Ана Јакимска: Фикцијата станува една од есенцијалните дејности за нашиот опстанок, преку неа го обмислуваме сопственото постоење во светот и оставаме трага за нашите борби

Пандемијата не поштеди ниту една од креативните индустрии. Филмската и театарската индустрија претрпеа големи промени на глобално ниво, а последиците се уште се присутни насекаде. Во интервјуто со режисерката Ана Јакимска, разговаравме за предизвиците со кои филмските работници се соочуваат поради пандемијата со КОВИД-19, но и за родовата инклузија во филмската индустрија во нашата држава.

Пандемијата со себе донесе и низа потешкотии и предизвици, особено за филмската и театарската индустрија. На кој начин продолжи со твојата работа за време на периодите на рестрикција во движењето кои се уште траат на глобално ниво?

Пандемијата го стави филмот во заден план, заедно со останатите уметности, како дел од дејностите кои не се есенцијални за опстанок. Се согласувам со ова на краток рок, во кризен период како овој, филмот може да почека. Затоа, го одложивме снимањето на новиот проект за речиси половина година, се додека не бевме сигурни дека сите во екипата ќе бидат безбедни и, не помалку важно, платени за својот ангажман. Но, филмот всушност никогаш не „чека“, зашто неговото создавање не престанува само поради објективната реалност и надворешните ограничувања. На долг рок, фикцијата секако станува една од есенцијалните дејности за нашиот опстанок, преку неа го обмислуваме сопственото постоење во светот и оставаме трага за нашите борби.

Според тебе, како може да се постигне повисоко ниво на вклучување на жените кои работат во областите на драмски уметности, особено во Македонија?

Добра почетна точка би била да се постават повеќе жени на одлучувачки места во рамките на културните институции и телата за финансирање. Подолгорочно решение би било да се работи на реформи во образовниот систем и да се види дека жените се претставени во наставната програма на начини што се достоинствени и инспиративни за помладите генерации (и за сите родови идентитети).

Дали забележуваш видливи разлики во вклученоста и целокупниот третман на жените и другите маргинализирани родови идентитети наспроти мажите кои работат во областа на филмот во твоето работно опкружување?

Кога разговараме за прашањето за инклузивноста во филмската индустрија денес, прво треба накратко да ја разгледаме кинематографската историја. Да ја земеме американската филмска индустрија за пример, вклучувајќи го и Холивуд, како највлијателен глас во оваа област. Од сите филмови во историјата на американската филмска индустрија, 95% се режирани од (претежно бели) мажи. Како резултат, природно, мажите го обликуваа кинематографскиот јазик, и наративно и визуелно. Исто така, тие ги поставија мажите во центарот на приказните како протагонисти, а нивниот поглед беше перципиран како „норма“. Во Европа денес едвај 1 од 5 филмови се во режија на жена и само 16% од финансиите се наменети за филмови во режија на жени, според  извештајот на УНЕСКО за 2018 година. Имајќи го ова на ум, не мислам дека проблемот со вклучување во филмската индустрија е оставен на лична интерпретација, тоа е непобитен факт. Тоа е нешто што го наследивме и се нормализира толку долго, што треба активно да бидеме свесни за неговото постоење за да го прекинеме циклусот.

Дали имаш сознанија околу едукативните материјали за драмските уметности што се користат во Македонија и дали сметаш дека со цел да се обезбеди еднаков пристап и мислења за тековниот развој, треба да има поголема едукативна застапеност на научни трудови посветени на улогата на жената во драмската уметност, како и релевантни информации за родовата нееднаквост во филмската индустрија на глобално ниво?

За почеток, додека бев студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, повеќето од моите предавачи беа мажи. Повеќето книги што ги читавме беа напишани од мажи, скоро сите филмови што ги видовме беа режирани од мажи, а говорниците од индустријата кои беа поканети на час беа, како што  претпоставувате – мажи. И не велам дека оваа структура е намерно изградена на начин да се исклучи секое женско присуство – и тоа е всушност најголем проблем. Нашиот образовен систем нè научи да ја поврземе професионалноста со мажите сè до моментот кога стана толку мејнстрим што дури и ние, како жени, почнуваме да го правиме истото. За да започнеме со промена на оваа состојба, потребни ни се реформи кои започнуваат на основно ниво, со часови по македонски јазик и литература каде што младите ги стекнуваат своите првични сознанија за светот околу нив.

Постои една локална парадоксална шега за момче кое доживеално несреќа и нивниот родител кој бил хирург, го примил во операционата сала. Ако хирургот не е таткото на момчето, како е возможно пациентот да е син на хирургот? На луѓето им треба долго време ако воопшто и успеат да дојдат до заклучок дека хирургот всушност била мајката на момчето. Ова се случува поради тоа што нашиот мозок не е навикнат да ги поврзува жените со технички професии за кои е потребно високо ниво на одговорност. За да не постои овој парадокс за идните генерации,  треба да почнеме да воведуваме промени уште денес. Филмовите, со докажано влијание врз мејнстрим сентиментот, наместо да бидат дел од проблемот, би можеле да станат дел од решението.

Краткометражниот филм „The children will come” (2017) неодамна беше објавен и на Cult Shorts, а беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни филмски фестивали и доби 8 награди. Дали би можела да ни раскажеш нешто повеќе околу процесот на снимање и изборот на лицата кои учествуваа во создавањето на филмот?

„Ќе дојдат децата“ беше мојот дипломски филм на ФДУ и прв професионален филм. Филмот беше целосно финансиски поддржан од Агенцијата за филм и на него работеше професионална филмска екипа. Мислам дека тоа што мој проект доби финансиска поддршка додека се уште бев студентка на ФДУ и тоа што професионалците кои беа дел од екипата ми веруваа доволно за да се вклучат, ми беше голем поттик и влијаеше на мојот личен развој како режисерка.

Драго ми е што во екипата се вклучија и луѓе со коишто имав соработувано и претходно во рамки на студентските филмови, како скриптерката Алисија Феро и монтажерот Горјан Атанасов. Покрај возбудата што ја носат новите луѓе во екипата, за мене секогаш е важно меѓу нив да има и познати лица со коишто сум пораснала професионално и коишто ме познаваат.

Кои се за тебе најдобрите филмови на жени – режисерки на нашите простори? 

Од македонската продукција, би го издвоила краткиот филм „Награда“ на Лидија Мојсоска. Мислам дека секој треба да го погледне овој филм, достапен е онлајн (бесплатно) на платформата cultshorts.com. Филмот успева во само неколку минути да го долови апсурдот на етничката сегрегација во едно мултиетничко општество како нашето.

Од пошироката балканска продукција, силен впечаток ми остави филмот „Куќата на Ага“ на Лeндита Зеќирај, долгометражен филм од Косово. Инаку, Косово е земјата од регионот кадешто ми се чини дека женскиот глас се слуша најгласно. Со задоволство ги следам кариерите на режисерките Норика Сефа, Блерта Башоли и Море Рача.

Уште еден филм од регионот што заслужува внимание, пред се поради темата што ја третира, е годинешниот кандидат за Оскар на Босна и Херцеговина, филмот „Quo vadis, Аида“ на режисерката Јасмила Жбаниќ.