Дали за Доналд Трамп конечно заврши шоуто?
Знаеме дека Трамп ќе се обиде да стори сé за да остане на власт, да ја избегне таа крајна катастрофа во животот – да стане „губитник“
Немаше сомнеж во тоа дека Доналд Трамп нема да успее да се упати кон излезот на грациозен и брз начин. Единственото прашање за многумина од нас беше само колку тој ќе успее да стане деструктивен во текот на неговиот пад. Знам дека „падот“ обично е резервиран само за кралеви и тирани, но ние работиме во таков театар, освен што тука кралот одеднаш станува кловн, а човекот на власт е истовремено дете со напливи на бес, без присуство на возрасни лица во собата.
Знаеме дека Трамп ќе се обиде да стори сé за да остане на власт, да ја избегне таа крајна катастрофа во животот – да стане „губитник“. Тој покажа дека е подготвен да манипулира и да го уништи изборниот систем ако треба. Она што е помалку јасно е дали тој може да го стори она што се заканува дека ќе го стори или дали „заканата“ останува да лебди во воздухот како некоја немоќна команда. Заканата за запирање или поништување на гласањето е еден вид спектакл, создаден за конзумација од страна на неговата база. Сепак, дефинирана како правна стратегија од тим адвокати, дури и од адвокати кои работат за владата, таа претставува сериозна опасност за демократијата. Како и многу пати претходно во претседателствувањето на Трамп, останува да се прашуваме дали тој блефира, шемира, глуми (прави шоу) или глуми (прави вистинска штета). Едно е да има некое држење како тип на човек што ќе и нанесе неизречена штета на демократијата, за да се искачи на власт; сосема друго е да се претвори шоуто во реалност, започнувајќи тужби што ќе ги укинат изборните норми и закони што гарантираат гласачки права, удирајќи во самата рамка на демократијата во САД.
Кога одевме на гласање, не гласавме за Бајден/Камала Харис (центристи кои не ги прифатија најпрогресивните здравствени и финансиски планови на Берни Сандерс и на Елизабет Ворен), колку што всушност гласавме за можноста да гласаме, гласавме за сегашната и идната институција на изборната демократија. Оние од нас надвор од казнено-поправните институции живеевме со чувство на трајни изборни закони како дел од уставната рамка што даваше координати на нашето чувство за политика. Многу од оние кои порано не претрпеле обесправување не беа воопшто свесни за тоа како нивните животи почиваа врз основната доверба во законската рамка. Но, идејата за правото како нешто што ги обезбедува нашите права и служи како водилка во нашите постапки е трансформирана во судска постапка. Не постои законска норма за којашто не може да се води парница во времето на Трамп. Законот не постои за да се почитува или следи, туку како потенцијал за судска постапка. Парницата станува крајното поле на моќта на правото и сите други видови на закони, па дури и уставните права, се сведени на предмети за спогодување во таа област.
Иако некои личности го обвинуваат Трамп поради претставувањето на бизнис моделот како начин на управување, не поставувајќи ограничувања за тоа што може да се преговара за неговата добивка, важно е да се воочи дека многу од неговите деловни зделки кулминираат во правни постапки (заклучно со 2016 година, тој беше дел од повеќе од 3.500 тужби). Тој оди на суд за да си го донесе заклучокот кој најмногу му одговара. Кога се водат судски спорови за основните закони кои ја поддржуваат изборната политика, ако секоја правна заштита се прогласи за измама, како инструмент кој им помага на оние што му се спротивставуваат да профитираат, тогаш не останува закон да ја ограничи моќта на парницата за уништување на демократските норми. Кога тој повикува на крај на пребројувањето на гласовите (слично на неговиот повик да се стави крај на тестирањето од Ковид), тој се обидува да ја спречи реализацијата на реалноста и да ја задржи контролата над она што се смета за вистинито или лажно. Единствената причина што пандемијата во САД се одвива лошо , тврди тој, е поради тестирањето кое дава нумерички резултати. Ако не постоеше начин да се знае колку е лошо, тогаш очигледно не би било лошо.
Во раните утрински часови на 3 ноември, Трамп повика да се стави крај на пребројувањето на гласачките ливчиња во клучните држави каде се плашеше дека ќе изгуби. Ако броењето продолжи, Бајден може да победи. За да го заобиколи тој исход, тој сака да го запре пребројувањето, дури и ако на граѓаните им биде одземено правото да им се изброи гласот. Во САД отсекогаш било потребно извесно време за броењето: тоа е прифатената норма. Па, зошто да се брза? Ако Трамп беше сигурен дека ќе победи доколку пребројувањето на гласовите престане веднаш, би можеле да разбереме зошто сака да го запре. Но, со оглед на тоа што тој нема доволно електорални гласови, зошто би сакал да го запре пребројувањето? Ако тужбата што го запира пребројувањето е придружена со тужба за наводна измама (без никаква позната основа за тоа), тогаш тој може да предизвика недоверба во системот, оној што, доколку е доволно длабок, на крај ќе ја даде одлуката на судовите, судовите што си ги присвои, оние за кои си замислува дека повторно ќе го вратат на власт. Судовите, заедно со потпретседателот, тогаш би формирале плутократска власт што би го овозможила уништувањето на изборната политика онаква каква што ја знаеме. Проблемот е сепак дека тие овластувања, дури и ако генерално го поддржуваат, нема да го уништат уставот поради нивната лојалност.
