Абортусот со новиот Закон е достапен за сите-за жените Ромки, не е

Жените Ромки кои се социјален ризик не можат да направат абортус поради високите суми за интервенцијата.  Иако е право на избор, поради цената која се движи од 6000 до 9000 денари, абортусот е недостапен за оваа категорија на жени. Законот за прекин на бременоста ги донесе бараните промени, но не го регулира правото на абортус за жените кои се социјално загрозени и не се во можност да ја платат оваа здравствена услуга.

Лошите услови за живот во кои се наоѓале 26 годишната Имирзат и нејзиниот сопруг кои  и двајцата биле невработени, ја натерале оваа млада жена да се одлучи за прекин на втората, непланирана бременост. Но, ова право не можела да го оствари бидејќи не била во можност да плати за абортус и морала да го роди бебето.

„Сметам дека абортусот треба да биде бесплатен и достапен до сите жени бидејќи повеќето од нас немаат средства за да платат. Јас немав можност да платам и го родив детето“, вели Имирзат во разговор со активстка на Иницијативата на жените од Шуто Оризари.

Оваа млада жена не е единствена што била принудена на ваков чекор. Жените Ромки во општината Шуто Оризари кои живеат во лоши услови и секојдневно се соочуваат со егзистенцијални проблеми, не можат да си дозволат абортус токму поради финасискиот трошок.

Триесетгодишната З. Д. која сакаше да остане анонимна е сопруга и мајка на седум деца на возраст од 2 до 15 години. Таа има завршено основно образование и е невработена. Семејството живее во лоши услови и за нив секој ден е борба за останок. Кога дознала за осмата, непланирана бременост се уште била во првиот месец  и одлучила да абортира. Се обратила на Клиниката за гинекологија каде што била известена дека треба да плати за абортусот. Оваа жена успеала да позајми 6000 денари и така абортусот бил извршен.

„Се би направила за подобра иднина на моето семејство, затоа и мојот избор беше абортусот. Сите сме свесни дека децата се нашето најголемо богатство, но кога немам како да ги нахранам овие седум, зарем ќе можам уште едно“, изјави триесегодишната З. Д. од Шуто Оризари.

Поради ова жените Ромки не можат да ги остварат своите репродуктивни права и тогаш најчесто се одлучуваат нелегално да абортираат во приватни гинеколошки ординации каде што тоа е незаконски. Во овие ординации сумите се далеку помали и се договараат на лице место, вели Салија Беќир Халим, од Иницијатаивата на жените Ромки во Шуто Оризари.

Жените Ромки најчесто поради финансиската ситуација не се во можност да ги остварат своите репродуктивни права и секако планирањето на семејството. Поради ова многу жени се одлучуваат да абортираат во околните гинеколошки ординации, иако тоа е незаконски и нелегално  бидејки абортусот е дозволен само во болнички услови. Во овие ординации цената е многу пониска и дури практично се склучуваат спогодби помегу гинеколошките ординации и жените. Абортусот иако со новиот Закон е достапен за сите, за жените Ромки не е“,  вели Салија Беќир Халим.

Бесплатен абортус не постои – Институциите си ја префрлаат одговорноста

По многу перипетии во март 2019 година пратениците го изгласаа Законот за прекин на бременоста со кој се укинуваат административните бариери и се овозможува жената да го оствари правото за безбеден абортус.

Законот овозможува прекинувањето на бременоста до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена, ако е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинот на бременоста се врши со писмена согласност на родителот или старателот.

Но, во Законот не е предвидено абортусот по избор на жената да биде дел од пакетот на здравствени услуги на товар на ФЗОМ, посебно за жени од ранливите категории. Фондот го покрива само абортусот  кој претстатува ризик по здравјето на жената доколку не се прекине бременоста.

Доколку државата смета дека одредена ранлива популација треба да биде привилегирана во однос на некоја здравствена услуга тоа може да се направи преку програми на други државни институции, Министерство за труд и социјална политика на пример, или преку невладини организации. Немедицинскиот абортус е дел од комплексна тема за семејното планирање и не треба да се сведе само на тоа кој ќе го покрие трошокот за услугата. Постојат и други начини за заштита од несакана бременост кои треба да се пренесат на осигурениците при планирањето на семејството“, велат во ФЗОМ.

Во Министерсвото за труд и социјална политика, пак, одговорноста ја префрлаат на Министерството за здравство и сметаат дека одговор треба да се бара таму, а не кај нив.

Центарот за социјална работа согласно Закон за социјална заштита обзбедува здравствена заштита во примарното здравство и се плакаат трошоци за болничко лекување на корисници  на гарантирана минимална помош, корисници на надоместок за попреченост,корисници на нега и помош од друго лице. Во однос на плаќање на абортусот, одговор треба да се побара во Министерството за здравство, согласно Законот за абортус и програмите за мајки и деца кои се во надлежност на ова Министерство“, одговорија од Министерството за труд и социјала.

