Брошура за правата на лицата со попреченост

Попреченоста е во општеството, а не е карактеристика на личноста. Таа е последица на несоодветна интеракција меѓу лицето и средината поради постоење на надворешна бариера (физичка, проблем во несоодветна комуникција, предрасуди и дискриминација).

Сакајќи да ја подигне свеста кај лицата со попреченост за нивните права и да ги информира за механизмите кои им стојат на располагање секојпат кога правата им се повредени, Локалното координативно тело за заштита од дискриминација во Општина Струмица, со наша поддршка, ја изготви брошурата „Зошто е важно да зборуваме за недискриминација и човекови права“ во рамки на проектот „Собранието и локалните самоуправи во унапредувањето на правата на ЛГБТ“, кој е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.

Ова тело е формирано од претставници на различни институции и граѓански организации со цел да разменуваат информации, да преземаат заеднички активности и да помагаат при поуспешно спроведување на Законот за еднакви можности на мажите и жените и на Законот за заштита и превенција од дискриминација на локално ниво.

Брошурата можете да ја преземете тука, а доколку се соочуваате со дискриминација, обратете се кај Нела Масалковска, координаторка за еднакви можности на мажите и жените во Општина Струмица и Софче Иванова, координаторка на Локалното тело за заштита од дискриминација на Општина Струмица на е-адресата lktzd_strumica@gmail.com и на телефонските броеви 076 499 870 и 076 483 162.