Во Унгарија абортусот станува нелегален без да се слушне срцевата акција на фетусот
Во Унгарија, жените и девојките кои сакаат да направат абортус ќе бидат принудени да го слушнат „чукањето на срцето“ на фетусот пред лекарите да продолжат со процедурата.
„Тоа е дефинитивно загрижувачки чекор назад, и навистина лош знак“, изјави Арон Деметер, портпарол на Амнести интернешнал Унгарија, за француската новинска агенција АФП. „Овој амандман не постигнува ништо, освен што дополнително ќе ги трауматизира жените, ќе изврши дополнителен притисок врз жените кои и онака се наоѓаат во тешка позиција.“
Амандманот беше објавен доцна во понеделникот и ќе стапи на сила во четврток. На жените и девојките во Унгарија им е дозволено да направат абортус до 12-та недела од бременоста, понекогаш и подоцна, но само ако постојат сериозни здравствени компликации. Законски се обврзани да одат и на психолошко советување пред да пристапат кон следниот чекор.
Според новиот закон, лекарите мора да издадат и извештај во кој е евидентирано дека на трудницата и е претставен „факторот што укажува на функционирање на виталните функции на фетусот на јасно препознатлив начин“.
Лекарите и истражувачите за репродуктивните права истакнаа, како одговор на слични закони во други земји, дека чекање до периодот во кој ќе се слушне „чукањето на срцето на фетусот“ е неправилна одлука бидејќи срцето сè уште не е целосно формирано, а треперењето на звукот каде што може да се развие срцето започнува пред да почне развојот на екстремитетите и мозочната активност.
Покрај тоа, студиите покажаа дека поставувањето на такви пречки за прекинување на бременоста го отежнува пристапот до легални и безбедни абортуси.
Новиот амандман на унгарскиот статут за репродуктивни права беше поттикнат во голема мера од екстремно десничарската партија Ми Хазанк (Нашата татковина), при што пратеничката Дора Дуро го нарече „шанса за живот“ на нејзината Фејсбук страница.
Додека другите земји на ЕУ ги прошируваат репродуктивните права, администрацијата на конзервативниот премиер Виктор Орбан и неговата владејачка партија Фидес, го поддржаа повлекувањето на законите, обидувајќи се да ги „заштитат традиционалните вредности и родови улоги“. Ова вклучува зголемување на придобивките за мајките кои остануваат дома и имаат повеќе деца, како и воведувањето анти-ЛГБТИ+ законодавство.
Институтот за стратешки дијалог (ИСД), тинк-тенк со седиште во Лондон, во извештајот од 2021 година откри дека Фидес соработува со „меѓународна мрежа на ултра-конзервативни организации кои работат на поткопување и ограничување на правата на сексуалното и репродуктивното здравје на жените“, со сегашната претседателка Каталин Новак, поранешна министерка за семејни работи.