Протест пред МВР: Полицајците се често непрофесионални, нестручни и дополнителни ги виктимизираат жртвите на родово засновано насилство
Револтирани од случајот кој на јавноста и стана познат како “дивиот таксист кој и избега на полицијата”, но како што рекоа, дополнително од негативното искуство на жртвите со полициските службеници група активист(к)и за женски права се собраа пред Министерството за внатрешни работи за уште еднаш да потенцираат дека токму со непрофесионалниот однос на голем дел од полициските службеници почнува замрсениот мултиинституционален лавиринт за жртвата на родово засновано насилство.
„Полициските службеници во станиците се несензибилизирани и нестручни при пријави на родово базирано насилство; полициските службеници не знаат да проценат што е сексуален напад, сексуално вознемирување и телесна повреда па истите ги подведуваат под го „недолично однесување“; полицијата прави двојна виктимизација и ја одолговлекува постапката и уште еден насилник бега од лицето на правдата“, укажаа активистките и апелираа директно до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да се санкционираат полициските службеноци во ПС Аеродром кои не постапиле професиоално и дополнително ги виктимизирале и вознемириле жртвите.
„Доколку МВР не ги санкционира полициските службеници, ќе потврди дека како институција ја перпетуира истата култура на насилство и дека нивните заложби се само декларативни“, изјавија активистките и потенцираа дека неажурноста во МВР ја држи Македонија на листата на земји со брутална политика кон жртвите на родово базирано насилство – наспроти сите формални заложби на земјата во Советот на Европа и Советот за човекови права на УН – дека ќе преземе соодветни реформи во таа насока.