За доброто на жените и децата жртви на насилство, државата треба да обезбеди поддршка која ќе биде локално достапна и одржлива

Специјализираното советувалиште за жртви на родово засновано и семејно насилство ЕХО – Штип е успешен пример за обезбедувањето квалитетни, доверливи и бесплатни услуги за најзасегнатите од насилство

Изминатите 9 месеци над 170 жени и девојки жртви на насилство се обратиле за бесплатна психолошка поддршка и правна помош во Едукативно-хуманитарната организација ЕХО – Штип која повеќе од 20 години работи на обезбедување поддршка на жени и девојки жртви на родово засновано и семејно насилство, а од ноември минатата година успешно раководи и со специјализирано советувалиште.

Токму промоцијата на бесплатните услуги на ЕХО кои се достапни не само за луѓето во Штип, туку и од целиот Источен регион, беше повод за денешната посета на специјализираното советувалиште од страна на Министерката за труд и социјална политика, м-р Јованка Тренчевска, како и претставници на канцеларијата на UN Women во Скопје и на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.

„Бројката на лица кои добиле бесплатна услуга само во ова Советувалиште во изминатиов период потврдува дека општеството се буди и дека расте свесноста за тоа колку е важно да се препознае и елиминира насилството. Заложбата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, особено по ратификацијата на Истанбулската конвенција и донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство, е проширување на ваквите сервиси за жртвите на насилство во сите плански региони, но од големо значење е и воспоставувањето на сервиси кои ќе работат со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем“, истакна министерката Тренчевска.

Во изминатите 9 месеци ЕХО обезбедила над 200 специјализирани советувалишни услуги за 170 жени и девојки, со техничка поддршка на ХЕРА и со финансиска поддршка од Европската Комисија, обезбедена преку македонската канцеларија на UN Women.

„ХЕРА посветено работи на развивање на капацитетите на локалните даватели на услуги, за нудење услуги и поддршка на жените и децата што преживеале насилство. Меѓу нив се и жени и девојки со попреченост, како и жени и девојки од рурални средини кои најверојатно не би можеле да добијат помош доколку таа не е локално достапна. Ваквите услуги што треба да ги нудат граѓанските организации кои најдобро го познаваат теренот, е особено важно да се бесплатни и достапни за жените засегнати од насилство низ целата земја и во иднина целосно да бидат финансиски поддржани од локалните и национални буџети, за да се обезбеди нивна одржливост“, нагласи Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА.

Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на канцеларијата на UN Women во Скопје, ја истакна важноста од темелното спроведување на Истанбулската конвенција и напорите што UN Women ги прави во нашата земја. Ова тело на Обединетите Нации се фокусира на обезбедување поддршка за граѓанскиот сектор за да може да се исправи пред предизвиците што ги налагаат самата меѓународна конвенција и обврската на државата да ја спроведе. Ова подразбира и обезбедување одржливост на ваков вид специјализирани советувалишта за кои потребата е повеќе од очигледна.

„Жените жртви на насилство треба да ја добијат помошта која им е итно неопходна, да знаат каде да се обратат, да бидат заштитени и да добијат совет и поддршка. Затоа постоењето на вакви центри и обучен кадар е од суштинско значење. Во исто време работиме и на подигнување на свеста дека која било форма на насилство врз жените е неприфатливо кршење на човековите права и не смее да се толерира. Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените во соработка со сите партнери продолжува да пружа поддршка за спроведување на Истанбулската конвенција“, изјави таа.

Овие бесплатни специјализирани услуги се овозможени преку проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи“. Притоа, особено е значајно општината и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат континуитет во давањето на овие услуги и по завршувањето на проектот.

„Потреба за вакви услуги постои, заради што е исклучително важно да се обезбеди нивната одржливост. Нашите услуги ги користат не само жени од Штип, туку и од околните места во регионот. Работиме и со лица со попреченост, при што спроведуваме посебен протокол за работа, како и со лица од локалните малцински заедници“, изјава Бети Пејева од ЕХО.
Во изминатите две години, преку проектот ХЕРА спроведе серија специјализирани обуки за третман и постапување со жртви на семејно и родово засновано насилство за граѓански организации и центрите за социјална работа од градовите Струмица, Штип, Велес, Свети Николе, Куманово при што беа обучени 30 даватели на услуги за специјализирани советувалишта за родово базирано и семејно насилство.

Настанот е дел од проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на UN Women и ХЕРА.

Source ХЕРА