ХЕРО(ИНА) на месецот: Катерина Котеска – Стисниовска

Стела Мрежа продолжува со иницијативата да се слушне гласот на нашите ХЕРО(ИНИ) кои придонесуваат во нашето општество и за нивното надминување на предизвиците со кои тие се соочуваат. 

Воодушевени сме што е номинирана адвокатката Катерина Котеска – Стисниовска за нејзината посветеност и несебичност за поттикнување промени во животите на нејзините клиент/ки. Катерина Котеска Стисниовска е докажана правничка со врвен професионализам и исклучителна посветеност во борбата за заштита на жените, особено оние кои се ранливи или се жртви на каков било облик на насилство.

Преку нејзината професија инспирира други амбициозни жени и пријатно влијае во општеството со оставање на трајно наследство како пробивање во јавната професија и рушење на сите бариери кои се сооучува жената во правничкиот свет. 

Веруваме дека нејзините придонеси заслужуваат да бидат споделени и слушнати и ќе продолжи да инспирира во иднина. 

На кои начини преку вашата работа им помагате на жените да ја надминат дискриминацијата и општествените бариери?

  • Низ мојата работа се среќавам претежно со клиентки-жени.

Сочувствувајќи со нив, низ секојдневните проблеми како жена, се обидувам давајќи им правна помош и да им помогнам да ја поправат и својата самодоверба, која секоја жена ја има, но и се разнишува кога се соочува со некој проблем.

Тоа за што најмногу се залагам е да ги охрабрам да се спротивстават на општествените бариери и ги советувам да си ги бараат и остварат своите права низ институциите на системот, а најмногу од се да се ослободат од стегите на малограѓанштината, синдромите на малите средини и лажниот морал, секогаш потсетувајќи ги дека ова е 21 виот век и секоја жена има право да живее квалитетен, среќен и исполнет живот, да биде успешна и да граби напред, а при тоа да не трпи никој и ништо поради осудата на средината.

Во светот на правото, дали жените успеваат да ја добијат својата правда? 

  • Во правните постапки во денешно време, жените се повеќе и повеќе ги остваруваат своите права, бидејќи се охрабрувани да ги бараат и да процесуираат од страна на институциите на системот.

Секако дека постојат ситуации на дискриминација кон жената и нејзино потиснување и етикетирање, но само со цврста борба и истрајност, како и ангажирање на соодветна правна помош, правата на жените се остварливи.

Како професионалец, секоја извојувана правда, ми е мила и професионална и лична сатисфакција.

Себеси често се „фаќам“ како се насочувам и борам секогаш за прогресивна промена на свестта во правните проблематики, бидејќи само напредни погледи на општествените состојби допринесуваат до промена на нашите навики и создавање на нови, кои ќе ни помогнат да одиме напред.

Дали може да се каже дека најслатка победа ви е случајот со битолската ,,Јавна соба“ ?

  • Она што ми беше исклучително важно во случајот на злоупотреба на слики со интимна содржина, кој беше наречен „Битолска јавна соба“ беше докажувањето дека во тој случај се работи за злоупотреба на  доверба, како и повреда на тајноста на општењето како објекти на заштита, кое нешто законодавецот го имал во предвид кога ги определил кривичните дела кои тоа го санкционираат.

Ова, повторно во контекст на надминување на предрасудите дека праќање на интимни содржини електронски и на социјални мрежи се покана за злоупотреба, јавно објавување и исмејување.

Секоја содржина, која е испратена помеѓу двајца или целна група, а притоа е наменета само на нив, а не јавно на аудиториум неопределен по бројност и структура, не смее да биде откриена, споделена и дистрибуирана. Апропо ова е и тајноста на писмата и пратките, која ако се повреди е кривично дело.

Согласно ова, докажав дека не можеме да го игнорираме интимното општење на социјалните мрежи, преку видео повици или испраќање на провокативни фотографии, како и изразувањето на сексипилот преку социјалните мрежи, бидејќи тоа е дел од нашето секојдневие, но не смее никако да претставува „плен“ на лица за кои не е наменета, не смее да претставува средство за реванш, не смее да претставува забавна содржина и сл. бидејќи се работи за нечиј интегритет и живот.

Во случаевите кога нечија интима е јавно објавена без негова или нејзина согласност, претставува напад и повреда на честа, угледот и достоинството, кои се заштитени со закон и за тоа постои казна, а при тоа рушење на нечиј живот и иднина.

Довербата во правото е објект со високо ниво на заштита и не смее да биде злоупотребена.

Многу често во Македонија, жените имаат предизвици кои се системски и општествени, особено препреките ги чекаат во професионалниот и академскиот живот. Мрежа Стела работи на поддршка на жените и девојките во нашето општество. Каков е според Вас патот до успехот како амбициозна жена, жена која сака да ги сруши табуата?

  • Патот до успехот на една жена не е лесен, но за среќа ние, жените сме упорни и издржливи, а секој ден се повеќе и повеќе освестени дека имаме подеднакви права со мажите за образование, за вработување и за учество во сите сфери во општеството.

Биолошката улога на жената да биде мајка и сопруга не треба и не смее да биде пречка за нејзиниот успех и професионален напредок.

