Родилка оставена без матка, бубрег и јајник: Лекарската комора не смета дека имало пропуст од страна на докторот Мухамед Асани

И покрај тоа што струшкиот лекар Мухамед Асани непотребно и без дозвола и ги извади матката, бубрегот и јајникот на пациентката Јилдиз Веапоска, Лекарската комора констатираше дека немало лекарски пропусти при процесот на пораѓање. Лекарската комора се уште нема јавно образложено зошто биле отстранети тие органи, а следува она што беше констатирано во Извештајот кој пристигна од Лекарската комора:

– Пациентката е соодветно примена и адекватно предоперативно подготвена за елективно завршување на бременоста.

– Не се евидентирани пропусти при оперативното завршување на породувањето и во текот на постоперативно следење и менаџмент на пациентката.

– Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пацинетката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пацинетката во услови на живото-загрозувачка состојба.

Тој додаде дека за дивата ординација која Асани ја имал дома, а за која ДЗСИ одлучувал, има постапка во обвинителството во Струга.

 

Оттука, остануваат многу неодговорени прашања кои очигледно ниедна надлежна институција досега не се осудува да ги одговори, а со самото неодговарање повторно покажува дека женските тела остануваат незаштитени од страна на ниедна надлежна институција.

Веапоска изјави за јавноста дека се сомнева во пристрасност на комисијата на Лекарската Комора која го вршела надзорот и бара Комората да и објасни како е можно немало грешка на докторот Мухамед Асани.
 

„Нека излезе Лекарската комора јавно нека образложи медицински зошто се тргнати тие органи, ако немало лекарски пропуст. Тогаш што може да има. Што довело до тоа Асани на таков начин да морал да ми го спасува животот и да мора да ми ги вади органите со кои не сум имала никакви проблеми?“ Изјави Веапоска. Веапоска додава дека не и било дозволено да дознае кои се членови на Комисијата на ЛКМ која вршела надзор. За разлика од неа и нејзиниот адвокат, Асани тоа го дознал. Според сознанијата на Веапоска, членовите на Комисијата по надзорот отишле на ручек, заедно со Мухамед Асани. 

Од Лекарската комора изјавија:

“Не се евидентирани пропусти при оперативното завршување на породувањето и во текот на постоперативно следење и менаџмент на пациентката. Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пациентката во услови на живото-загрозувачка состојба. По направениот увид во медицинската документација и разговорот со медицинскиот тим од ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ Скопје кои учествувале во третманот и лекувањето на пациентката констатираа дека: Од моментот на приемот до моментот на исписот таа е третирана согласно постоечките медицински норми и стандарди.”