Гледај.мк: „Сè што ги интересира филмските и театарските рецензенти е добра тема за пишување“

Гледај.мк е неформален колектив за филмска и театарска критика кој поддржува 15тина млади рецензенти кои континуирано се едуцираат за културата и аргументирано се изразуваат за остварувањата кои ги гледаат. Во интервјуто со Петра Бранковска и Јована Ѓорѓиовска од независната иницијатива „Гледај“, зборувавме за развојот на онлајн платформата и нивното досегашно искуство како филмски и театарски рецензенти.

„Гледај“ е една од најиновативните независни иницијативи во нашата држава, и е совршена веб платформа за сите кои се заинтересирани за филмска и театарска критика. Што ве инспирираше да ја создадете „Гледај“, како се роди идејата за веб платформа од овој вид?

Петра: Ви благодариме многу на убавите зборови! На ова прашање би можела најдобро да одговори Јована, зошто таа е ко-основач 🙂 Јас сум всушност „унапредена“ во една помошник уредничка позиција 2 години откако бев дел од првиот циклус работилници за млади рецензенти. Кога го видов повикот го помислив истото како и вие – не бев слушнала за ништо вакво во државата што би ме обучило некако на професионален начин да ги искажам сите мисли што ги имам во главата откако ќе гледам филм, и како голем љубител на медиумот се пријавив и останатото е историја 🙂

Јована: Инспирацијата дојде од слично искуство како ова што Петра го опиша – често имав еден тон мисли во главата откако ќе изгледав филм или претстава, а немав каде и како да ги споделам. Самата идеја дека сакам да пишувам критика почна многу едноставно – со редовно читање туѓи критики и литература на темата, па објавување на свои рецензии во Радио МОФ каде работев за време на факултетските денови. По некое време сфатив дека она што ми недостасува е ментор кој би можел да ми помогне при развојот на мојот личен стил на пишување, а тоа не е едноставно да се најде во нашата држава.

Кога конечно, по неколку преселби, се стабилизирав во Македонија во 2018 година, со ко-основачот Атанас одлучивме дека треба да им се олесни патот на младите кои би сакале да пишуваат и почнавме со решавање на основните препреки со кои лично се имаме соочено. На пр., како да знам за што треба да пишувам, како да добијам пристап до настани и фестивали, како да си го подобрам пишувањето, каде да ги објавам текстовите, како да стапам во контакт со културни работници кои би можеле да ми разрешат некои прашања за нивните проекти, итн. На почетокот од процесот, поддршката од Русе, Марга и Филип од МКЦ, како и соработката со менторите Ана, Влатко и Васко, беа клучни за поставување на основите на Гледај.мк, за потоа полека полека, органски да почне да расте во она што е денес.

„Коливо“: Проекција и дискусија. Фото: Гледај.мк

Иницијативата „Гледај“ го прослави својот четврти роденден. Кои моменти би ги издвоиле како “turning points” низ овие четири години?

Петра: Една од главните наградувачки работи што произлегле беа можностите да соработуваме со голем број македонски фестивали кои ни обезбедија акредитации за да може да го покриваме фестивалот како што прават филмските и театарските рецензенти во странство. Едни од првите фестивали што нè поддржија беа МОТ, Синедејс и Македокс, и токму таму изградивме пријателства и професионални конекции кои многу ни помогнаа во понатамошниот развој, раст и пробивање во македонската културна сцена.

Јована: За мене лично, 2 искуства од последнава година се многу важен индикатор за нашиот развој како колектив, особено ако земете предвид дека голем дел од трудот е на волонтерска основа. Прво, периодов повеќе организации и компании ни пристапија со понуди за соработка и промовирање на критичката мисла во Македонија, што за нас е дополнителен ветар во грб. Второ, годинава бевме официјално поканети на Филмскиот фестивал во Сараево како дел од критичарите кои го покриваа фестивалот, што беше прво признание за Гледај.мк како релевантен медиум надвор од нашите граници.

Освен филмски и театарски рецензии, во изминативе години реализиравте и работилници за креативно пишување, односно за театарска и филмска критика. Дали постои интерес во Македонија за изучување на овие вештини?

