Лекари, социјални работници, правници, психолози и специјални едукатори и рехабилитатори бараат воведување на сеопфатното сексуално образование во училиштата
Едногласно барајќи од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука да им осигураат системски пристап до научно засновани информации за сексуалното и репродуктивното здравје на сите млади во земјава, релевантните стручни здруженија и организации ја потпишаа Декларацијата „Со сексуално образование во училиштата до поздрава и побезбедна младина“ што беше претставена денеска на истоимената национална конференција во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Имајќи ја предвид загрижувачката состојба со здравјето и добросостојбата на младите во Македонија, поддршка за воведување и за ефективно спроведување на сексуалното образование како изборен предмет во 9-то одделение во основното образование изразија Здружението на социјални работници на Македонија, Здружението на лекари Албанци, Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, Македонското здружение на гинеколози и опстетричари, Македонското здружение на млади правници, Македонското лекарско друштво – МЛД и стручно-специјалистичките здруженија при МЛД, Психолошкиот центар Алтернатива, Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, Центарот за семејна медицина при Медицинскиот фактултет во Скопје, како и организациите кои работат со млади и маргинализирани групи ХЕРА, Коалиција Маргини, Субверзивен фронт и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Сите потписници сме сложни, како и поголемиот дел од јавноста, дека сеопфатното сексуално образование им е потребно на нашите деца и млади за да се развијат во здрави и емотивно здрели личности. Науката е на страната на сексуалното образование, а социјалните и здравствените индикатори одамна алармантни. Сексуалното образование е дел од бројни политики и закони, политичката волја за неговото воведување се‘ појасна во последните години. Она што денес ни недостига е имплементација, а најважно од се‘, па дури и предуслов за негово успешно спроведување, континуираната едукација на населението и сензибилизација на локалните заедници и на родителите за да им се спротивставиме на дезинформациите, лагите и говорот на омраза поврзан со ССО – нешто кон што сите можеме да придонесеме“, изјави Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.
Кон придобивките од сексуалното образование се осврнаа и г. Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија и г. Иго Бештел, советник за соработка и културни прашања при Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје, во чии земји сексуалното образование е дел од наставните програми со години.
Професорката д-р Катарина Ставриќ, координаторка на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје изјави: „Како здравствен работник, педијатар и како професор на Медицинскиот факултет кој го води Центарот за семејна медицина, ја поддржуваме Декларацијата за воведување на сеопфатното сексуално образование затоа што здравјето не значи само отсуство на болест, туку и потполна физичка, ментална и социјална благосостојба. Наша работа не е само да лечиме болести, туку и да работиме на превенцијата, што подразбира промовирање здрави навики. И тука едукацијата е клучна. Ако сакаме поздрава и побезбедна младина, здравственото воспитување мора да почне од млади години.“
Потпишувајќи ја Декларацијата, стручната јавност побара и континуирано подигање на јавната свест за здравствените, емоционалните и социјалните придобивки за децата од учењето за сеопфатното сексуално образование, како и креирање посебни и инклузивни програми и механизми за заштита од насилство и дискриминација врз децата во основните и средните училишта.
Во тој контекст, прим. д-р Славица Гајдазис, директорка на Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, посочи: „На сите нас ни е повеќе од јасно дека зборуваме за млади луѓе кои се наоѓаат во период на адолесценција и доживуваат бурни промени на сите полиња. Тоа се ситуации коишто, разбирливо, може да ги вознемират, па понекогаш дури и исплашат. Си поставуваат прашања што е тоа што се случува со мене, стануваат љубопитни и истражуваат. Ако ние не им ги дадеме информациите, тие ќе ги наоѓаат таму што каде што им се достапни, и голем дел од нив ќе бидат дезинформации и заблуди, какви што се, впрочем, и повеќето што ги читаме за сексуалното образование. Темите за сексуалноста и интимноста отсекогаш биле тешки теми за разговор, но тие се неделив дел од сите нас. Ако сакаме младите да израснат во сигурни и стабилни личност, неопходни се поддршка и разбирање, но и навремен пристап до научно потврдени информации и тоа во образовниот процес, за што всушност и за залага оваа Декларација.“
Наташа Павиќевиќ Стојменовска, претставничка на Здружението на социјалните работници, дополни дека покрај младите, на сексуалното образование би можеле да се потпрат и родителите во грижата за здравјето на нивните деца: „Дозволете ми да потсетам дека сексуалното образование е препознаено и во самиот Закон за спречување на насилство врз жените и семејното насилство. Тоа е алатка која може да придонесе и кон соодветна социјална превенција од насилство меѓу младите.“
Поддршка за интегрирање на сеопфатното сексуално образование во формалниот образовен систем дадоа и пратеничките Маја Морачанин од ДОМ, Санела Шкријељ од СДСМ, Арбана Пашоли од ДУИ, Моника Зајкова од ЛДП и Њомза Шаќири од Алијансата за Албанците.
Потсетувајќи на бројните препораки на меѓународни тела до земјава, како и на национални политики и закони на Република Северна Македонија, тие се согласија дека народните претставници и политичките партии имаат должност да осигураат навремена едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и права на секој млад човек што, во најмала рака, би придонело кон ослабување на стереотипите и намалување на омразата и дискриминацијата кон жените и другите ранливи групи на граѓани во државата.
Интегралниот текст од Декларацијата е достапен на следниот линк.