Се знае дека Ромите се тие што крадат, па дури и кучиња!

„Денес РОМИТЕ ми ја украле од двор! Има дом, треба на 25-ти да патува за Германија. Мора ли се да се краде кај ќе се стигне?“, гласи пораката на Емилија Малите Палавковци (како што е потпишана на Фејсбук), дека и е украдено кучето.

Оваа објава има стотина споделувања и педесетина коментари, пред сè со говор на омраза и повици да се најдат „мажи“ кои ќе ги пронадат „циганите крадци“. Оти, кој може да краде во оваа држава освен „Циганите“, нели?! Па дури крадат и невини кучиња кои треба да патуваат низ светот!

Другар(к)и, тие Роми, (за кои не се приложени докази, туку само претпоставка и констатација) кои се посочени дека го украле кутрето, па дури и да е така, дека неколку припадници на ромската етничка заедница го украле кутрето, тие имаат име и презиме, а не со големи букви да се напише „РОМИТЕ ми ја украле“, и со тоа сите Роми да се означат како КРАДЦИ.

Кога веќе (без докази) се покажува со прст на сите Роми дека се крадци, тогаш ќе беше добро да се напише, на пример, кои се тие Роми, оние со темна или побела кожа, со исламска/христијанска/будистичка вероисповед, со хомо/би или хетеросексуална ориентација, навивачи на Вардар/Шкупи/Јувентус… Кои Роми го украле кучето – Ковачите, Џамбазите, Конопљарите, Баручиите… Кои Роми? Или сите Роми?

Или за Ромите важи мислењето од репликата од српскиот филм „Ивкова слава“ дека: „Има разни Цигани, односно има Цигани, Цигани и Цигани“!

Или репликата од српскиот филм „Ко то тамо пева“ кога во автобусот е украден паричник и крадецот што го украл паричникот гласно извикува: „Што ќе се проверуваат чесните граѓани, се знае овде кој сака да краде“ – посочувајќи ги двете Ромчиња во автобусот кои без да бидат сослушани беа претепани од патниците!

Очигледно дел од „активистите и љубители на животни“ кои бараат да се најдат „МАЖИ“ кои го најдат кучето и да им одржат лекција на „Циганите кои се клета сорта“, се фанови и на радикалната фашистичката и неонацистичка српска група „Левијатан“, која има антимингрантски и антиромски ставови.

Активисти и фашисти/нацисти не оди заедно. Одлучете се!

П.С. Јас сум Ром! Не сум совршен, и ако погрешам нешто, обвинете ме мене, а не мојата етничка припадност! 

Source Civil Media