Некои од нас се шокирани што тој е подготвен да оди до овој степен, но ова беше неговиот начин на работа уште од самиот почеток на неговата политичка кариера. Сè уште сме исплашени што ја видовме кревкоста на законите што нè заземјуваат и ориентираат како демократија. Но, она што отсекогаш било карактеристично за режимот на Трамп е дека извршната власт на владата постојано ги напаѓа законите на земјата за истите нешта за кои тој тврди дека тие претставуваат закон и ред. Единствениот начин на кој има смисла оваа противречност е ако законот и редот се исклучиво отелотворени од него. Необична современа форма на нарцисоидност предводена од медиумите на овој начин се претвора во смртоносна форма на тиранија. Оној што го застапува правниот режим претпоставува дека тој е законот, оној што го создава и прекршува законот како што сака, и како резултат станува моќен криминалец во името на законот.
Фашизмот и тиранијата имаат различни форми, како што појаснуваат научниците, и имам тенденција да не се согласувам со оние кои тврдат дека националниот социјализам е моделот по кој треба да се идентификуваат сите други фашистички форми. И иако Трамп не е Хитлер, а изборната политика не е прецизно воен конфликт (сè уште не е граѓанска војна, во секој случај), постои општа логика на уништување што започнува кога падот на тиранинот ќе изгледа скоро сигурен. Во март 1945 година, кога и сојузничките сили и Црвената армија го победија секое нацистичко одбранбено упориште, Хитлер реши да ја уништи самата нација, наредувајќи да се започне со руништување на системите за транспорт и комуникација, индустриските локалитети и јавните комунални услуги. Ако тој тонеше надолу, тогаш и нацијата мораше да тоне со него. Пораката на Хитлер гласеше „Деструктивни мерки на територијата на Рајхот“, но тој беше запаметен како „Nero Decree“, повикувајќи се на римскиот император кој си ги уби семејството и пријателите, казнувајќи ги оние кои беа перципирани како нелојални, со неговата немилосрдна желба да ја задржи власта и да ги казни сите кои биле сметани за нелојални. Кога неговите приврзаници почнаа да бегаат, Нерон си го одзеде животот. Наводно, неговите последни зборови гласат: „каков уметник умира во мене!“
Трамп не беше ниту Хитлер ниту Нерон, но беше прилично лош уметник кој беше наградуван од страна на неговите приврзаници за неговите бедни перформанси. Неговиот изглед пред скоро половина од земјата зависеше од негувањето на праксата со која се дозволуваше една возбудлива форма на садизам ослободена од било какви стеги на морален срам или етичка обврска. Оваа практика не го постигна докрај нејзиното перверзно ослободување. Не само што повеќе од половина од земјата одговори со одбивност или отфрлање, туку и бесрамниот спектакл зависеше од заматената слика на левицата: моралистичка, спремна да казнува и осудува, репресирачка и подготвена да го лиши општото население од секое вообичаено задоволство и слобода. На тој начин, срамот зазема трајно и потребно место во Трамповото сценарио, колку што самото беше изразено на надворешноста и сместено на лево: левицата бара да ве засрами за оружјето, расизмот, сексуалните напади, ксенофобијата! Возбудливата фантазија на неговите приврзаници беше таква што со Трамп срамот може да се надмине, и ќе има „слобода“ од левицата и нејзините казнени ограничувања на говорот и однесувањето, ќе биде дозволено конечно да се уништат еколошките регулативи, меѓународните договори, да бликнува расизмот и отворено да се афирмираат постојаните форми на мазигонија. Додека Трамп водеше кампања пред публика која расистичкото насилство ја возбудуваше, тој исто така им вети заштита од заканата за комунистички режим (Бајден?) што би ги прераспределил нивните приходи, би им го одземал месото и на крајот би назначил „монструозна“ и радикална црна жена за претседател (Харис?).
Венеечкиот претседател, сепак, изјавува дека победил, но сите знаат дека тој не победил, барем не сѐ уште. Дури и Фокс не го прифаќа неговото тврдење, па дури и Пенс вели дека треба да се избројат сите гласови. Тиранинот кој стрмоглаво паѓа надолу повикува да се стави крај на тестирањето, на броењето, на науката, па дури и на изборниот закон, на сите оние незгодни методи за проверка што е и што не е точно за ја спинува неговата вистина уште еднаш. Ако мора да изгуби, ќе се обиде да ја земе демократијата со себе.
Но, кога претседателот сам се прогласува за победник и притоа настанува општа смеа, па дури и неговите пријатели го исмејуваат, тогаш тој е конечно сам со своите халуцинации за себеси како моќен уништувач. Тој може да води судски спорови колку што сака, но ако адвокатите се распрснат, а судовите се веќе уморни, повеќе не слушаат, ќе се најде самиот како владее со островот наречен Трамп, како обичен показател на реалноста. Можеби конечно ќе имаме шанса да му дозволиме на Трамп да стане минлив спектакл од претседател кој, сакајќи да ги уништи законите што ја поддржуваат демократијата, се претвори во нејзината најголема закана, отворајќи го патот за одмор од она што се чинеше како непобедлива исцрпеност. Bring it on, Sleepy Joe!
Џудит Батлер е Максин Елиот професор на одделот за компаративна литература и критичка теорија на Универзитетот Беркли во Калифорнија. Нејзината најнова книга е The Force of Nonviolence (Verso).
Превод: Гала Насева
Повеќе на: Медуза