Наближува јубилејното 10. издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“
Јубилејното десетто издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР) ќе се одвива од 26 до 29 октомври во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и предвидува разнострана програма. Главниот фокус се научните трудови изработени од страна на домашни и странски студенти чија специјалност е енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој. Покрај презентацијата на научните трудови, ќе се одржат и пленарни предавања чии етаблирани предавачи ќе бидат професори, истражувачи и останати експерти од областите во фокус. Дополнително, конференцијата ќе им овозможи на заинтересираните средношколци да ги посетат лабораториите на Факултетот и преку практичен предизвик да ја осознаат инженерската дејност. За крај, конференцијата ќе го поврзе академскиот со бизнис секторот преку запознавање на учесниците со работата на најзначајните фирми и претпријатија од засегнатите области.
Од особено значење е што токму јубилејното десетто издание на СКЕЕОР ќе се одвива во 2022 година – Европската година на младите – потврдувајќи ја важноста на вклучувањето на амбициозните млади лица во модерните предизвици како што се енергетската ефикасност и одржливиот развој. За вредноста на Конференцијата говори моменталната претседателка на извршниот одбор, Емилија Наумоска, велејќи дека „СКЕЕОР е поттик и водечка иницијатива за изнаоѓање иновативни и ефективни решенија на проблеми кои подеднакво нè засегаат сите, со цел да се создаде зелена иднина чиј темел е енергија ефикасно добиена од чисти и одржливи извори.“
Залагањето на студентскиот организациски тим го пофалува и проф. д-р Лихнида Стојановска Георгиевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии и долгогодишен поддржувач на СКЕЕОР: „Ентузијазмот на студентите преточен во реализирана идеја и далекугледоста да се согледаат идните предизвици преточена во повик за жнеење на свежи идеи за акција се она што го донесе СКЕЕОР таму каде што е денес. Прославуваме 10 години постоење со повеќе од 1500 учесници, изработени и презентирани 293 студентски трудови, повеќе од 50 презентации на македонски компании од областа на инженерството и енергетиката, многу плодни дискусии, дружење и бесценети искуства.“
Сите информации за Конференцијата редовно се споделуваат на профилите на СКЕЕОР на Facebook, Instagram и LinkedIn, a какви било прашања може да се проследат преку email: skeeor@feit.ukim.edu.mk.