Косовските демонстранти протестираат против сексуалното насилство по силувањето на 11-годишно дете
Демонстрантите се собраа во Приштина за да го осудат силувањето на малолетно девојче и да ги повикаат косовските судски власти да преземат посилни мерки во случаите на сексуално насилство.
Група демонстранти се собраа во вторникот на главниот плоштад во Приштина за да го изразат гневот поради силувањето на 11-годишно девојче во градскиот парк изминатиот викенд.
Полицијата во понеделникот вечерта извести дека пет лица се уапсени, од кои три лица се малолетни, поради сексуалниот напад во неделата. Судот во Приштина на двајца од нив им одреди 30-дневен притвор.
„Не пропадна само државата на денот кога се случи силувањето, не пропаднаа само државните институции. Сите потфрливме“, изјави Џералдина Реџепи од Приштина на протестот.
„Ние како општество не правиме ништо. Не можеме да чекаме државата да ни ја заврши работата. Мора да тргнеме од себе за да направиме промена во општеството“, додаде Реџепи.
Друг демонстрант, Шукри Реткоцери, рече дека злосторството го шокираше Косово и ги повика властите да направат истрага за судиите и обвинителите за да видат „дали ја вршат својата работа правилно“ кога станува збор за справување со случаи на сексуално насилство.
Во анализата во мај оваа година, БИРН откри дека косовските судии најчесто носат поблаги одлуки во случаите на сексуално насилство.
Студијата вели дека од 2015 до 2020 година, обвинителите поднеле повеќе од 521 обвинение за сексуално насилство. Но, само 140 пресуди резултирале со затвор, додека 189 предмети пропаднале бидејќи поминал рокот на застареност, а 79 завршиле со парични и условни казни.