Граѓанската организација „Стела“ за јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево донираше повеќејазични книжевни дела и научни публикации напишани од страна на женски автори.
Директорката Билјана Петровска изјави дека целта на активноста на „Стела“ која е насловена „Сподели авторка“ е да се донираат книги напишани на македонски, албански и англиски јазик со што директно би се влијаело врз достапноста на пошироката јавност до литература напишана од жени.
„Навистина ми е многу мило што ЈЛБ „Илинден“ е една од библиотеките каде „Стела“ донира 30 книги. Им благодариме и се надеваме на идна соработка. Сето тоа морам да споменам го организиравме преку координаторот за еднакви можности при Општина Делчево, Сузана Петровска“, истакна директорката на ЈЛБ ,,Илинден”.
„Стела“ е граѓанска организација иницирана од група ентузијастки, кои сакаат да го подобрат пристапот до високо образование и економско омоќнување за жени и девојки во Македонија.
„Оваа иницијатива ја започнав преку мрежата „Стела“, на која сум соосновачка. Преку самото менторство бевме инспирирани да ИМ повеќе помогнеме на јавните библиотеки, со цел да го промовираме женското творештво во делот на феминистичката литература“, изјави ко-основачката на „Стела“, Сара Миленковска.
Координаторката за еднакви можности при Општина Делчево, Сузана Петровска, додаде дека конкретната цел на соработката помеѓу јавните библиотеки низ целата држава и мрежата „Стела“ е да се овозможи граѓаните да имаат бесплатен пристап до книжевните дела на жени писателки и до светската феминистичката литература.
„Стела“ ги поврзува жените и работи на креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство. Станува збор за женска мрежа која досега има околу 100 жени менторки од најразлични области. За да дознаете повеќе за мрежата „Стела“, кликнете тука.