Петар Андоновски: Осамувањата и изолациите не се ништо ново за писателите, секогаш кога пишуваме нова книга ние сме во ,,карантин”

Петар Андоновски е еден од најуспешните млади писатели во Македонија. Во 2020 година, Андоновски беше добитник на исклучително значајно книжевно признание – Европската награда за литература, а во 2016 година, ја доби литературната награда Роман на годината. Во интервјуто за Платформ, со Андоновски разговаравме за македонската културна сцена, неговиот последен роман „Лето во кое те нема“ кој е и прв квир роман во нашата држава и за влијанието на глобалната пандемија врз неговиот креативен процес.

Глобалната криза предизвикана поради пандемијата буквално на сите ни го смени текот на живеење. Нашето секојдневие не е исто како порано и сите овие промени неминовно влијаат врз начинот на кој функционираме. Петар, како оваа криза влијаеше врз твоето пишување?

Пандемијата не промени ништо во мојот живот. Моето секојдневие е исто како и пред неа. И лани и оваа година патував многу, одам најнормално на работа, се дружам со пријателите. На почетокот на пандемијата и јас како и најголемиот дел од луѓето верував дека ќе дојде до некакви промени, наивно верував дека ќе станеме подобри и поодговорни луѓе, дека ќе се свртиме кон уметноста, природата, повеќе ќе се почитуваме едни со други, но времето покажа дека не само што не станавме подобри туку сето она лошо што сме го потиснувале во нас наеднаш излезе на површина. Дури ниту карантините не ми пречеа, мината година во еден од поголемите карантини го напишав мојот роман ,,Лето во кое те нема”. Осамувањата и изолациите не се ништо ново за писателите, секогаш кога пишуваме нова книга ние сме во ,,карантин”.

„Лето во кое те нема“ е твојот последен роман, објавен во 2020 во едицијата Проза на издавачката куќа Или-Или. Овој роман е всушност и првиот квир роман во македонската книжевност, со што комплетно го реконструираше нашето домашно творештво. Остави сериозно литературно наследство за идните генерации. Како би го опишал процесот на пишување на ова дело?

И ,,Лето во кое те нема” како и првиот мој роман ,,Очи со боја на чевли” настана од расказ. Ретко пишувам раскази и најчесто не сум задоволен од напишаното, можби и затоа прераснуваат во романи. На почетокот романот го замислував поинаку, но една од поубавите работи при пишувањето е неизвесноста, никогаш не знаете каде ќе ве однесе.

Илустрација: Вања Штркова

Влијание имаа многу книги и автори, како Хемингвеј и неговиот расказ ,,Мачка на дождот”, всушност тој расказ и ме поттикна да го напишам расказот ,,Неверство” од кој настана романот. Во тоа време кога го пишував романот ги изгледав сите филмови на Ксавиер Долан, сигурно и тие си имале свое влијание. И појавата на пандемијата си имаше свое влијание, тогаш на почетокот кога сите мислевме дека ќе се промени светот и дека потоа не очекува ,,убав нов свет”, тогаш настанаа ликовите ,,чудаци” кои иако отфрлени од светот тие се обидуваат да го спасат со љубов и со борбата против глобалното затоплување. Колку и да се труди еден автор додека пишува да избегне од себе и од своето опкружување на крајот сфаќате дека е невозможно, сето она од кое сакате да се отргнете се појавува во некоја друга форма.

Со оглед на фактот дека македонското општесто е сè уште доста традиционално и конзервативно, на кој начин беше прифатен твојот последен роман? Што те инспирираше да го напишеш овој роман?

Точно една година од излегувањето на ,,Лето во кое те нема”. Во меѓувреме романот доживеа две изданија, во есен во театарот во Куманово ќе биде поставена претстава според романот, во режија на Драгана Гунин. Романот си го живее својот живот. Но мене ми е многу драго дека романот беше прифатен со радост и дури ми беше жал што порано немав напишано квир роман, иако ако внимателно ги читате и претходните мои романи секогаш имало квир елементи. Но од сите мои романи најмногу се пронајдов токму во овој.

Фотографија: Милош Димковски

Кои се авторките и авторите кои најмногу влијаеле врз твојот развој како писател? Која е твојата омилена книга и зошто?

Во различен период ми влијаеле различни автори и книги. Но секогаш има некои книги кои ви оставиле некаков печат и посакувате да им се навратите, такви книги беа ,,Херои и гробови” од Сабато, ,,Никогаш не оставја ме” од Ишигуро, ,,Еден човек” од Ориана Фалачи, ,,Волшебникот” од Џон Фаулс… списокот е долг и не може да се ограничи на една книга и еден автор.

Според тебе, како кризата предизвикана поради пандемијата влијае врз културната продукција во Македонија?

Културата во Македонија секогаш била маргинализирана, па кризата не направи некој голема промена.

Сеприсутните патријархални вредности сè уште се длабоко вкоренети во задолжителната литература во образовните институции. Несомнено, најмногу влијаат на лицата кои се на маргините. Според тебе, кој пристап би бил најфункционален за да дојде до современа промена во задолжителната литература во образовните институции?

Состојбата со учебниците е очајна, а ништо подобра не е ниту со лектирите. Првин, треба да се изберат лектири кои би им биле интересни на новите генерации, кои ќе кореспондираат со времето во кое живеат, на тој начин ќе ги потикнеме децата повеќе да читаат. Јас би одел дури до таму што многу од класиците како од светската така и од домашната книжевност не би ги ставал воопшто за лектири. Можеби и бројот на лектири треба да се намали, наместо десет книги во една учебна година да има пет, но да бидат книги кои ќе ги поттикнат да ги надминат предрасудите, да ги направат поемпатични кон другиот, па дури и да им дадат одговори на прашањата за кои не можат да разговараат со никој.

Но за жал не сум некој оптимист дека може да се смени нешто во образованието, ние сме луѓе кои не сакаат и неприфаќаат нови работи.