за измама, а тие постојано треба да се оправдуваат и да ги негираат обвинувањата, односно реалноста што насилникот се обидува да ја конструира. На пример, поранешниот сопруг на Роза ги користел обвинувањата дека таа го изневерува како изговор за да ја демне, а потоа и физички да ја нападне. Кога не сакала да спие со него, партнерот на Фабиола ја обвинил дека не го сака, а кога спиела со него, тој ја нарекувал „болна“ и „изопачена“. Поради постојаните обвинувања за изневерување, Карла престанала да ја напушта куќата затоа што повеќе не можела да се справува со лудите приказни што ги измислувал нејзиниот сопруг.
Друга област каде што оваа форма на психичко насилство ги искористува и продлабочува постојните нееднаквости се институциите – на пример, полицијата, судовите и здравството – каде што мажите се во привилегирана положба, а жените често се соочуваат со недостаток на кредибилитет и не ја добиваат потребната поддршка и заштита. Кога станува збор за правниот систем, според Свит, проблемот е што институциите често не им веруваат на жените, ги доведуваат во прашање нивните тврдења и сугерираат дека и тие се делумно одговорни за насилството што го доживеале. На пример, во судските постапки, партнерката на Тина го користела стереотипот за женската склоност кон претерување за да го девалвира нејзиното сведочење.
Системот за ментално здравје, од друга страна, има историја на дискриминација на жените, од дијагнози на „залутани матки“ (wandering womb) до терапија со електрошок. Стигмата на менталното здравје затоа многу лесно може да се искористи против жените, објаснува Свит. Тоа го потврдуваат и приказните на нејзините соговорници, кои откриваат како насилниците ги спречувале да пристапат до здравствени услуги, или ги принудувале да се лекуваат. На пример, сопругот на Маргарет и се заканувал дека ќе и ги одземе децата ако отиде кај психијатар. Подоцна сфатила дека страда од постпородилна депресија, а нејзиниот сопруг и оневозможил да ја добие потребната поддршка.
Прочитајте го целиот текст тука.
Авторка: Тихана Бертек