Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет во понеделникот ги истакна злоупотребите на правата на ЛГБТИ лицата во Полска и Хондурас за време на нејзиниот говор на отворањето на последната седница на Советот за човекови права на ООН во Женева.
Бачелет изрази загриженост „за постојаната репресија врз ЛГБТИ луѓето и активистите (во Полска), вклучително и ограничувањата на нивната слобода на собирање и поддршката на владата за градовите што се нарекоа себеси – користејќи неприфатлив јазик – ‘зони без ЛГБТИ ’“.
Списание кое ја поддржува владата на полскиот претседател Анджеј Дуда минатото лето дистрибуираше налепници „зона без ЛГБТ“.
Дуда во јуни рече дека „идеологијата“ на ЛГБТИ е поштетна од комунизмот. Јустина Накиелска, претставничката на „Przeciw Homofobii“ ,полска група за застапување на ЛГБТИ лицата, изјави за „Вашингтон Блејд“оваа година дека партијата „Закон и правда“ на Дуда пред парламентарните избори во минатиот октомври ги опиша ЛГБТИ лицата во Полска како „закана за семејството“ и рече дека „сакаат да ги сексуализираат децата“. Дуда победи на изборите во јули.
„Обвинувањето и таргетирањето на малцинска група за политички цели дополнително ја храни нетолеранцијата и дискриминацијата, оштетувајќи го целото општество“, рече Бачелет.
Исто така, Бачелет истакна дека „нападите и насилните смртни случаи на ЛГБТИ лица продолжуваат да се зголемуваат“ во Хондурас.
Таа додаде дека Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН во Хондурас ги „документирала“ убиствата на седум трансродови жени во оваа централноамериканска држава откако владата на претседателот Хуан Орландо Хернандез прогласи вонредна состојба во март поради коронавирусот. Бачелет истакна дека три од овие убиства се случиле во јули.
За време на говорот, Бачелет зборуваше и за влијанието на пандемијата во западната хемисфера.
„Огромното социо-економско влијание на пандемијата КОВИД-19 во регионите низ Америка треба да ги предупреди сите чинители за итноста од решавање на длабоките нееднаквости во развојот во регионот“, рече таа. „Во комбинација со често кревки демократски системи, тоа исто така може да биде предупредување за потенцијално високи ризици од општествени немири“.
Бачелет не се осврна конкретно на родово-базираните мерки за превенција на коронавирусот познати како “pico y género” правила во Панама, Колумбија и Перо, кои транс-активистите ги критикуваа поради тоа што се дискриминирачки.
„Единствениот начин да се постигне одржливо закрепнување ќе биде решавање на основните причини за нееднаквости, исклучување и дискриминација“, рече таа. „Исто така, ќе биде клучно да се зајакне демократијата и да се заштитат човековите права како одговор на зголемените нивоа на насилство низ целиот регион“.
Бачелет е поранешен претседател на Чиле. Генералното собрание на ООН во 2018 година ја одобри нејзината номинација за наследник на Зеид Ра’ад Ал-Хусеин, јордански дипломат, за шеф на човековите права на ООН.
Во 2018 година, САД се повлече од Советот.
Бачелет во својот говор се осврна на Џорџ Флојд кој почина во мај, откако тогашниот полицаец од Минеаполис го задуши со тоа што го притискал коленото врз вратот на Флојд скоро девет минути. Бачелет ги истакна и случаите со Џејкоб Блејк во Кеноша и Даниел Пруд во Рочестер.
„Во Соединетите Американски Држави, пукањето врз Џејкоб Блејк од страна на полицаец минатиот месец во Кеноша, Висконсин, очигледно користејќи прекумерна сила – и деталите што се појавија во врска со смртта на Даниел Пруд во Рочестер, Њујорк – уште еднаш ја истакнуваат потребата за итна и сериозна акција за борба против системскиот расизам и расната дискриминација во полициското работење, како и во самото општество“, рече таа. „Отсуството на одговорност за многу голем број на претходни убиства ја нагласува тежината на оваа криза“.
„Голем број на ветувања за промени беа направени од градовите и полицијата по убиството на Џорџ Флојд во мај – вклучително и од агенциите за спроведување на законот во Кеноша“, додаде Бачелет. „Овие зборови треба да се совпаднат со вистински промени, за да се создаде средина во која афроамериканците ќе се чувствуваат заштитени од органите на прогонот и државата“.
Советот во пресрет на смртта на Флојд едногласно ја одобри одлуката со која се осудува полициската бруталност. Одлуката исто така ја поттикна Бачелет да „подготви извештај за системскиот расизам, прекршувањата на меѓународниот закон за човекови права против Африканците и луѓето со африканско потекло од страна на агенциите за спроведување на законот, особено оние инциденти што резултираа со смрт на Џорџ Флојд и други Африканци и на луѓе од Африканско потекло“ и „да ги истражи начините на коишто владата одговара на мирен протест против расизмот, вклучително и наводната употреба на прекумерна сила против демонстранти, случајни минувачи и новинари “.
Братот на Флојд, Филонис Флојд, разговараше со советот преку видео пред да биде одобрена одлуката.