Како да ги заштитиме младите од сексуално насилство и предаторство?

Од оваа година, сеопфатното сексуално образование ќе стане дел од наставната програма во основните училишта низ Македонија. За таа цел, веќе започна обучувањето на наставниците, а пилот-проектот веќе почна да се спроведува во неколку училишта од септември, 2021 година.

Со започнувањето на пилот-проектот за сеопфатно сексуално образование (ССО) во септември оваа година,  младите кои живеат во Македонија за првпат ќе можат да добијат сигурни, научно базирани и сеопфатни информации во училиштата. Темите кои веќе се предложени во пилот-проектот се поврзани со родовиот идентитет, телото и слика за телото, сексуалното и репродуктивно здравје, сексуалноста и сексуално однесување, како и различните форми на насилство, вклучувајќи го и насилството во онлајн просторот и насилството во секојдневниот живот.

И покрај поларизираните дебати за спроведување на ваков вид на настава на европско ниво, голем број на земји-членки на Советот на Европа постигнаа значителен напредок во последните децении во насока на обезбедување на сеопфатно сексуално образование и подобрување на неговата содржина. Овој вид на образование не само што им помага на младите да стекнат соодветно знаење за биолошките разлики помеѓу половите и репродукцијата, тоа им помага да ги спознаат нивните права и ги информира за родовата еднаквост, сексуалната ориентација, родовиот идентитет, но и да препознаат несакан физички контакт, насилство и сајбер вознемирување.

Што претставува сајбер вознемирување (cyber bullying)?

Сајбер -малтретирањето е малтретирање со употреба на дигитални комуникациски алатки како што се мобилните телефони и Интернетот. Истото најчесто се одвива на социјалните медиуми како Инстаграм, Тик Ток, Фејсбук и нивните платформи за пораки, како и на  платформи за игри.  Ваквото однесување е долготрајно и повторливо, а неговата цел е да ги исплаши, да ги натажи, засрами или налути оние кон кои е наочено.

Сајбер -малтретирањето може да вклучува:

  • Испраќање или споделување на непријатни, навредливи или закачувачки пораки
  • Понижување на другите со објавување/споделување срамни видеа или слики од нив
  • Ширење гласини или лаги на Интернет
  • Креирање на лажни профили преку Интернет, имитирање некого и испраќање на лоши пораки до други во нивно име.
  • ширење лаги за или објавување срамни фотографии од некого на социјалните мрежи
  • испраќање навредливи пораки или закани преку платформи за пораки
  • намерно исклучување на некого од групни видео игри

За разлика од насилството кое се случува лице в лице, сајбер насилствотот остава дигитален отпечаток кој што може да се искористи како доказ кои помогнал да се запре злоупотребата.

Ефекти од сајбер -малтретирање

Сајбер-малтретирањето често допринесува до тоа лицата кои се мета на истото да немаат или да имаат намалена самодоверба, нивниот интерес за училиште и за учење да се намали како и нивните академски достигнувања. Воедно децата и тинејњерите може да се чувствуваат осамено и изолирано што дополнително довеува до проблеми со нивнотото ментално здравје како анкциозност, депресија, екстремен стрес, а во потешки случаи може да доведе и до самоубиствени мисли.

Препознавање на сексуални престапници и предатори со помош на ССО

Важноста на сексуалното образование како корисен елемент од наставната програма која може да им помогне на децата полесно да препознаат сексуални престапници и предатори кои најчесто им пристапуваат на децата преку социјалните мрежи, во земјите членки на ЕУ беше особено нагласена во периодите на ограничено движење поради мерките преземени при борбата со КОВИД-19. За време на пандемијата, виртуелниот „онлајн“ свет стана дел и од секојдневито на најмладите. Преку интеракција на социјални мрежи, онлајн игри и видео повици, сексуалните престапници полесно можат да дојдат до комуникација со нивните потенцијални жртви. Големиот број на деца и тинејџери кои поседуваат „смартфони“, односно паметни телефони, ја зголемува можноста за комуникација помеѓу предаторите и потенцијалните жртви. Користењето на социјални мрежи често допринесува и до креирање на содржина која првично младите ја споделуваат со невина намера, но таа честопати стигнува и до предаторите кои потоа можат да ја искористат, притоа експлоатирајќи ги младите.

Комитетот Ланзароте на Советот на Европа ја истакна алармантноста на влошувањето на ситуацијата за време на КОВИД-19, при што забележа пораст на пријавени случаи на сајбер-малтретирање и сексуална експлоатација. Комитетот ги повика државите да ги зголемат информациите за ризиците и за правата на децата преку Интернет, како и услуги за советување и поддршка, а некои од државите решија да продолжат со сеопфатно сексуално образование како дел од училишната настава која младите ја следеа „онлајн“, со цел да се информираат за опасностите со кои можат да се соочат во сајбер-просторот.

