Интервју со Пијан Славеј: Животот си тече и, без да забележите, веќе сте тоа што сте
Пијан Славеј (познат како Бранислав Николов) е реномиран музичар, изведувач, текстописец, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Како еден од основачите и клучните членови на бендот, тој има девет студиски изданија, како и музика за над триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови. Пијан Славеј е неговиот прв соло проект како музичар и поет.
Веќе долги години сте музичар, и имате многу успешни проекти зад вас. Можете ли да ни кажете кога и како се роди вашата љубов кон музиката, и кои се вашите идоли кои ве мотивирале да се насочите кон оваа професија?
Како се родила љубовта!? Уф… Имам еден јасен спомен: поднапиено комшиско друштво дома кај нас, се тера песна во доцни саати, а јас, дете што стои по страна, чувствувам незадржлива потреба да им се придружам, пратејќи ги на гитарата која некако случајно и без посебна причина се нашла в соба. И така, почнав да пребирам тонови по само една жица и да ги “ловам” распеаните соседи. Добив дури и своевиден маглив комплимент. Тоа беше мојата прва “кафанска” свирка. 🙂 Како и да е, за тоа прашање тешко се наоѓа едноставен и спонтан одговор. Љубовта си го наоѓа патот. Не мора да е тоа освестен процес. Животот си тече и, без да забележите, веќе сте тоа што сте. Некогаш во согласност со првичните замисли, некогаш сосема спротивно и далеку од детските сништа. Но, важно е да живеете со љубов и од љубов. За идолополонството… Не сум склон. А сепак, имам неколку што никогаш нема да престанам да ги слушам. Тие се неуморна, непотрошна инспирација. Ете, можеби во смисла на содржина и перформанс, тоа би бил великиот Жак Брел. А за иновативноста и звучната револуција, единствената Бјорк. Можеби.
Оваа година излезе ново музичко дело во соработка со Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев, во кое вие бевте одговорни за музиката и текстот. Дали може да ни го опишете вашиот креативен процес?
Знаете, оваа работа подразбира влегување во непознати води. Едноставно, ако го имате авантуристичкиот дух, тогаш редовно ќе доживувате нови човечки соединенија. Музичарите се посебно комуникативни луѓе, иако знаат да бидат и доста пребирливи. Јас веќе имам некаква традиција на дуети со женски вокали. Веќе имам неколку зад себе и неколку пред себе. Сè почнува од идејата. Е сега, за таа идеја да се реализира, потребен е карактерниот квалитет на активност, смелост, ангажираност, истрајност и најпосле, занес и самодоверба, оти само така таа идеја ќе ја пренесете на сите инволвирани понатаму. А јас бев сигурен дека ова сакам да го правам со Каролина и Дуке. Тука немаше дилема. Оваа песна посебно ми значи и навистина сум среќен што испадна вака.
Фолтин ја создаде музиката за “Honeyland”, филм кој беше номиниран за Оскар. Какво е чувството да се достигне таков голем успех, и дали можеби истото ве поттикна да стремите кон поголеми проекти во иднина?
Па, не знам. Ние имавме скромен удел во продукцијата на филмот. Се радувавме за успесите, тоа секако, ама бевме доволно далеку од епицентарот на тие вртоглави случувања. Го завршивме тоа што се бараше од нас, и така, со посмирен стомак и поладни глави го следевме таканаречениот холивудски ролеркостер на “Ханиленд”. Чудесен е патот што тој филм го помина од почетниот низок старт со големи сништа, до најголемите височини на светската индустрија. Чудата се случуваат! А ние и понатаму не сме во позиција да одбираме помали или поголеми филмски проекти. Тоа никој од нас и не го ни очекуваше. Па сепак, и понатаму го имаме најважниот избор, а тоа е, самите да одбираме што ќе работиме и што нема да работиме. И тука, за голема среќа, ги имавме и се надеваме и натаму ќе ги имаме довербите на филмаџиите како Атанас Георгиев-Фаца, Ѓорче Ставрески и други од нивниот крој.
Покрај музиката имате напишано и две стихозборки. Дали можете да ни кажете малку повеќе за истите и од каде ја црпите инспирацијата?
Немав идеја да издавам збирки. Едноставно, пишував текстови за песните на Фолтин. И како врвеше времето и се собираше материјал, дел од пријателите почнаа да ме “обработуваат”, да ме замајуваат и да ме навлекуваат на тоа. И нормално, првиот пат беше најкомплицирано. Требаше, освен како текстописец, што ми доаѓа природно, помалку да се прифатам и како поет. Но, сето тоа е само семантика. А инспирацијата сама ме наоѓа… кога сака таа. Господ знае од каде доаѓа. Најверојатно, од моето кревко битие. Од работите за кои тешко се зборува, а лесно се пее.
Како музичар кој е навикнат на постојани настапи и турнеи, како се справивте со предизвиците кои произлегоа поради пандемијата на Ковид-19, и како целата ситуација влијаеше врз вас?
Беше шок. Никој не веруваше дека ќе биде за навек. А, еве, се навикнуваме. Се навикнуваме на стравот. Но, човекот е прилагодлив, ќе го реши и тоа. А, како влијаеше и како влијае? Лошо е кога светот оди по ѓаволите. И немам веќе потреба да објаснувам што значи оваа криза за еден концертен музичар. Се’ е кажано, се’ е чуено. Испливаа поделбите и судирите меѓу луѓето што никогаш немале допирни точки за некаков соживот. Омразата и гневот не’ зближија на најгрд начин. Тешко на културата во вакви времиња!
Оваа година настапивте на 20-тото издание на OFFest кој се одржа во Скопје. Каква беше атмосферата, и кои се вашите впечатоци од повторно одржување на културни настани?
Со Фолтин посвиривме малку и минатото лето пред публика, ама ова лето беше, за вистинско чудо, едно од најангажираните во последните години. Луѓето се гладни за жива уметност и просто не можат да се наситат. А и ние исто. А овој настап на ОФФест беше од големо значење за мене. Така е со секој првпат, колку и да си искусен. Пијан Славеј е нова приказна, и затоа треба да се внимава да се раскаже на најдобар начин. Имаше многу измешани чувства во големото исчекување. Освен радоста и возбудата, тука беше и постојаниот стрес од евентуални ковид забрани, карантини, здравствени компликации и што уште не. Но дојде и тој ден. Поубав не можев ни да замислам!
Дали во моментов работите на некој проект, и дали имате некој проект кој сè уште не сте го реализирале, а ви претставува преголема желба?
Сенешто трча пред мене. Нешто од тоа ќе стигнам и ќе фатам. И ќе пробам добро да го приготвам и убаво да го сервирам. Апетитот не смее никако да се изгуби!