Разговор со Тони Китановски: Артистите и публиката еден ден повторно ќе се сретнат во иста сала и сè ова ќе изгледа како лош сон

Вечерва, на 15.10. 2020, Тони Китановски настапува на 39. Skopje Jazz Festival, 14-17 October со својот Little Big Band, специјален фестивалски проект кој беше составен токму за Скопскиот Џез Фестивал. Неговиот прв настап на СЏФ е забележан пред точно 20 години, во дует со Зоран Маџиров (RIP), во истата година кога на фестивалската програма фигурираа имиња како Sun Ra Arkestra, Ahmad Jamal, Carla Bley, Paul Motian, Hamiet Bluiett, Kahil El’Zabar, Marisa Monte, David Murray... Концертот на дуетот Тони Китановски / Зоран Маџиров на 19. Скопски џез фестивал беше снимeн и неколку месеци подоцна објавен на компакт-диск, издание на SJF Records. По повод неговиот настап на овогодинешната едиција на СЏФ, разговаравме за неговото творештво, инклузијата на жените - музичарки во џезот и предизвиците кои со себе ги донесе КОВИД-19.

Во последните неколку месеци, принудени сме поголемиот дел од културните настани да ги следиме „онлајн“. Што мислите за оваа промена, дали е воопшто споредлива со настапите во живо?

Ништо не е споредливо со настапите во живо. Артистите и публиката еден ден повторно ќе се сретнат во иста сала и сè ова ќе изгледа како лош сон. Но целава работа на која сè уште не и се гледа крајот повреди многу прекрасни музичари.

Онлајн има ист вкус како недозреаното овошје што го јадеме секој ден.

Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте изминатиов период и дали изолацијата ви влијаеше врз творењето?

Најголемиот предизвик беше во рамките на фамилијата. Нашата ќерка Луна сред карантинот дипломира на УКИМ, следуваше барање мастер програма, прибирање документи за упис, вадење виза, обезбедување транспорт…вообичани работи кои и онака бараат време и ангажман но во услови на светска пандемија стануваат вистински предизвик. Се заврши успешно и она е сега во Ница поминувајќи го времето помеѓу часовите на прекрасните плажи на Јужна Франција. Но, не сите ја имаа нејзината среќа. За мене, во ова лудо време младите се најголемите херои.

Што се однесува до творењето, секако дека имаше малку повеќе време за усовршување на инструментот. Најголем дел од времето го посветив на продлабочување на знаењата за африканските ритмови, една од моите најголеми и најдолги љубови…

Во најискрена форма, творењето нема врска врска со ништо друго освен со твојата внатрешност. Тоа значи дека ништо од надворешниот свет (освен страдањата на другите живи суптества) се небитни за творецот, независно дали си на прекрасна плажа, гледаш егзотични хоризонти, или се случува некој вирус, астероид или бомба паднала, цунами…

Сепак, едно несекојдневно искуство беше извор на најголемата нелагодност – неможноста да си на сцена со други музичари.

Skopje Jazz Festival ©

Како се формираше Little Big Band и кои музичари се дел од моменталниот состав кој ќе настапи на Скопскиот Џез Фестивал оваа година?

На секои неколку години се случува реинкарнација на овој состав. Овој ансамбл денес е собран специјално за задоволување на програмската активност на Скопскиот џез фестивал. Негови членови се:

Тони Китановски, композитор/диригент, гитара, перкусија

Кирил Кузманов, алт-саксофон, флејта

Петар Христов, тенор-саксофон, кеман (lyra)

Нинослав Димов, баритон-саксофон

Трајче Велков, труба, алт-туба

Техемана Скендеровска, труба, вокал

Александар Нинич, туба

Кирил Туфекчиевски, бас

Виктор Филиповски, тапани, перкусија

Гостуваат:

Асан Рашид – труба

Наталиа Ман – харфа (снимка)

Според вас, кои се најголемите разлики помеѓу развојот и динамиката на џез сцената во САД и џез сцената на Балканот, особено во нашата држава?

Хаха, отприлика исти како и помеѓу развојот и динамиката на науката во потрага по хит вакцината. Џез сцената во САД (не насекаде во оваа голема земја туку во само неколку големи градови на чело со Њу Јорк) е жива и се менува секојдневно, еволуцијата е постојана. Сериозниот пристап и големата концентрација на врвни џез артисти не може да се најде на друго место на планетава. По отворањето на одделот за џез студии на музичката академија во Штип се случи ренесанса на македонската џез сцена иако не сите исклучителни млади музичари се дипломци на оваа високо-образовна установа. Слично се случува и во остантите делови од регионот штом ќе се обезбеди квалитетно образование. Но, тоа е евидентно за секоја област, не само за џез музиката.

Да не заборавиме дека двигатели на развојот се индивидуалци, а не маса уметници со дипломи во рацете. Прецизен одговор на вашето прашање ќе одземе многу време и простор.

Skopje Jazz Festival ©

Последните неколку години, сите имаме можност да посведочиме промени и на музичката сцена која станува поотворена и за жени – џез музичарки, особено по отворањето и развојот на одделот за џез музика на Факултетот за музичка уметност во Штип. Дали сметате дека џез сцената во Македонија станува поинклузивна, во реципроцитет со континуираното развивање на академските студии?

Секако да! Но, далеку од тоа што треба да биде. На сите девојки на Балканот би им препорачал  – земајте инструмент во рака и нека тој инструмент биде по ваш избор! Не слушајте никого, особено кога сите па и најблиските се против вашите желби! Најдете си го најдобриот учител за вас независно дали во некое училиште или надвор од него. Не плашете се да и се посветите на музиката па дури и ако учите нешто друго – и онака сте препаметни да студирате само една работа!

Ќе бидам најсреќниот џезер кога Тони Китановски Биг Бенд ќе биде составен од барем половина музичарки.

Сè уште живеме во машки свет и тоа во најмала рака ми е одвратно и ме прави бесен!

Вие сте еден од најреномираните музичари во нашата држава и во регионот, со оглед на тоа што со вашето творештво оставивте „legacy” кое ќе остане запаметено засекогаш. Кој би бил вашиот совет за новата генерација на џез музичари?

Никогаш да не очекуваат вложениот труд да им се врати во форма на материјална придобивка.