За прв пат работниците во граѓанскиот сектор во Хрватска се организираа на национално ниво во синдикат кој се бори за работничките права на сите што работат во здруженија, задруги, фондации, синдикати и политички партии. СКУПА – Синдикалниот колектив на несигурни работници и активисти ги овластува работниците во граѓанското општество и обезбедува организирана поддршка во борбата за работнички права и пристојни услови за работа и подобрување на работата на граѓанскиот сектор во целина.
СКУПА е основан затоа што има потреба да се работи на конкретни проблеми во граѓанскиот непрофитен сектор, кои произлегуваат од начинот на работа, но и финансирањето на здруженијата.
Во контекст на подобрување на работничките права, СКУПА ќе работи на две нивоа. На едно ниво, синдикатот ќе предупреди на штетните практики на работодавачите и ќе дава конкретни предлози за тоа како може да се подобрат работните услови, вклучително и работни методи и борби што му се достапни на синдикатот, како што се преговори или штрајкови.
На второ ниво, делувајќи кон јавните и приватните донатори, СКУПА ќе се бори за промена на правилата за финансирање што би им овозможило на здруженијата и другите организации финансирани преку јавни повици да ги почитуваат работничките права.
Имено, поради финансирање на проекти, здруженијата често не се во можност да ги почитуваат сите одредби од Законот за работни односи. На пример, тие често не можат да платат отпремнина во случај на престанок на работниот однос или плата за прекувремена работа бидејќи здруженијата се непрофитни организации и ниту еден проект не предвидува такви трошоци. Целта на СКУПА е да се дадат конкретни предлози за решавање на овие предизвици, а идеи и практики веќе постојат.
„Добрите практики кои постојат во секторот често се засноваат на неформални договори и добра волја на здруженијата и лицата кои ги водат, а ние како синдикат сакаме да ги детектираме овие практики и да ги систематизираме да станат правно обврзувачки и токму тука гледаме додадена вредноста на организираните работници и синдикатот“, изјави Лана Кучер, член на Главниот одбор.
Преку својата работа, граѓанскиот сектор често реагира на социјалните нееднаквости, дава поддршка на оние кои се маргинализирани и чии права се повредени. Но, како и во другите сектори, така и во граѓанскиот сектор има работодавци кои ги прекршуваат работничките права на своите вработени, што доведува до несигурни и нестабилни услови за работа, лоши плати и неизвесни договори за работа. Поддршка во решавањето на овие проблеми со кои се соочуваат работниците во граѓанското општество ќе даде новоформираниот синдикат СКУПА и на тој начин да се изгради општество во кое секој ќе може да живее од својот труд.