Сестра ми живее на каминот
Џејми нема заплакано откако се случи тоа. А знае дека требало – Џасмин плачеше, мама плачеше, тато сè уште плаче. Роџер не, ама тој е само мачор, а и не ја познаваше Роуз многу добро…
Имам резерва кон сублимирачките пораки, најчесто на задните корици чија цел е да ве натераат да ја купите книгата. Веројато резерва е и преблаг збор за отпорот кон сведувањето на комплексноста на делото на кратка порака која треба да апелира на емоциите на купувачот.
Па така, на „топлина која ќе ве прегрне“ превртев очи.
„Искреност која можете да ја прeсечете со нож“, Не, благодарам.
Но, во најтесен круг за CILIP Carnegie medal и Наградата за детска литература на Гардијан (и серија други).
Толку ми требаше.
Неколку часа подоцна (и едно прескапо аеродромско кафе) ми беше јасно дека наидов на, веројатно, една од подобрите книги за деца/млади на кои сум наишла последните години (заедно со неколку наслови на Нил Гејмен, Филип Пулман, Патрик Нес, Кетрин Арден, Франсес Хардинс…).
Така, кога пред некоја недела случајно наидов на „Сестра ми живее на каминот“ од Анабел Пичер (во превод на Анета Пауновска) потпрена на штафелајот за најнови книги за млади во Арс Ламина си реков „баш убава новост“. Бидејќи кога домашната литературата за деца се уште се движи по одамна изгазените патеки на безбедни и монотони теми кои не се доволно во дослух со она што е во полето на интерес на современите млади луѓе, спасот е во изборот на странска литература и преводи.
Во македонскиот контекст на литература за млади оваа книга веројатно би била прогласена за “храбрата”, евентуално “контроверзната”, и наместо да се искористи потенцијалот на теми кои ги отвора за дискусиии (теми кои повеќе од две децении се дел од книгите за млади во западните земји, но кај нас долго се погрешно занемарувани) би создале ново табу.
„Сестра ми Роуз живее на каминот. Всушност дел од неа живее таму. Три од нејзините прсти, нејзиниот десен лакот капачето од коленото и се погребани на гробиштата во Лондон.“
Уште со првата реченица сме истурени во животот на Џејми и неговото семејство, неколку години по терористичкиот напад во Лондон кога починала неговата повозрасна сестра.
Секој член на семејството е заглавен во својата болка. Неговата поворасна сестра Џас, близначка на починатата Роуз, се бунтува на желбата на родителите постојано да наликува на починатата сестра, па ја бои косата розово и става обетка на носот. Мајката која не може да ги поднесе постојаните неосновани “зошто ја пушти да си игра таму” обвинување од сопругот го напушта домот.
Џејми кој имал само пет години кога ја загубил сестрата не чувствува тага бидејќи не се сеќава добро на неа. Само грижа на совест бидејќи не е вистински тажен и никогаш не се расплакал.
И конечно таткото кој едноставно заглавува во круг на тага, гнев, алкохолизам, депресија и исламофобија до крајни граници и со години се одлучува да ја истури пепелта на Роуз, за потоа веднаш да се премисли.
Така Роуз „живее“ во урна на каминот.
Добива парче торта секој роденден, и чорапа полна подароци за Божиќ.
Во таквата семејна атмосфера Џејми е заинтересиран за својот мачор, за Спаjдрмен, жртва е на булинг во новото училиште и е во постојана надеж дека мајка му ќе се врати. И како што тоа и самиот развој на настани во книга за деца го наговестува, против својата рационална волја, утеха наоѓа во топлото пријателство со Суња, нејзината веселост, креативност, приказните кои ги смислува, кои стануваат закрила од булингот во новото училиште и токсичната атмосфера во домот. Во блискоста на двајцата отфрлени. Животот станува убав единствено со сестра му со розова коса (и нејзиното момче со зелена) и Суња. Нејзиниот сон да стане суперхероина и талент да измислува приказни. Нејзината неверојатната инвентивност во секојдневните битки со насилниците кои го малтретираат Џејми.
И еден проблем.
Нејзиниот вел.