Секоја жена, според мене, во 21 виот век треба да избере партнер кој ќе учествува подеднакво во сите семејни обврски. Нема да ги дели обврските на „мои“ и „твои“, а улогата на родител ќе ја сфати и преземе најодговорно и најсериозно.

На патот кон успехот, секоја жена треба да биде храбра, силна и да не дозволи никогаш да биде на второ место во машкиот свет, бидејќи поле за доминација кај мажите треба да биде, единствено кавалерството и нежниот третман на жената.

Вашата професија, за жал не е единствената која станува небезбедна, особено бранителките на човекови права се под голем ризик. Колку вашата работа сама по себе е ризична за вашата лична безбедност?

  • Како жена, која работи т.н машка професија, како што се сметала адвокатурата, често сум била мета на напади, вербални, па и физички, кои за среќа биле спречени и без последици, а исклучиво поради револтот на спротивната страна поради поведување на судска постапка, добивање на казна, па дури и определување на износ на издршка, која треба да ја плати .

Овие инциденти никогаш кај мене не влијаеле за било што, освен што ме насочиле уште повеќе да се борам за местото на жената во оваа општество, бидејќи не смее било која жена да биде мета на напад поради тоа што е жена и некој мисли дека е послаба.

Кој е пристапот на работење со самохрани родители? 

  • Работејќи семејно право, секојдневно се соочувам со проблемите на самохраните мајки, кои најчесто после разводот или разделбата со вонбрачниот партнер, остануваат сами на себе во поглед на издржувањето на своите деца , кои се огромен пропуст на нашата држава.

Тие се : 

– Определување на многу низок износ за издршка-алиментација и

– Неможност за наплата на издршката-алиментацијата и не постоење на државен фонд за наплата на алиментација.

– Определувањето на мал износ, а не соодветен на приходите на родителот кој треба да плаќа го доведува во позиција детето кое ја прима алиментацијата да има ограничени можности за образование и образовна надградба, како и покомотен живот.

– Непостоењето на механизам за наплата на алиментација без државен фонд за наплата е пропуст на државата и оставање на „цедило“ на многу деца  чии родители се иселиле во странство каде што работат, остваруваат приходи, а плаќањето на алиментација е оставено на нивната добра волја ,како и оние кои не се во можност  да плаќаат поради болест или издржување на казни затвор .

– Повеќе земји во регионот ја препознаа оваа проблематика со ненаплатливите алиментации и оформија државни фондови со кои ги помагаат ненаплатливите алиментации, но зошто тоа не е пракса кај нас, треба сериозно да се запрашаме.

Во вашите јавни излагања имате споделено многу ова вашите лични препреки, и тешкотии со кои многу луѓе се соочуваат. Таков вид на храброст не е честа работа, но служите за пример колку е важно отворено да се зборува и солидарноста. Како тоа ве оформи и ви помогна колку во што сте денеска? Нам ни е особено значајно, преку нашата мрежа да ги охрабриме сите жени и девојки во нивните животни предизвици. 

  • Како најкомично искуство во професијата ми било, кога спротивна странка, маж ме побара на телефон и сакаше да разговара со маж, а не со жена. Му одговорив дека може да разговара единствено со адвокат.

Она што секоја жена треба да го знае во остварувањето на себе си е да биде самостојна и независна, а тоа ќе го постигне со личнен раст и надградба, со сопствено образование или усовршување на вештини, како и несебично вложување во својата работа со голем труд и посветеност, со кои ќе заработува и сама, себе си ќе си обезбеди материјална и финансиска сигурност,а нема да очекува мажот да ја „вдоми“ ,„обезбеди“ и да ја издржува, туку единствено да очекува подеднакво негово учество во сите области од партнерскиот однос и родителството.

Една жена треба да сфати дека убавината и сексуалноста се минливи, но не и образованието, оспособувањето за некоја вештина, сопствената надградба и создавање на своја материјална сигурност со која ќе биде самостојна, нема да зависи од никој и ќе може сама да се грижи за себе и своите деца во случај на развод или разделување со партнерот е патот до сопствениот успех.

Една жена е успешна кога ќе ги оствари своите соништа сама и ќе биде горда на себе.

Што би ги советувале жените кои сакаат да се занимаваат со вашата професија?

  • Во денешно време, мојата професија ја одбираат се повеќе и повеќе жени, така што епитетот дека е машка професија се губи. Најважно за секоја жена која ќе ја избере мојата професија, е да има добро познавање од правото, да стекне практични искуства пред да започне сама да работи,пред се да биде храбра, а најважно да не се карактеризира себе си како жена во таа професија, туку единствено како професионалец без разлика на пол.

И како за крај, која книга би ни ја препорачале за иницијативата #СподелиАвторка? Ние имаме иницијатива преку која го промовираме женското писмо и творештво. Дали има некоја посебна авторка која би ја споделиле со нас? 

  • За крај би ја препорачала како авторка прекрасната Хелен Келер која, како жена и тоа со сериозен хендикеп не сметала дека тоа што е жена и има попреченост и е пречка за да стане успешна и во своите маестрални дела, ја отворила душата најискрено во целата нејзина длабочина.

Овaa иницијатива е дел од проектните активности фокусирани на „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, проект кој го спроведуваме заедно со Националниот младински совет на Македонија. Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а целта е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.