 

Навремено образование ги штити младите од сексуалните престапници

Новата студија спроведена во времетраење од три декади од страна на професорките Ева Голдфарб и Лиса Либерман на Универзитетот Монтклер, покажала дека сепфатното сексуално образование доведува до создавање на поздрави врски, до превенција од сексуална злоупотреба на деца или насилство од партнерот, како и до зголемена медиумска писменост. Истите сметаат дека ССО треба да биде дел од образованиот систем уште од првото одделение, и со годините да се надоградува знаењето на децата. Како што вели Голдфарб – “Да се чека до осмо одделение, кога децата почнуваат да учат алгебра за да се воведе математика како предмет би било апсурдно. Истото важи и за сексуалното обазование.“

Уште од најмали години, родителите ги учат своите деца да бидат претпазливи и да не им веруваат на луѓе кои што не ги знаат, мегутоа многу е важно децата да научат што е, а што не е сигурен допир, да имаат автономија над своите тела, и да можат да одбијат допир кој не е посакуван. Новите стратегии и планови за спречување на сексуална злоупотреба на деца препознаваат дека најголемата опасност за децата всушност доаѓа од луѓе кои се дел од нивниот поблизок круг, дали е тоа нивната фамилија, пријателите на нивните родители, познаници или пак други деца. Поради тоа, од големо значење е децата да можат да препознаат несакани приближувања, и да се чувствуваат дека можат да им кажат на своите блиски доколу дојде до сексуална злоупотреба.

Низ светот постојат голем број на програми за сексуално образование на децата, и преку анализа на истите се доаѓа до заклучокот дека децата уште од најмала возраст имаат способност да научат како да се самозаштитуваат, да бидат свесни кога доаѓа до непосакувани допири од други луѓе и да покажат отпор кон истите. Воедно, многу е важна инволвираноста и на нивните родители во ваквата едукација. Истражувањето на Институтот за студии за заштита на децата во Мелбурн покажува дека за да бидат ефективни програмите за превенција на сексуална злоупотреба, потребно е и самите родители да имаат знаење и да бидат отворени кон ваквиот тип на образование.

Знаењето е моќ, па следствено имплементирањето на ССО во училиштето е вистинската алатка преку која децата би научиле што претставува насилсто или сајбер насилство, каде да го пријават, како да се однесуваат доколку видат дека врз некој друг се врши насилство, а истовремено ќе бидат едуцирани за што претставува здрава самодоверба и како да се чувствуваат комотни во своето тело, кое што самото допринесува да се намали ризикот од малтретирање или од неговите последици.

Со ваквите програми децата стекнуваат вештини како да избегнат насилство, вклучитело и сексуална злоупотреба. Фокусот на истите е да преку практични примери децата да препознаат насилство и да знаат како да се заштитат.

Според резултатите од два процеси за преглед на докази нарачани од УНЕСКО во 2008 и 2016 година за влијанието на сексуалното образование врз примарните ( сексуалното однесување и здравје) и секундарните исходи ( знаењето, односот и други однесувања), ССО допринесува до подочнежно започнување на сексуалени односи, намалена фреквенција на сексуален однос како и намален број сексуални партнери, намален ризик и зголемена употреба на кондоми употреба на контрацепција.

Ефектот на КОВИД-19 врз ранливоста на најмладите во сајбер-просторот

Според Еуропол, содржините во кои е достапна злоупотреба на деца, исто така, можат да бидат „маскирани“ зад реклами што им носат профит на криминалците преку плаќање за пристап до содржината. Економскиот пад кој е директно поврзан со пандемијата на КОВИД-19 може да стимулира зголемување на материјалот за злоупотреба на деца, произведен во ранливите заедници за економски профит. Глобалната пандемија предизвика социо-економска криза што ја влоши постојната состојба на ранливите категории на млади лица. Кризата резултираше со зголемување на процентот на трговија со млади, сексуална експлоатација и злоупотреба на малолетници. Поради глобалната пандемија, поголем процент на лица почнаа да работат од дома, со што се зголеми и бројот на сексуални престапници  и предатори кои заработуваат директно од производството и дистрибуцијата на материјали кои содржат сексуална злоупотреба на деца која потоа станува достапна на Интернет.

Размената на штетни содржини кои содржат сексуална експлоатација и злоупотреба на младите и може да продолжи да се зголемува, особено во периодите на строги рестриктивни мерки за слободно движење поради пандемијата на КОВИД-19, предупредува Интерпол, и допрва треба да се дојде до појасни сознанија за зголемувањето на бројот на малолетници-жртви на сексуални престапници на Интернет во европските држави.

Како што претходно беше објавено од Европол, експлицитниот материјал што се генерира на Интернет претставува алармантна закана за безбедноста на децата. Органите за спроведување на законот, како и образовните институции, треба да се фокусираат на едукација на децата, со што можат да ги спречат да станат жртви на сексуални престапници и предатори на Интернет, но и во секојдневието.

