Ана Блажева, психолог, за случајот „Јавна соба“: Срамот е клучната емоција што најчесто ги држи жртвите целосно осамени во својата болка
За случајот „Јавна соба“ кој одново отвори низа прашања за стигматизацијата и двојната виктимизација на жртвите разговаравме со психологот Ана Блажева, истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки и психолог/психотерапевт во Психотерапика.
Случајот „Јавна соба“ одново ги отвори прашањата за врсничкото и родово базираното насилство, како и за институционалниот отпор кон соочување со суровата, мизогина реалност во која живее секоја жена во оваа држава. Според вас, кој би бил првиот чекор за да се заштитат жртвите директно таргетирани од оваа група?
Насилството и тоа родово базираното е, според мене, најважниот фокус во јавната расправа за случајот „Јавна соба“. Сите други насоки на дискусија треба да се чекираат во однос на насилството што е направено. Дали сите разбираме дека се работи за насилство? Дали ни е доволно јасно како несвесно се стасува од потреба, слобода, забава до повреда? Затоа пред да се дебатира за сексуалност, морал па и закони добро е да се тргне од темата за насилството. Насилството е нанесување повреда. Кога постои повреда значи дека е премината одредена граница во која е нарушено и посегнато по нечие тело, личност, интегритет, живот.
Родовата димензија исто така е важна одредница на случајот и нема што да се релативизира кога се работи за мажи кои се изживуваат и колективно и индивидуално врз девојчиња, девојки, жени. Родово базираното насилство е производ на родова асиметрија, односно патријархалните односи во кои на мажите им е доделена/гарантирана/очекувана моќ врз жените и жените постојат за нивно задоволство, поседување и сл.
Жртвите треба да добијат заштита на неколку нивоа, во своето окружување, од најблиските, од стручни лица и од институциите. Родово базираното насилство е општествена реалност и затоа бара општествен одговор. Но тоа што би требало да биде првенствено таргетирано тоа е насилството.
Дали овие настани би можеле да остават долготрајни трауми кај жртвите и притоа кај нив да се појави и потребата за самообвинување?
Искуството на насилство е трауматично. Секоја од жртвите го носи индивидуално затоа што тоа се пресекува и со многу други аспекти на личноста, претходна историја, актуелни релации и капацитети за заштита, поддршка, самозаштита и самоподдршка. Затоа генерализација не е можна. Сепак ќе се обидам да размислувам за нивното искуство малку подлабоко за да не сведеме само на симптом или етикета, туку на нешто што може да резонира со сите како живеано искуство.
Во злоупотребата и насилството што се починети девојчињата, девојките, жените биле изложени на изживување врз нивното тело. Изложеноста на специфичен поглед, говор и други гестови кои имаат цел да понижат и преку тоа да се оствари некаква гратификација, независно која е потребата, или отсуството на намера да се повреди и што постои посредноста и виртуелноста, се чувствува директно како напад на телото и личноста. Еднакви на посегањето по нивното тело, секој збор, споделување, исмевање остава трага на починет несакан допир директна навреда и повреда. Да се има искуство на такво брутално објективизирање и вулгарност се доживува како директен напад врз себе, сликата за себе, себе вреднувањето. Нападот ја разнишува сигурноста, сигурноста во себе, сигурноста во другите, сигурноста и во физичкиот и во онлајн просторот. Несигурноста значи постојан страв, стравот преплавува и одзема многу од слободата. Влијае не само во лишување од слобода на изразување, движење, контакт туку и други сфери на функционирање – спиење, исхрана, работни обврски итн. Во таа смисла сајбер насилството не е помалку болно или помалку реално или штетно од директно починето насилство.
Заради несразмерност на моќта, табуизирањето на искуството и воопшто моментот на преплавување и директното предизвикување на срам најчесто реакцијата е повлекување. Особено во средина во која токму телото, особено телото на жената е врзано за срам, и сексуалноста за табу. Особено заради несразмерноста на моќта, чопор наспроти девојка. Заради родовата димензија, устројството жените да бидат предмет на објективизација. Патријархалното устројство, дека тоа е машкост и дозволена сексуалност. Устројството дека ако била доволно невина, скромна, чиста немала да биде мета на нападот.
Овие претпоставки и очекувања ја поставуваат сцената. Го дразнат чопорот во силеџиство и празнење, а ја виктимизираат девојката во мрачна и срамна изолација. Несигурноста и немоќта, или безизлезот што се чувствува се основа и за доживеаната трауматизација.
Срамот е клучната емоција што најчесто ги држи жртвите целосно осамени во својата болка. Целата ранливост на тоа што биле изложени, нападнати и повредени останува да гнои во чаурата на срамот. Предолго и премногу жени останале во својот срам, очај и траума сами. Затоа што ништо повеќе од срамот, придружен од страв не нѐ држи целосно изолирани и недостапни. Ништо повеќе не нѐ лишува од контакт и од задоволство, а врзува за трајна болка и постојана спремност да се исчезне, да се стане невидлива, покорна, безгласна.
