На 25 април во 19:00 часот во Центарот за култура Битола ќе се одржи промоција на повеќејазичната збирка на кратки раскази на тема помирување, од конкурсот „Бибер 05“.
Промоцијата е организирана од страна на тимот на Бибер и Мировна акција од Прилеп, и во неа ќе учествуваат повеќе авторки и автори од Македонија и регионот – Сања Мучкајева Видановска – авторка од Битолa, Амина Каја – авторка од Приштина, Срѓан Миљевиќ – автор од Белград, Ивана Франовиќ – Центар за ненасилна акција Сараево – Белград, и Калина Малеска – членка на жирито од Скопје. Модераторка на разговорот ќе биде др Ангелина Станојоска
Збирката на раскази е плод на „Бибер 05“ конкурсот за кратки приказни на тема помирување во контекст на оставштината на војните и насилствата во земјите од поранешна Југославија.
Се работи за раскази кои може да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и разградба на предрасудите, антивоени раскази кои се занимаваат со соочување со минатото, разградување на сликата за непријателите, сочувство со другите, храбри приказни кои се осмелуваат да чекорат во „непријателските“ чевли, приказни кои ги поместуваат границите и отвораат патеки по кои може да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Конкурсите и сите збирки се повеќејазични и на нив може да учествуваат автори и авторки кои пишуваат на албански, босански, црногорски, хрватски, српски или македонски јазик.
Електронските изданија на сите „Бибер“ збирки може да се најдат на страната и се бесплатни за преземање.