За вклучување на сеопфатното сексуално образование, од аспект на родител

Сосема случајно, пред некој ден, имав средба со родителка на дете со Даунов синдром. Зборуваме  за моето искуство со син ми Цако, исто така роден со Даунов синдром. Во неврзан муабет дојдовме до темата пубертет, па ѝ ветив дека ќе ѝ го препратам Прирачникот за сексуалност, сексуално и репродуктивно здравје кај лицата со интелектуална попречност, изготвен од ХЕРА.

Тоа ме потсети на сите мои активности со ХЕРА поврзани токму со темата за сексуалноста и сексуалното и репродуктивното здравје, во кои бев вклучена како родител на дете со попреченост, но и на други две деца со типичен развој.

Морам да признаам дека соработката со ХЕРА не ми претставуваше никаков проблем или притисок, затоа што сум истомисленик со нивните идеи, заложби и активности од оваа сфера. Токму затоа и ќе истакнам дека јас како родител мислам дека овие теми не смеат да бидат табу и дека ние родителите мора да се појавиме во улога на примарни едукатори. Нашите деца се наша одговорност и мора да учествуваме во нивното воспитување во сите сегменти на живеењето. Истото го имам наследено од мојата мајка, која со мене и брат ми најотворено зборуваше за сексот, контрацепцијата, мастурбацијата, бременоста, абортусот.

За жал, нашето општество е конзервативно, како впрочем и поголемиот дел од родителите, па децата ја немаат таквата можност каква што сум имала јас или моите деца и нивните пријатели и пријателки. Децата кои не разговораат со своите родители ги добиваат основните  познавања за ваквите табу теми од интернет, од улица, од „повозрасните“ деца, од некои чичковци и тетки, па и не треба да се чудиме кога, за жал,  има сексуална злоупотреба, предвремена и непланирана  бременост и слично.

Ова, чинам, особено е присутно кај децата со попреченост и исклучително кај оние со интелектуална попреченост кои  често се жртви на други луѓе или на сопствени психози поради потиснуваниот нагон кој им се развива природно. Често пати, родителите кон овие деца ги упатуваат зборовите дека е срамота за тоа да се зборува, дека не смее да се допираат сопствените полови органи, дека тоа не е за нив, па децата остануваат неразбрани, збунети, фрустрирани. Мора да се признае и дека често самите родители, дури и да сакаат, не знаат како да разговараат со своите деца затоа што не се доволно остручени, па токму затоа на родителката со која имав средба ѝ го препорачав конкретниот прирачник на ХЕРА.

Сепак, ниту родителите ниту ХЕРА не се ни оддалеку доволни: самите родители и да сакаат не знаат како, а за ХЕРА кој чул и видел, кој не, па затоа е потребно системско, институционално решавање на овој значаен сегмент од животот на младите. Затоа го поддржувам концептот за сеопфатно сексуално образование во рамките на образовниот систем со единствена цел младите генерации да ги добијат основните познавања од оваа област.

Како што  можам да забележам, за жал, ваквиот концепт и ваквите заложби наидуваат на многу осуди и негативни критики. Тоа ме враќа во минатото, па си спомнувам за мајка ми која исто така во седумдесеттите години беше напаѓана и критикувана од околината бидејќи наводно била безобразна и невоспитана мајка која нè терала мене и брат ми на предвремен секс. Никој од нив немаше сила да сфати дека таа всушност ни ги дава основните познавања на овие теми, кои нас на тие години и тоа како нè интересираа – со цел само да нè заштити.

Ваквите напади ме навраќаат и на една друга ситуација кога јас лично бев нападната токму од родителка на дете со посебни потреби откако на мојот ѕид на Фејсбук споделив објава за поддршка на кампањата на УНИЦЕФ за правото на семејство (брак и љубов) и на лицата со пореченост. За родителката беше несфатливо друг родител на дете со посебни потреби да му го признава ваквото право на своето дете. Нема да ги пренесам негативните коментари, но ќе речам дека за моја среќа и за среќа за лицата со попреченост, имаше и многу позитивни реакции. За другиве, пак, само ќе речам: Добро, бе, драги луѓе, ако не се зборува на овие теми и се ставаат под тепих, зарем тие нема да постојат? Ако ги затвориме ушите и очите и ги пикнеме главите како ној во песок, сме решиле се? Не! Не! И не!!!

Доволно сме возрасни и умни за да не избегнуваме одговорност кон сопствените деца и младите, затоа што тие се нашето богатство, но и нашата иднина. Не смееме да замижиме пред природата, туку, свесни за сево ова, мора да ги отвориме очите и да ги поддржиме заложбите за подобро утре на оние кои за тоа се залагаат. За нас, за нашите деца, за младите, за образованието.