Самообвинувањето е дел од процесот на засрамување. Постои трансгенерациско искуство и кодекс со кој растеме дека жената треба да биде чиста, скриена, покорна, лојална и омажена за да биде вредна и почитувана. Ако самата се вреднува, покажува и ужива тогаш треба да посрами. Ако доживее посрамување значи дека не е вредна, чиста, достојна…
Сите манифестации и симптоми врзани за овие искуства се човечки, а не патолошки. Затоа не треба да се патологизира искуството на жените туку да се бараат изворите за нанесеното страдање и повреда. Да се оневозможи насилството. Условите кои овозможуваат и доведуваат до насилство треба да се поправаат, а не живеаното искуство на жртвите. На нив им треба огромна поддршка и процес на закрепнување.
Кој би бил најсоодветниот пристап од страна на блиското семејство или пријателите кон жртвите? Во случај да не се чувствуваат спремни да разговараат со некој близок, каде би им препорачале да се обратат?
Првенствено што треба да се осигура е чувството на безбедност. Потоа да има релации од доверба и поддршка за да се сподели искуството, да се поврати сопствената моќ и контрола и да може да започне заздравувањето. Довербата, безбедноста и моќта произлегуваат и од споделено сознание, вредност и убедување дека тоа што се случило не е вина на жртвата, туку проблемот е во насилството што е починето. Односно потребна е средина во која не се засрамува жртвата и не се табуизира искуството на сексуално вознемирување и насилство. Бидејќи самата помисла дека може да биде обвинета од најблиските или да ги засрами и да го пренесе сопствениот срам на нив може да ја држи тајната, зајакнува самообвинувањето, стравот и срамот.
Секако постојат уште многу други нивоа на помагање кои подразбираат довзола да се изживеат сите чувства, нежност во процесот, разбирање на искуството и прифаќање на промените, за да дојде до заздравување. Но основата е да се слуша што е тоа што и треба на личноста, што ќе ја направи да се чувствува побезбедно, да се чувствува дека може да одлучува за себе, дека нема да биде презрена, отфрлена, посрамена, изманипулирана. Дека може да продолжи понатаму.
Се чини дека нашето општество е во целост структурирано да дозволува мажите да бидат насилни, а тоа можеме да го забележиме од игнорантноста на институциите и долгогодишниот отпор за адекватна промена во нашето законодавство, како и во образовниот систем. Се зборува и дека членови во самата група се лица кои работат во државни институции. Според вас, како би можеле да продреме до сржта на проблемот?
Нашето општество не е изолирано во ова. Патријархалната асиметрија на моќта и исклучивоста на воспоставување односи преку доминација не е локална системска проблематика. Во секој случај и ние стоиме на место каде постојано овие воспоставени начини на уредување на односите на сите нивоа и меѓу мажите и жените се предизивкани на промена. Вклучително и овој случај ги отвора и поместува општествените норми, за прв пат јавно се зборува толку жестоко за овој проблем, без да преовлада единствено сензационализам и морална паника, туку да има доволно бројни и гласни дискурси кои поставуваат вистински прашања и даваат поинаква перспектива. Отворањето на тој простор, детабуизирањето и поддршката што е отсликана охрабрува многу жени и девојки да проговорат за долго носените тајни за слични искуства со сексуално вознемирување и насилство. Разбивањето на табуто е важен дел од процесот на разобличување на насилството и неговите ефекти.
Затоа исклучително е важно да се инсистира на општествен консензус во однос на тоа што е насилство, во сите варијанти и форми и да се разобличуваат начините на кои родовата асиметрија произведува насилство. Од друга страна е потребна политичка воља и влог во поставување на јасни регулативи што ќе штитат од насилство. Но регулативите не се доволни сами по себе, потребна ни е едукација, сензибилизација за овие прашања, за да може сите да ја имаме пред себе линијата на неповредивост на личност, тело и интегритет. Суштински важно е овие теми да бидат дел од образовниот процес, од воспитувањето но и од системите на заштита. И суштински е важно да ги препознаеме условите што произведуваат насилство и тие да бидат дел од решението.
Дали поради непреземањето на соодветни чекори од страна на институциите не само што дозволуваат, туку и ги охрабруваат мажите, но и момчињата да бидат насилни?
Непостапувањето на институциите е еден од клучните аспекти што во овој случај јасно беше артикулиран и тоа е значајна заложба. Особено бидејќи долго време живееме во систем што е некадарен да ги спроведува сопствените регулативи и да ги штити граѓаните. Неказнивост на насилството само по себе ги зајакнува и создава условите за појава на насилство, кое многу лесно се манифестира таму каде што постои нееднаквост, каде што некој може да се осети надмоќен а друг поразен, посрамен, покорен.
И да, насилството е охрабрено, особено кај момчињата и мажите, затоа што тоа се вреднува, така се успева, тоа се промовира, така се доминира. Парадоксално но насилството не произлегува од храброст, охрабреност, туку од несигурност, став, обезмоќеност и потреба тоа да се компензира. Кога има некој што е „послаб“ насилството многу лесно станува достапна алатка да се поврати чувство на моќ, но во суштина е јалов обид што води кон двојна деструкција, бидејќи во насилството сите сме губитници. Затоа е потребно повеќе да се вложува и во воспитувањето и едукација на момчињата и мажите како немоќта, несигурноста, стравот и срамот да се трансформираат не преку насилство и доминација врз послаби и произведување на дополнителна немоќ, несигурност, страв и срам туку во вистинско зајакнување, сигурност и моќ што создава, а не што ништи.