На последното институционално скалило, Министерството за здравство веднаш излезе со одговор дека нашле механизам за ранливите категории да го остварат ова човеково право преку Програмата за активна заштита на мајки и деца.

Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во која се предвидени 1.500.000,00 денари токму за оние жени од ранливи категории и со ниски примања да можат да си го остварат ова човеково право. Преку оваа годишна Програма која беше реализирана во текот на изминатата година своето право веќе го користат жените на Клиниката за гинекологија. Истиот тренд на остварување на ова право ќе продолжи и во 2021 година“, велат во ресорното Министерство.

Но, дека бесплатен абортус за жените од социјален ризик не е предвиден во Програмата за активна заштита на мајки и деца може да се види и од документот,  кој е јавно достапен на веб страната на Министерството за здравство.

И на Клиниката за гинекологија потврдија дека абортусот за жените од социјален ризик се наплаќа.

“Нема бесплатен абортус за жени со социјален ризик, Програмата не го предвидува тоа, на сите им се наплатува. Досега не се најде начин како да се покријат овие трошоци и ниту една институција не понуди помош и решение. Со тие еден и пол милион денари кои се наведени во оваа Програма, набавивме таблети за медикаментозен абортус кои се користат од октомври и се најдоа во Ковид кризата, но и овој абортус се наплаќа заради дополнителните услугати“, велат на Клиниката за гинекологија.

Од ГАК објаснуваат дека абортуси најчесто прават жените Ромки и други со социјален ризик но велат, во последно време нивниот број е намален бидејќи одат да абортираат во приватни ординации- таму е поевтино. За да не доаѓа до несакана бременост на Гинекологија им делат средства за контрацепција и спирали.

Од Гинекологија потенцираат дека во октомври набавиле одредена количина на таблети од средствата наменети за медикаментозниот абортус, но тоа завршува тука. Од наредната година Клиниката ќе мора сама да го набавува.

“Но, иако е малку поевтин, изнесува 5000 денари и овој абортус се наплаќа“, објаснуваат на ГАК.

Инаку, Програмата за активна запштита на мајки деца има фокус на жените од социјално ранливите категории, особено на жените Ромки, но акцентот е ставен на подигање на информираноста и едуцираноста на населението за здрави животни стилови и правилно здравствено однесување во преконцепциски, антенатален, постнателен и во доенечкиот период,како и унапредување на квалитетот и еднаквоста во пристапот до здравствените услуги за мајките и децата.

Тука се и бесплатни прегледи и лабораториски анализи во текот на бременоста, поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување и лица без документи за идентификција, бесплатни прегледи за жени кои претпреле сексуално насилство, но никаде не е спомнат абортусот како право на избор кој е финансиски покриен  преку оваа Програма.

Очигледно е дека институциите си ја префрлаат одговорноста едни на други, а реално решение на проблемот досега нема. Токму и во таа насока е реакцијата на жените од социјално ранливите категории и од Иницијативата на жените Ромки од Шуто Оризари.

СЗО: Ограничувањата водат до небезбеден абортус и смрт

Светската здравствена организација посочува дека Законите и политиките за абортус треба да го штитат здравјето на жените и нивните човекови права. Треба да се отстранат регулаторните, политички и програмски бариери што го попречуваат пристапот и навременото овозможување на безбеден абортус. Ограничувањата на пристапот доведува до небезбедни абортуси и небезбедни раѓања, се вели во Програмата за хумана репродукција на СЗО.

Во земјите каде што абортусот е законски ограничен или на друг начин недостапен, честопати станува привилегија на богатите, додека сиромашните жени немаат избор  освен да одат кај небезбедни даватели на услуги, предупредува СЗО.

„Ова доведува до голем број на непотребни смртни случаи и морбидитети, што резултира со социјален и финансиски товар за системите за јавно здравје. Во земјите каде што има малку ограничувања за пристап до безбеден абортус, смртните случаи и болести се драматично намалени“, стои во Програмата на СЗО.

Според податоците,  СЗО проценува дека во 2008 година имало приближно 22 милиони небезбедни абортуси годишно, што резултирало со 47 000 смртни случаи и 5 милиони компликации што завршиле со прием во болница.

Скоро сите небезбедни абортуси (98%) се случиле во земји со ниски и средни примања. Една од бариерите кои доведуваат до небезбеден абортус се зголемените трошоци за пристап до услугите за абортус, велат во СЗО.

Во Македонија, јавна тајна е дека жените од социјално ранливите групи се изложени на ризик од небезбедни абортуси во некои од приватни гинеколошки ординации за многу помала сума пари од таа во јавното здравство и никој не презема ништо да се спречи тоа.

Државата не го препознава овој проблем и причините што доведуваат до него, а со тоа и не им го олеснува правото на безбеден абортус во јавното здравство на жените од социјално ранливите категории, како што се и жените Ромки.

Менче Точи, 25 Минути (ТВ 24)