УНИЦЕФ: Милион деца изложени на „екстремен ризик“ поради климатските промени
Во Извештајот за влијанијата на климатските промени врз младите се вклучени истражувања на младински активисти, вклучително и Грета Тунберг
Речиси половина од 2,2 милијарди деца во светот се веќе во „екстремно висок ризик“ од влијанијата на климатската криза и загадувањето, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Шефот на агенцијата на ОН ја нарече ситуацијата „незамисливо страшна“.
Речиси секое дете ширум светот e изложено на ризик од барем едно од различните влијанија на климатската криза, вклучувајќи топлотни бранови, поплави, циклони, болести, суша и загадување на воздухот, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Но, 1 милијарда деца живеат во 33 земји во кои се соочуваат со три или четири влијанија истовремено. Некои од тие земји се Индија, Нигерија и Филипини и голем дел од субсахарска Африка.
Извештајот на УНИЦЕФ е првиот извештај во кој се вквлучени мапи со висока резолуција за климатските влијанија и влијанијата врз животната средина со мапи за ранливост на децата, како што се сиромаштијата и пристапот до чиста вода, здравствена заштита и образование. „Тоа во суштина ја покажува веројатноста за способност на детето да ги преживее климатските промени“, рече Ник Рис, еден од авторите на извештајот.
Извештајот беше објавен со младински климатски активисти на третата годишнина од првиот штрајк на Грета Тунберг во училиште, што предизвика глобално движење. По пауза во јавните демонстрации за време на пандемијата на коронавирус, глобален климатски штрајк е планиран за 24 септември.
Хенриета Форе, извршен директор на УНИЦЕФ, рече: „За прв пат, овој извештај дава целосна слика за тоа каде и како децата се подложни на климатските промени, и таа слика е речиси незамисливо страшна. Практично, животот на буквално секое дете ќе биде променет поради климатските промени.“
„Децата се уникатно ранливи на климатските опасности“, рече таа. „Во споредба со возрасните, децата бараат повеќе храна и вода по единица телесна тежина и се помалку способни да преживеат екстремни временски настани.“
Извештајот повикува на вклучување на младите луѓе во сите преговори и одлуки за климата, вклучително и на самитот на ОН Cop26 во Глазгов во ноември. „Одлуките ќе ја одредат нивната иднина“, рече Форе. „Децата и младите луѓе треба да бидат препознаени како вистинските наследници на оваа планета што сите ние ja делиме“.
Тунберг рече: „Ние не сме само жртви, ние исто така ја водиме борбата. Но, светот уште не ја третира климатската криза како итен случај. Ние се уште само разговараме и ги разгледуваме последиците наместо да преземеме вистинска акција. Но, од друга страна, беа мобилизирани многу милиони луѓе, особено млади луѓе, и тоа е многу важен чекор во вистинската насока “.
Нкосилати Нијати, климатски активист од Зимбабве, изјави: „Климатските промени многу влијаеа врз мојот живот“. Тој рече дека топлотните бранови и поплавите го прекинале неговото образование и земјоделците во неговото село се бореле со непредвидливи временски услови. „Го поддржувам вклучувањето на младите луѓе во платформите за донесување одлуки, бидејќи младите се најскапоцениот природен ресурс во светот“.
Во извештајот на УНИЦЕФ се вели дека влијанијата на климатската криза се „длабоко нееднакви“ и најверојатно ќе се влошат: „Првите десет земји кои се изложени на екстремно висок ризик се одговорни само за 0,5% од глобалните емисии“.
Во извештајот се наведува дека 920 милиони деца се екстремно изложени на недостаток на вода, 820 милиони на топлотни бранови и 600 милиони на болести кои се пренесуваат од вектори, како што се маларија и денга треска, кои најверојатно ќе се влошат со соодветни климатски услови за ширење на комарци и патогени.
Подобрувањето на пристапот на децата до основните услуги може значително да ја зголеми нивната способност да ги преживеат овие климатски опасности. УНИЦЕФ ги повикува владите и деловните субјекти да ги слушаат децата и да дадат приоритет на акциите што ги штитат од влијанија, истовремено забрзувајќи ја работата за драматично намалување на емисиите на стакленички гасови.
Мици Јонеле Тан, активистка за климатски промени од Филипините, која исто така помогна во објавувањето на извештајот, рече: „Една од причините што сум активистка е затоа што сум родена во време кога климатските промени влијаеа врз средината во која пораснав, како и многумина од нас. Имам толку живописни сеќавања кога ги завршував домашните задачи под свеќа додека надвор имаше невреме и растев плашејќи се да не се удавам во сопствената спална соба, бидејќи ќе се разбудам во поплавена просторија.“
„Самитот во Гласгов мора да влијае врз некаква позитивна промена, бидејќи ние одамна ги следиме сите овие конференции само со празни ветувања и нејасни планови“, додаде Тан.
Тунберг изјави: „Не можеме доволно да нагласиме колку голема одговорност има владата на Обединетото Кралство сега. Но, постои лага дека Обединетото Кралство е лидер во борбата против климатските промени и дека ги намалиле емисиите на СО2 за повеќе од 40% од 1990 година. Ако вклучите работи како авијација, превоз, аутсорсинг и увоз и согорување на биомаса, тоа не значи навистина направиле огромни промени – тие се многу добри во креативно сметководство на јаглерод. Сакаме да престанат само да зборуваат и да почнат да дејствуваат.“