САД: Правниот статус на абортусот се менува од ден на ден откако Ро против Вејд се поништи
Во некои држави, правниот статус на абортусот веќе се смени неколку пати од одлуката на Врховниот суд минатиот месец.
Законите за абортус во САД се менуваат речиси секојдневно, поради големиот број петиции од републиканските јавни обвинители кои бараат од судовите да дозволат да стапат на сила нивните државни забрани, а активистите за правото на абортус се надеваат дека забраните ќе бидат блокирани или поништени.
Промените на државните закони и баражот од судски поднесоци покажуваат дека за скоро половина од Соединетите американски држави, правниот статус на абортусот останува неизвесен речиси две недели откако Врховниот суд ја отфрли пресудата од случајот Ро против Вејд.
Девет држави го забранија абортусот во речиси сите случаи, освен ако не е неопходно да се спаси животот на бремената личност, или по шест недели од бременоста – момент во кој многу луѓе сè уште не знаат дека забремениле. Четири држави имаат забрани за абортус кои треба да стапат на сила во наредните денови и недели. Осум држави имаат забрани за абортус кои се блокирани од судовите.
Во Кентаки, забраната за абортус која стапи на сила на 24 јуни, беше привремено блокирана од судот на 30 јуни, а следната средба на која ќе се решава за промените е закажана за следната недела.
Во Охајо, шестнеделната забрана за абортус во државата стапи на сила откако судот ја укина забраната за законот на 24 јуни.
Во Тексас беше дозволено забраната за абортус да стапи на сила според наредбата на државниот Врховен суд во петокот, иако забраната може да се спроведе само граѓански, а не кривично. Абортусите беа дозволени додека не се открие феталната срцева активност, обично околу шестата недела од бременоста.
Во Флорида, новата 15-неделна забрана за абортус, која стапи на сила во петокот, беше накратко прекината во вторникот од страна на Судот, пред државата веднаш да поднесе жалба – што предизвика автоматско задржување на забраната, со кое беше дозволено законот да стапи на сила.
И во Мисисипи забраната за абортус беше потврдена од републиканскиот јавен обвинител на 27 јуни. Од четвртокот, оваа одлука почна да се спроведува, а поборниците и активистите за правото на абортусот се обидоа да го спречат стапувањето на сила на новиот правен акт, но судијата донесе одлука против нив во вторникот.
„Состојбата се менува од час во час“, рече Ентони Ромеро, извршен директор на ACLU. „Веќе е очигледно дека одлуката на Врховниот суд ја втурна оваа земја и самиот суд во историска криза“.