Одамна е време за сексуална писменост

Што е тоа сеопфатно сексуално образование и на што ги учи децата и младите? Влегувате во училница со 20 до 25 деца кои доброволно и со дозвола од родителите одлучиле дека сакаат да учествуваат во предавања и работилници на теми од областа на сеопфатното сексуално образование (ССО) и уште од првиот час се соочувате со овие прашања:

Кога треба да го имаме првиот сексуален однос?

Дали ако еднаш ме удри е насилство?

Дали прекумерната љубомора и контрола на телефон и движење е од љубов?

Дали можам да останам бремена од првиот сексуален однос?

Дали мораат моите родители да знаат ако сакам да абортирам?

Дали ако едниот од партнерите е полнолетен, а другиот малолетен можат да имаат секс?

Дали ако еднаш сме дале согласност за сексуален однос важи засекогаш?

Дали сексот треба да изгледа како оној во порнографските филмови?

Дали ако ставам два кондома сум побезбеден?

Дали момчињата секогаш треба да се спремни и да сакаат да имаат сексуален однос?

Дали преку бакнување и допирање може да се пренесе ХИВ/СИДА?

Дали од многу мастурбацијата може да останеме неплодни?

А ако девојчињата треба да одат на гинеколог, ние машките каде можеме да се обратиме? Има ли лекар за нас?

ДА. Ова се најчестите прашања насочени кон едукаторите уште не првиот час, многу често и пред да воопшто започнеме со било какво предавање на темите. Ова говори за тоа колку децата на 13, 14, 15, 16 години (не) се запознаени со сексуалноста пред воопшто да се сретнат со ССО во училиштата. Но ова говори и за потребата и желбата на децата да одлучуваат и разграничуваат правилно, без да си наштетат себеси и на нивните потенцијални партнери. Целта на изучувањето на предметот ССО во училиштата е да децата добијат вистински одговори на прашањата кои веќе ги имаат во своите глави, а ни одблиску да им се наметне и промовира прерано влегување во ризични сексуални односи и активности.

Јас сум Љупка Трајановска и како сениор едукаторка по сеопфатно сексуално образование, која едуцирала повеќе од 500 деца и млади, и учествувала во подготовката за едукации на 25 врснички едукатори, одговорно тврдам дека ние, ССО едукаторите, на ниедно дете, никогаш, не сме наштетиле. Напротив, сме помогнале, сме му верувале и сме го поддржале и заштитиле тогаш кога детето чувствувало дека нема поддршка и доверба од семејството, пријателите и одговорните институции. Како? Така што сме им ги дале точните информации, сме ги насочиле да побараат помош и сме ги поврзале со професионални лица, но и сме ги запознале со нивните граѓански права и интернационалните документи кои ги штитат правата на детето.

ССО превенира, не промовира ризично сексуално однесување.

ССО превенира од појави кои се сѐ повеќе застапени во секојдневието на децата и младите, токму поради немање на доволно точни информации, споделени од професионалци и дадена поддршка и помош од лица од доверба.

Ова се само дел од штетните појави од кои превенира ССО:

  • Родово базирано насилство вклучувајќи врсничко насилство, сексуално насилство, сексуално вознемирување, психолошко насилство, сајбер насилство, интимно партнерско насилство, фемициди, насилство врз ранливи групи како лица со попречености, лица со различна сексуална ориентација од нашата,
  • Прерано влегување во сексуални односи вклучувајќи потпаѓање под притисоците на окружувањето за што порано стапување во сексуални односи како и давање неподготвена и неинформирана согласност за влегување во сексуални односи.
  • Незаштитен сексуален однос кој често води кон несакана адолесцентска бременост, ризични абортуси и инфицирање со сексуално преносливи инфекции кои можат да водат кон сериозни нарушувања на сексуалното и репродуктивно здравје на младите, кое носи трајни последици.
  • Ширење на сексуално преносливи инфекции вклучувајќи ги најзастапените ХИВ, ХПВ, хепатит Б и Ц, генитален херпес, сифилис, кламидија, гонореја, трихомонас, кандида кои поради незнаење, страв и стигма многу често прекасно се откриваат или не се откриваат, а можат да водат кон неплодност и многу посериозни последици.
  • Нездрави адолесцентски врски вклучувајќи прекумерна љубомора, контрола на движење, контрола на телефон и социјални медиуми, контрола на социјален живот и контакти со роднини и пријатели, физичко и психолошко насилство вклучувајќи навреди и понижување.
  • Ширење говор на омраза кон се она што ни е непознато, она со кое не можеме да се идентификуваме, поистоветиме, не ни се случило, вклучувајќи осуда, навреди, понижување, нарушување на углед, а во краен случај и физичко насилство.

ССО промовира здраво, одговорно и информирано сексуално однесување.

ССО промовира: почитување на себеси, своите вредности и вредностите на другите; здрава комуникација; меѓусебна доверба; информирана и доброволна согласност; ненасилно однесување; рамноправно третирање на луѓето; заштита на својата интима и приватност; информираност за своето сексуално и репродуктивно здравје; слободно изразување; родова рамноправност и сите оние здрави вредности кои една млада личност треба да ги поседува за да израсне во човек кој нема да му биде закана на општеството.

Сексуално необразованите генерации, да, сепак се оженија/омажија, добија деца и внуци. За жал, реалноста ни покажува дека добар дел од тие сексуално неписмени генерации и нивни деца и внуци сега се креатори, соучесници, поддржувачи и оправдувачи на ‘Јавна соба’, на сторители на силување, на улично сексуално вознемирување, на различни облици на сексуално насилство на работни места, на семејно насилство, на насилство врз деца и млади.

Оттука, ССО не е ‘светски образовен хит’, туку последователна потреба произлезена од забрзаниот развој на Светот на сите полиња, неизоставувајќи ги децата и младите. ССО ги едуцира и информира момчињата и девојчињата подеднакво, затоа што само преку сеопфатен и рамноправен пристап можеме да градиме здрави општества. Одамна е време за сексуална писменост.

 

Љупка Трајановска, Хера млади
Магистер по род, насилство и конфликти