Петра: Работилниците ни се особено драго постигнување зошто така и се започна. Поради тие работилници нашиот тим моментално се состои од 6 членови кои се навистина посветени на нивната работа и веќе имаат и поголеми амбиции (голем поздрав до Марија, Лина, Филипа и Евгенија). Јас бев особено изненадена дека интересот за четвртиот циклус работилници беше голем – имавме 50тина кандидати па изборот за кој ќе ги следи предавањата беше особено тежок. Има огромен потенцијал во оваа сфера, и можам да кажам дека напорно работиме да оствариме уште еден циклус на работилници наскоро.

Би можеле ли да издвоите омилени филмски и театарски остварувања кои ве инспирирале да пишувате за нив?

Петра: Ова прашање го добиваме многу често, а јас многу не сакам да го одговарам зошто се трудам да не се ограничувам. Човек треба се да гледа ако сака да пишува рецензии, и „страшно лоши“ и ремек дела 🙂  Е сега, не можам да лажам дека сум многу пристрана за филмови, а помалку за претстави. Најмногу ме инспирираат да пишувам филмови во кои се обработуваат егзистенцијални прашања како и филмови со „slow burn“ темпо, зошто сметам дека таму најмногу може да се увиди целосната работа на продукцијата, од камера до музика до режија и сценарио.

Јована: И јас обично го избегнувам прашањево 🙂 Од една страна, многу ретко дефинирам филм/претстава како „омилен“ затоа што таква дефиниција за мене алудира дека сум ја изгледала целата конкуренција па сум одлучила ова едно дело да го „крунисам“ како најдобро. Од друга страна, толку многу филмови и претстави гледам, што често се менува делото што најмногу ми ги окупира мислите во даден период и тешко ми е да издвојам само едно. Но за да не го избегнам комплетно прашањето – последен филм кој ептен ме „погоди“ беше францускиот „Најлошите“ во режија на Луиз Акока и Роман Гере.

За нас, како читатели, содржината достапна на „Гледај“ има особено релевантна улога во креирањето на општествени промени – платформата опфаќа филмски и театарски остварувања кои се фокусираат и на родовиот идентитет, женскиот поглед и искуства, фемицидот, борбата со традиционалните вредности, мајчинството, влијанието на политичките промени врз развојот на општеството во периоди на транзиција итн. Дали имате некаков посебен метод на избирање на филмовите и театарските претстави за кои пишувате рецензии?

Петра: Методот на избирање на филмови ни е всушност многу едноставен – немаме некои очигледни правила 🙂 Ако пишуваме за филмови кои ги гледаме на конкретен фестивал, предност им даваме на оние кои знаеме дека нема толку лесно да се најдат на „торент“ зошто тоа е скоро па и единствената прилика да ги гледаме. Секако, секој од пишувачите си има свој сензибилитет. Не е ни чудно што доста од филмовите што ги одбираме се многу политички, зошто и ние како 6 жени сме привлечени да дадеме простор на најголемите општествени проблеми на денешницата и да инспирираме критичко размислување.

Фото: „Причина за смрт“, режија Џиоти Мистри. Архива на Гледај.мк

Јована: Убаво рече Петра – единственото правило е дека нема правила 🙂 Сè што ги интересира рецензентите е добра тема за пишување, па често оставаме целосна слобода при изборот на филм или претстава.

Што можеме да очекуваме во иднина од „Гледај“?

Петра: Надежно, доста големи работи хаха 🙂 Приоритет ни е започнување на нов циклус работилници, а во тек се апликациите за учество и на странски фестивали така што би можеле да видиме уште тон филмови и претстави кои инаку не би ги погледнале.

Јована: Како што најави Петра, периодов ќе помине во знакот на „дописнички“ рецензии од странски фестивали за филм и театар, веќе еден дел од тимот скроивме планови каде ќе патуваме. А во меѓувреме – отворени сме за читање нови рецензии од млади автори, кои можат да ни ги испратат на gledaj.mk.official@gmail.com!