ХЕРО(ИНА) на месецот: Александра Спасеска

Иницијативата на Стела Мрежа, да се слушнаат силните гласови и поучните приказни на нашите ХЕРО(ИНИ) продолжува. Преку овие приказни сакаме да ги поттикнеме останатите жени да тргнат по нивниот замислен пат и да ги остварат нивните цели, докажувајќи им дека можат да ги прескокнат општествените препреки. Ние веруваме во нив! 

На наше и ваше задоволство ви ја претставуваме втората ХЕРО(ИНА) – Александра Спасеска која е заменичка на главниот уредник во редакцијата на Кајгана Медиа. Таа е дел е од тимот на ДИЈАЛОГ- Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката Платформа Медуза и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата Модна револуција. Менторка е и активистка во Мрежа Стела. Авторка е на блогот Александрина Везилка, а нејзини текстови биле објавени и во Pixel.mk, платформата Bastet Noir и блогот Culture Matters на Europe House. 

„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојно објавена книга, во издание на ПНВ Публикации. Вториот поетски ракопис на Спасеска, насловен „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. 

Како би го дефинирале успехот во денешното општество кое континуирано нè тера да трагаме кон т.н. подобра верзија од себе, наспроти долгогодишното учење?

Успех е збор кој неволно го користам, бидејќи не верувам дека нè дефинира на каков било начин, а и за различни луѓе опфаќа различни параметри. Конечноста на тоа да се постигне некаков успех – личен, кариерен, општествен – за мене се коси со природата на постојано растење, себеоткривање и проширување на сопствените видици. Сметам дека како луѓе треба да остануваме отворени за нови искуства, знаења и восхит.

Учењето не завршува со добивањето некаква академска валидација, туку верувам дека без разлика на нашата професија, потекло и социјална улога треба постојано да учиме и да растеме. Светот се менува и ние треба да се менуваме со него, да ги запознаваме различностите, да ја негуваме, надградуваме и наградуваме емпатијата пред некаков „успех“ што се лажеме дека нè прави подобри од другите.

Зошто ви е важно менторството во вашиот живот? Како учите од другите и го споделувате своето знаење?

Во насока на тоа постојано учење, на менторството гледам како на еден многу природен процес на предавање на знаења и вештини, но исто така и споделување на човечкиот дух, отпорност, прилагодливост, љубопитност… Сум ја имала таа привилегија низ животот да имам официјални и неофицијални ментори и менторки кои ги препознале во мене моите потенцијали, несебично ги споделиле со мене своите искуства и ме поттикнале да продолжам да бидам љубопитна и да се развивам, потсетувајќи ме дека нема еден „вистински“ пат, начин, метод, по кој се остваруваат соништата.

Токму тој емпатичен пристап што ми помогна мене се трудам да го применувам и во моите менторски потфати и напори. Верувам дека процесот е двонасочен и дека истовремено и двете страни учат и се себеоткриваат во таа размена на енергии. Исто така сметам дека возраста е небитна во поглед на улогите во процесот и дека може да учиме од секого и да учиме на која било возраст. Многу често токму тоа поттурнување во вистинската насока или едноставно охрабрување дека секој го крои својот пат со она што го има на располагање, може да биде пресвртниот момент во нечиј живот.

Кои се темите на кои сакате да работите како новинарка, што мислите за родовата еднавкост во јавниот простор? Како да се подобри оваа проблематика според вас?

Медиумскиот пејзаж кај нас се смени многу во изминативе 15-тина години откако работам во медиуми – од класичните печатени до огромниот дигитален простор денес. Се смени начинот на работа, новинарскиот профил, платформите… Ова не го кажувам како нужно негативно, туку само укажувам на таа постојана променливост и прилагодливост на условите. Отсекогаш сум била ревносна за социјалната правда, заштита на маргинализираните групи во општеството, хуманиот пристап кон луѓето и процесите.

Теми кои едвај доаѓаат на ред во дневнополитичкиот хаос и борбата за кликови. Кога зборуваме за родовата еднаквост, за мене е многу важно од самиот почеток да се пристапи и да се размислува интерсекциски и сеопфатно. Мојот пристап, и не само како новинарка, секогаш почнува од преиспитување на позицијата на привилегија. Многу често не сме свесни колку привилегиите од кои доаѓаме нè спречуваат да ја видиме пошироката слика и да сфатиме дека она што функционира за нас не функционира за некој друг.