Родителите за ССО: Едуцирана младина ќе знае да препознае насилство

Анкетата на ХЕРА за подготвеноста на родителите за воведување на сеопфатно сексуално образование во Македонија во која беа вклучени 800 испитаници – родители, покажува дека меѓу 82 % и 96 % од испитаниците се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование. Највисокиот процент на согласност (95%) е за темите поврзани со насилството врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи.  “Мојот став за воведување на сексуално образование и грижа за репродуктивното здравје е позитивен. Кога нешто ни е познато, а нашето здравје зависи од тоа, тогаш знаеме како да се однесуваме за да го заштитиме. Со ова образование ќе се одложи раниот влез во сексуални односи, ќе се намали насилното однесување, ќе се зголеми свесноста за употреба на контрацепција,“ изјави Ивона Татабитовска од Скопје, родител на малолетно дете.

„Очекувано, едуцираната младина на овој начин ќе знае да препознае сексуално насилство, било во реалниот или виртуелниот свет, и да го осуди. Знаењето е моќ, нели? “

Професорката Виолета Симјановска на Академијата Сибелиус при Хелсиншкиот Универзитет, посочува дека дури и во развиени земји како што е Финска, се уште постојат предрасуди и табуа околу сексуалноста. Во моментов, во Финска се користи терминот Образование за здравјето (телото и емоциите), а овој вид на образование започнува од најрана возраст и завршува во средно школо. Во однос на улогата на образованието како моќна алатка за препознавање на несакан контакт и насилство, Симјановска, која е и родител на 10-годишно дете, смета дека- „неопходно е секое дете да биде информирано за своето тело, сите промени и предизвици, но и да препознае престапништво, односно насилство.“

Според Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, особено важно е да се започне со спроведување на разговори, работилници и настава, но не само за младите, туку и за родителите, посочувајќи дека и родителите треба да знаат на што се изложени децата за да можат да препознаат кога им е потребна помош. Во однос на сајбер насилството и лесниот пристап за комуникација на сексуалните престапници со младите, Пенчиќ додаде дека во моментов, „живееме во специфични услови и спечифично време, со наплив на разни социјални мрежи, каде се пласираат секакви информации кои децата ги впиваат како сунѓер. Како родител, не успевам сосема да се снајдам во одговорањето на љубопитните прашања на мојата ќерка, и по однос на значењето на врските помеѓу луѓето и различностите во избор на партнер и сексуална ориентација.“ Пенчиќ смета дека преку едукација на младите, тие ќе можат полесно да препознаат сексуални престапници и предатори во онлајн просторот, но и во секојдневието:

„Како родител од друга генерација, и јас се изненадувам од секојдневните предизвици, и промената на облици на комуникација, а со тоа и на разни видови престапници и предатори. Тешко еден родител може да знае што се’ има се случува на децата и низ што се’ тие поминуваат.“

Александра Никифоровски, родител на две деца, изјавува дека едукација на младите за онлајн просторот е неопходна, и истата треба да биде дискутирана како тема во училиште – „особено во средните училишта, бидејќи се поголем замав има сајбер насилството. Иднината е насочена кон “интернет живот” што особено ме плаши за моите деца кога ќе бидат во пубертет. Јас уште сега на осум годишна возраст ја насочувам мојата ќерка како да се заштитува и да препознава насилство,“ додава Никифоровски.

За разлика од родителите, според анкетата на ХЕРА, иако наставниците кои предаваат на македонски јазик, како и тие кои предааат на албански јазик, имаат позитивно мислење кон воведување на ССО во училиштата како дел од програмата, само една третина од испитаниците изјавиле дека се спремни и да држат часови за ССО. Наставниците кои предаваат на албански јазик, а се изјасниле дека не би сакале да држат часови за ССО, како причина навеле дека сметаат дека темите не се соодветни за возраста на учениците. Наставниците кои предаваат на македонски јазик пак сметале дека нивниот предмет не е никако поврзан со ССО. Повеќе од 50% од испитаниците исто така изјавиле и дека не би сакале да имаат обука за реализација на часовите, додека околу 25% изјавиле дека би ја следеле обуката доколку трае кратко време.

Искрените одговори од страна на наставниците се од големо значење, затоа што е навистина важно наставниците кои ќе прифатат да држат часови за ССО да поминат низ обука и да имаат големо знаење на темата, за да бидат способни да го пренесат ова знаење и да им остават позитивен впечаток на учениците. Овие теми се сензитивни, особено темите кои опфаќаат насилство и несакан физички или онлајн контакт со малолетници и е навистина важно на каков начин и со кои зборови би им се доловиле овие теми на децата.

 

Авторки: Рушка Бабиќ и Гала Насева