Пичер во својот дебитантски роман покажува знаење да обработи исклучително комплексни семејни, социјални и политички прашања, да ги адаптира за читателите на возраст 12+ години, притоа имајќи верба во капацитетите на децата да дискутираат и да промислуваат политички и социјални прашања на своето време. Без претерана сентименталност и без патетика застанува наспроти линијата која влече кон нивно замолчување и која е секогаш дел од сличното националистичко, трансфобично, мизогино и хомофобично множество опседнато со замислени „инфилтрации“ во националното тело (Џудит Батлер)
Гневот и болката во која таткото е пет години заглавен се трансфoрмираат во заслепувачка и генерaлизирачка омраза. Пичер создава лик кој го осудувате, но не успевате да го замразите. Кој е заглавен во круг на болка, омраза и алкохолизам но, некако, секое утро успева да стане и да направи појадок. За потоа да ја затруе атмосферата со својата омраза пред која е немоќен и која одбива воопшто и да ја промисли. Расизмот и исламофобија го трујат пријателството на син му принудувајќи го да лаже и да се крие, што станува товар за неговото здраво растење. Заглавен во принудата да го продолжи ланецот на омраза бидејќи, перфидно, наметнато му е да мисли дека тоа ѝ го должи на починатата сестра, во еден момент ја губи својата единствена пријателка. И целиот нејзин ентузијазам и веселост кои прават баланс во неговиот живот.
Романот на маестрален начин ги поврзува прашањата за смртта во семејството, траумата на загубата на детето со која никој до крај никогаш не се помирува, современите политички тема кои не треба да се премолчуваат пред децата како тероризмот и исламофобијата.
Истовремено отвора прашања за наводно етнички и религиски чистите средини и парадоскално, омразата која вирее и се храни во таквите стерилни контексти, кои во главите на десничарите, би требало да ја анулираат истата.
Oна што е исклучително битно кога се имаат предвид младите читатели – романот успева да ве впие. Создава ликови за кои почнувате да се грижите и со кои сочувствувате. Ликови кои во вашите мисли потоа стануваат личности за кои навивате. Кои сакате да ги надминат проблемите. Полни и комлексни, несовршени ликови со кои може да се идентификувате. Романот е интригантен и возбудлив со, на моменти ненаметлив и содветен на околностите хумор, што е ретко кога станува збор за роман кој разработува семејна трагедија и траумите кои нужно следат.
Допадливоста на романот за публиката на која ѝ е наменет ми се потврди по анализа на десетици коментари и препораки на различни сајтови за литература, блогови и слично, од деца и млади ( тука веројатно далеку поискрени и отворени отколку што би биле пред професори или возрасните кои би требало да ги проценат нивните мислења).
Тој став на читателите за кои е наменета книгата е исклучително важен бидејќи кога е во прашање литературата за деца и млади, како што пишува Пери Ходелман, скоро без исклучок „на децата им се нуди тема која возрасните сакаат да им се допаѓа и која возрасните сакаат да им биде потребна и тоа се прави со цел да си задоволи потребите на возрасните во однос на литературата за деца“ имајќи ги предвид авторите, издавачите, уредниците, серија возрасни луѓе кои го создаваат конечниот текст наменет за деца и млади. Често повторувајќи ја одамна истрошената фраза дека токму тие “вечно останале во светот на децата“.
И тоа е, и ќе остане случај со литературата за млади. Поради тоа битно е да се биде секогаш свесен за точката на одговорност за тоа кој определува што е добро за детето и по кои критеруми. И некаде во таа празнина, меѓу реалниот и замислениот читател, важно е да се обрне внимание на младите и нивните реакции на конкретната книга.
Во периодов на пандемија, кога темата на смртта е на голема врата влезена во секојдневието, за неа треба да се зборува. Во момент кога сите познаваме некој кој изгубил близок човек или стравуваме за здравјето на блиските, таа тема е неопходно да не се прескокне и потисне во постојаното немоќно потенцирање дека “се ќе биде ок”
И конечно смртта која е резултат на друга околност може да ја постави темата на масата посредно, без траумата на повторувањето на постојаната закана. А оваа книга (и многуте прирачници од наставници за нејзино користење во образованието тука, тука), дава неверојатна можност.
Nodelman, P. (2008). The hidden adult: Defining children’s literature. Baltimore, Md: Johns Hopkins University Press.