Тоа е особено видливо кога тој некој друг е токму оној на кој сакаме да му помогнеме, дали преку пишување за актуелизирање на проблемот со кој се соочува, нашата активистичка или волонтерска работа во таа насока. Се трудам сите мои напори и вложен труд и енергија на некаков начин да ги канализирам кон придонес за родовата еднаквост, подобро разбирање на поимот и соодветна примена кога се работи за креирање политики и спроведување на тие политики на дело. А за тоа да го правиме подобро сите ние, топло препорачувам да си ги преиспитаме сопствените позиции на привилегија.

Колку влијае социјалниот живот врз жените во/за јавните професии?

Јавноста кај нас се научи да реагира на повеќето теми сензационалистички и „од високо“ – секој има мислење за тоа што и како е најдобро. И речиси секој има мислење за тоа каде ѝ е местото на жената. И не само тоа – критериумите кои една девојка или жена треба да ги „задоволи“ за да го „оправда“ своето место во која било сфера на личниот или општествениот живот, се нереални, и не важат за мажите и момчињата.

Погрешното поимање на феминизмот и родовата еднаквост како „насочени против мажите“ се перпетуира насекаде – во медиумите, во јавниот дискурс – на штета на сите. Феминизмот онаков каков што јас го разбирам не е против мажите, туку против системите, политиките и праксите создадени и применети од мажите за мажите, направени така да ги исклучуваат жените, а неретко и да бидат целосно слепи за нив и нивните потреби.

Да не заборавиме дека во 1983 година НАСА, каде работат едни од најголемите умови на денешницата, планираше да прати 100 (сто!) тампони за астронаутката Сали Рајд за нејзиниот еднонеделен престој во вселената. Тоа пластично го илустрира поимањето и познавањето на жената како природно и општествено битие.

Дали во вашата работа имате допир до жени на кои им треба патека за излез и како им помагате?

Мојата работа и активистички ангажман се главно насочени кон жените и девојчињата, со фокус на социјалната правда и родово-базираното насилство. Тргнувајќи од сопствените искуства, ги акумулирам искуствата на многу жени со кои сум била во контакт од секаков аспект и барам начини да ги насочам кон потребните ресурси и помош, а и да ги добијам јас. Благодарна сум на сите девојчиња и жени кои во мене препознале безбедно место на кое може да се обратат, и на сите девојки и жени кои со многу емпатија ми го пренеле нивното знаење и вештини или ги примениле за да им помогнеме на оние на кои им била потребна помош.

Постојано си повторувам дека колку и да е направено, секогаш има уште многу што да се направи и дека помошта доаѓа и се нуди во најразлични форми. Најважно е да се знае дека нема едно универзално решение и дека на секое девојче, девојка и жена треба да се пристапи земајќи го предвид нејзиното уникатно искуство и опкружување.

Понекогаш помошта е активно слушање, некогаш е совет или информација, истражување или пишување текст, наоѓање стан, излегување од насилен дом или оддалечување од насилен партнер, некогаш е собирање облека или бирање на комбинација за првиот ден на работа, некогаш е поддршка на бизнис што го води жена, но секогаш е помош за која треба да сум сигурна дека можам да ја дадам. А тоа значи и да не нудам половични решенија и да се грижам за себе, мојот безбеден простор и мојот мир.

Што ве инспирираше за поетската книга Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“, едно прекрасно и топло дело?

Мојата прва поетска книга ја објавив годинава, после 30 години пишување и за мене е најсветлата точка во изминатава година. Песните застапени во оваа книга се пишувани во последните десетина години и се еден вид интимно сведоштво за моето себеоткривање, препознавање и лекување на траумите, и навигирање низ сложеноста на меѓучовечките односи. Песните се истовремено мои и на сите жени во мојот живот – јас пишувам за универзалното женско искуство низ проблесоци на единствени сознанија.

Иако смртта се провејува низ книгата (уште во самиот поднаслов!), оваа збирка ја сметам за терапевтска и топла и ти благодарам што го забележа и препозна тоа. Не можам да ја опишам радоста кога се среќавам со читателки кои лично не ги познавам, а во размената на енергии дознавам дека она што сум го напишала ги допрело и се надевам, на некаков начин, им помогнало самите да ги почнат или да ги пребродат тие процеси на исцелување.

Какво е чувството да ве споредуваат со големиот Шекспир?

Ах, Марија Велинова ме задолжи за цел живот со таа рецензија! Нејзиното видување на книгата објавено во Култура Бета ме распадна и одново ме состави додека го читав од почеток до крај. Велинова е еден редок женски поетски глас и јас сум привилегирана што создавам во исто време со неа. Начинот на кој таа ја согледа мојата поезија, како млада жена од една сосема друга генерација, ми е еден посебен подарок од универзумот, давајќи ми нова димензија во која можам да се себеиспитувам, но и кураж да продолжам да пишувам за раскошот на женското искуство.