Пет градови во Југоисточна Европа имаат за цел да станат јаглерод-неутрални до 2030 година
Пет града во пет различни земји од Југоисточна Европа се дел од проект кој има за цел да ги направи јаглерод-неутрални уште во 2030 година, со модел на финансирање за таква амбициозна трансформација кој ќе биде дизајниран на начин што нема да го зголеми постојниот товар на долг или на јавниот и приватниот сектор.
Петте градови за кои станува збор се: Скопје во Северна Македонија, Крижевци во Хрватска, Марибор во Словенија, Сараево во Босна и Херцеговина и Ниш во Србија.
Проектот наречен Финансиски механизам за трансформација за заедниците од Југоисточна Европа, е предводен од Здружението на граѓани SmartUp – Лабораторија за социјални иновации, со седиште во главниот град на Северна Македонија, Скопје. Освен целта за станување јаглерод-неутрални до 2030 година, другата цел е да се трансформираат овие градови во „едни од најдобрите можни места во Европа за живеење, работа и посета“ до 2025 година.
Овие градови ги делат истите предизвици како што се загадувањето на воздухот, лошата инфраструктура, неефикасното обезбедување јавни услуги, емиграцијата и намалената доверба во институциите, но тие исто така имаат огромен потенцијал според SmartUp.
Проектот има за цел да дизајнира иновативен, скалабилен механизам за финансирање за разни проекти, со можни области на примена, вклучувајќи одржлива урбана мобилност, реновирање на стари и енергетски неефикасни згради, премин на цели градови кон обновлива енергија, зачувување и зајакнување на природниот капитал и биодиверзитет, отпорна урбана шума и правилен третман на отпадните води.
Покрај тоа, намерата е да се развие модел на финансирање кој ќе може да се употреби низ градовите и регионите, а со текот на времето може да стане применлив низ сите земји во регионот.
Финансискиот механизам за трансформација за заедниците од Југоисточна Европа е еден од 11-те проекти во Европа и еден од трите во регионот избран од ЕИТ Клима-КИЦ за да добие финансирање како дел од проектите за одговор на пандемијата, со цел да се стимулира создавањето на нови работни места и подобрување на ситуацијата по пандемијата на КОВИД-19.
ЕИТ Клима-КИЦ е заедница за знаење и иновации (КИЦ), поддржана од Европскиот институт за иновации и технологија, со мисија да ја забрза транзицијата кон општество со нула јаглерод, отпорно на климатски промени. Соединувајќи партнери од деловната заедница, академската заедница и јавниот и непрофитниот сектор, ЕИТ Клима-КИЦ поддржува иновативни решенија кои му помагаат на општеството при ублажување и прилагодување на климатските промени, според нивната веб-страница.
Преземено од: https://balkangreenenergynews.com/five-cities-in-south-east-europe-aim-to-become-carbon-neutral-by-2030/