Во Франција контрацепцијата станува бесплатна за жени до 25 години

Франција ќе обезбеди бесплатен пристап до контрацептивни средства за жени под 25 години од 1 јануари 2022 година, изјави во четвртокот францускиот министер за здравство Оливие Веран, пренесува порталот France 24.

„Има намалување на употребата на контрацепција кај некои млади жени, главно од финансиски причини“, рече Веран, објаснувајќи зошто е преземена мерката. „Неприфатливо е жените да не можат да се заштитат, да немаат пристап до контрацепција само затоа што не можат да си го дозволат тоа.

Мерката ќе вклучува апчиња, спирала, трансдермален лепенка и некои други форми на хормонална контрацепција.

Досега, возрасната граница за бесплатна контрацепција во Франција беше 18 години. Франција е на самиот врв во Европската унија по бројот на жени кои користат апчиња за контрацепција. Абортусот во Франција е бесплатен.

Овој потег е дел од серијата мерки преземени од владата на претседателот Емануел Макрон за зајакнување на правата на жените и ублажување на сиромаштијата кај младите.

Минатата година, владата им даде бесплатна контрацепција на девојчињата под 15 години за прв пат – претходно таа беше достапна само за девојчиња на возраст од 15 до 18 години – како дел од обидот да се прекинат малолетните абортуси.

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Белгија, Холандија и Норвешка, одлучија контрацепцијата да стане бесплатна за тинејџерите.

Во Франција, бројот на абортуси кај деца од 15-18 години во периодот од 2012 до 2018 година падна од 9,5 на 6 на 1.000 малолетни лица.

 

 

Source France 24 Vox Feminae