Филмска програма на фестивалот за феминистичка култура Прво па женско #9

Со огромно задоволство и радост Тиииит!Инк. ви го најавува деветтото издание на фестивалот за феминистичка култура Прво па женско #9. Годинава фестивалот ќе се одржи од 10 до 16 јуни, во Младински културен центар – Скопје, Музеј на современа уметност – Скопје, Факултет за драмски уметности, кафе книжарница Буква, а програмата ќе опфати изложба, разговори, театарска претстава, филмска програма, диџеј сетови, концерти и работилници.

Годинава Прво па женско #9 отвора дискусија и го преиспитува концептот на ‘јавно’, во контекст на светска пандемија, но и локално. Во време на екстремно видлива родова, класна и расна поделеност, просторот помеѓу нас освен што стана визуелен симбол на пандемијата, дотолку појасно ја откри и тензичната сопоставеност на јавните и приватните добра.

Токму овие идеи се и појдовната точка за филмската програма оваа година. Деветтото издание на Прво па женско ви ја претставува овогодинешната филмска програма “Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија” на која многу ѝ се радуваме и со која повторно се враќаме во Музејот на современата уметност – Скопје, на 12.06. во 20 часот.

Преку овој ‘критички феминистички гест’, како што ќе го претстави програмскиот концепт кураторката на програмата Кумјана Новакова, споделуваме нови форми на раскажување и имагинативна артикулација, на парцијални наративи и контра-наративи, на радикално поврзување, и на “ризично читање”. Програмата се гради на основите на екофеминистичките политички, теориски и естетски позиции, а со цел насочување на енергијата кон заедничкото и кон можноста за заедничко делување, кон новите и здружени сродства помеѓу човечкото и нечовечкото, луѓето и животните, растенијата и технологијата, минатото, сегашноста и иднината, делумното и контрадикторното. Така, со овој критички феминистички гест ја одбиваме идејата за именување на совршено вистински женски јазик како уште една тотализирачка и империјалистичка идеја, прифаќајќи го реструктурирањето и пречитувањето на делумното како нова заедничка активност која би можеле да ја практикуваме.

Ве покануваме да присуствувате на овогодинешната филмска програма, која ќе се одржува во Музеј на современата уметност, во Скопје. Сите настани, вклучувајќи го и овој, ќе се придржуваат кон протоколите за заштита од пандемијата.

Во соработка со иницијативата Од нула до нула, ја адаптиравме нашата програма и се потрудивме реализацијата на ПРВО ПА ЖЕНСКО да има што е можно помал еко-отпечаток и помалку отпадоци.

Програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto žensk од Љубљана, К-Zona/VoxFeminae од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.

Овогодинешното издание на Прво па женско е поддржано од: Програма Креативна Европа на Европска комисија, Фрида – фонд за млади феминистки (FRIDA | The Young Feminist Fund), Министерство за култура, фондацијата Квина тил квина (Kvinna till Kvinna Foundation), Град Скопје.

Ви ги претставуваме филмовите кои се дел од програмата годинава:

Камерадин, Доплгенгер
Србија
2018 [6’ 10″]

Составен од архивски снимки од југословенското филмско творештво, филмот започнува со зборовите на Милена Дравиќ во филмот „Вилхелм Рајх: мистериите на организмот“  на Душан Макавејев. Потоа следува распарченото искуство на една жена и нејзиното скршено тело како резултат на патријахалното влијание.

Доплгенгер (Doplgenger) е уметничко дуо од Белград составено од Исидора Илиќ и Бошко Простран. Доплгенгер работат како филмски/видео уметници, истражувачи, писатели и куратори. Во своето творештво се занимаваат со  врската помеѓу уметноста и политиката, преку истражување на шемите на подвижните слики и како тие се перцепцираат. Се потпираат на традицијата на експерименталната филмографија и видеографија и преку одредени постапки на  овие традиции интервенираат на постоечките медиуми или креираат пошироки филмски форми.

Причина за смрт, Џиоти Мистри
Јужна Африка, Австрија
2020 [20’]

Женските тела се постојано изложени на ризик. Обдукциските извештаи секогаш ја наведуваат причината за смрт, меѓутоа чисто како физичка активност, притоа изоставувајќи ги структурните и повторувачки насилства врз женските тела, чиј резултат се фемицидите.

Џиоти Мистри (Jyoti Mistry) – филмското творештво на Џиоти е интеракција помеѓу кинематографските традиции и инсталациската уметност. Џиоти реализирала уметнички резиденции во Холандската Филмска Академија во Амстердам и во Калифорнискиот колеџ за уметност во Сан Франциско, и била дел од жирито на 68то издание на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал – Берлинале. Моментално работи како професорка по филмска уметност на Универзитетот го Гетеборг.

Растение (879 страници, 33 денови), Рут Холфлик
Австралија
2020 [14’45”]

Во 1980те, во семејните архиви на една фамилија од југо-западна Германија, е пронајден записник од судење на една вештерка. Растение (879 страници, 33 денови) открива разговор помеѓу мајка и ќерка во кој се опфатени историски факти за судењето, како и личните но и врскитена нивните предци со местото. Сликата на прогонот која недостасува е заменета со колекција фотографии, подредени и прикажани низ филмот за физички и сензорно да ја прикажат премолчената историја и нејзиното предавање од генерација на генерација.

Рут Хофлих е визуелна и филмска уметница родена во Минхен, Германија, која моментално живее во Мелбурн, Австралија. Нејзините филмови се прикажани на повеќе филмски фестивали и институции интернационално. Во 2019 станува редовна соработничка на Државната библиотека во Мелбурн –  Џорџ Мора (Georges Mora Fellowship), а претходно ја има добиено наградата Emerging Artist од Градот Минхен. Рут има магистрирано ликовна уметност на колеџот Бард во Њујорк.

Филмски перформанс: Земја Женска, Кортни Стивенс
САД
2017–21 [62’”]

Кортни Стивенс ни прикажува селекција на “домашни патописи” – аматерски филмови снимени од жени во периодот помеѓу 1920 – 1940 години. Наменети да бидат прикажани пред пријателите и членовите на семејствата на авторките, филмовите претставуваат нешто помеѓу домашен филм и случаен етнографски запис. Преку нив се запознаваме со еден нов вид на патник – којшто не е (вообичаено маж) во потрага по освојување територии, туку може да биде и разведена жена на туристичка тура низ библиските градини, или вдовица на крстарење до Северниот пол. Овие оптички автобиографии го претставуваатт светот низ очите на првите жени кинематографки, истовремено покренувајќи прашања за политиката на погледот.

Кортни Стивенс е продуцентка која живее во Лос Анџелес. Нејзините нефиктивни и експериментални филмови се занимаваат соконтурите на јазикот, со историски спомени и со животите на жените. Нејзиното творештво е претставувано ширум светот, вклучувајќи го Berlinale, the Museum of Modern Art, New York Film Festival, AFI Fest, South by Southwest, Art of the Real, The Garage Museum of Contemporary Art и на Интернационалните филмски фестивали во Хонг Конг, Камден, Мумбаи, Луксембург, Дака и Сан Франциско.