Дени Омерагиќ, басист на Светлост: Не може да има слободен израз без демократски пристап!

Музичкиот состав Светлост+ Odron Ritual Orchestra е токму она што долги години фалеше на нашите простори - состав со нов, современ звук кој успева да испреплети различни музички пристапи и стилски правци во едно дело, комбинирајќи free jazz, minimalism, ambient, post-rock. Оваа година, на 16-ти октомври, во 21:30, тие ќе настапат на 39-тото издание на Скопскиот Џез Фестивал, на сцената на Македонската Опера и Балет. Дени Омерагиќ, басистот на Светлост, разговараше со нас за почетоците на Светлост, како и за предизвиците кои ги очекуваат во периодот кој следи.

Континуираните промени и рестриктивните мерки со кои се соочуваме поради пандемијата на КОВИД-19 станаа неизбежен дел од нашето секојдневие. Земајќи ја предвид сегашната (не баш сјајна) состојба, како се чувствувате неколку дена пред вашиот настап на 39-тото издание на Скопскиот Џез Фестивал?

Секој член од групата различно се справува со ситуацијата и не можам да кажам дека има еден обединет став по ова прашање. Имаме здрава дискусија околу се, и сите постапуваме претпазливо и со почит еден кон друг, со надеж дека мерките кои ги преземаме ќе не заштитат додека соработуваме, а со тоа и ќе ги заштитат луѓето околу нас – семејствата, пријателите и соработниците од други проекти. Во врска со настапот на 39. Скопски Џез Фстивал можам да кажам дека расположението е присутно и на високо ниво. Помеѓу другото, ќе свириме и нова музика, што секогаш е моќен двигател.

Како дојдовте до идејата за Одрон Ритуал Оркестра и дали составот на музичарите се менува?

Кога ја формиравме групата Светлост ја замисливме како отворен проект во кој ќе бидат вклучени музичари од различни профили кои ќе дадат различни гледишта на материјалот. Во изминатите две години повеќе од 20 музичари имаат настапувано под името Светлост, а договорени се уште десетина за наредните две години. Svelost + Odron Ritual Orchestra е само еден израз на групата и една формализација на одреден сет музичари од листата како „работен ансамбл“. Во моментов функционира втората верзија на Svetlost + Odron Ritual Orchestra, која ќе дебитира на СЏФ.

За 2021 година е договорен проектот Svetlost / United Effort Plan составен од 20тина македонски музичари – дел од кои немаат досега настапувано сo нас, додека на лето во 2022 година ќе настапиме со еден сеевропски ансамбл наречен Svetlost + Trans Europa Orchestra. Да одговорам директно на прашањето – да, музичарите се менуваат во зависност од проектите кои ги работиме. Во моментов активни сме со триото и 9-члениот Odron Ritual Orchestra.

На кои начини ги одржувавте заедничките проби, земајќи ги предвид ограничувањата во движењето изминатите неколку месец?

Да бидам искрен – разговоров го правиме во понеделник, а пробите за петочниот настап на СЏФ ни се закажани за вторник и среда. Така што уште не се одржани, а и не сме правеле воопшто проби со ниту една група во изминативе месеци. Формата ја одржувавме преку настапи, кои за среќа беа во поголем број од што можевме да замислиме на почетокот на пандемијата. Сега ќе правиме проби бидејќи сметавме дека настапот на СЏФ е добар повод да свириме и некои нови теми.

Откако имавте две изведби кои можевме да ги проследиме само преку нашите монитори (“Култура во време на корона” и “Шишка виа МКЦ”, како би го опишале чувството да се настапи “онлајн” наместо во живо?

Често ми го поствуваат прашањево изминативе месеци и во принцип редовно го давам истиот одговор. Импровизираната музика се случува во одреден контекст, а присуството или неприсуството на публика го дефинира тој контекст. Концептот на акција/реакција е присутен, како меѓу изведувачите, така и кон публиката. Се прилагодуваме на ситуацијата и различно реагираме во процесот на креација. Забележав дека интеракцијата на музичарите на сцена е малку поопуштена на настапите со виртуелно присуство на публиката и дека крајниот производ може да се разликува. Секако и едниот и другиот начин се добри доколку на крај добиеме производ со кој се задоволни сите чинители.

Можеби малку клише, но сепак од огромна важност – кои музичари се инспиративни за вас?

– Оние кои својата работа ја вршат бескомпромисно, кои се отворени за нови гледишта и кои отвораат нови гледишта. Музичари на кои им е важна суштината и кои порадо би биле гледани со презир, отколку индиферентност. На кои им е важно да предизвикаат било какво чувство. Не мора да се погледне подалеку од програмата на СЏФ во изминатите години за да се најдат такви примери. Да не ги набројуваме сите – предолг би бил разговоров.

Последното истражување од 2020 година на USC Annenberg Inclusion Initiative забележува дека само 18% од музичарите на глобалната музичка сцена се жени, наспроти 82% мажи. Дали ги забележувате видливите разлики во однос на инклузијата и целокупниот третман кон жени – муџичарки кои создаваат и свират џез во нашата држава?

Искрено сум изненаден од ова – сметав дека бројката е дури и помала. И веројатно е помала од 18% доколку не ги сметаме музичарките вработени во симфониски оркестри и во музичката педагогија. Мал број жени се бават со скреативна музичка дејност – композиција и импровизација. Имам свои теории зашто е тоа така, но не сум сигурен дали е прикладно јас да отворам расправа на оваа тема. Доколку некој ме покани би сакал да ги образложам моите размислувања на темата.

Што се однесува на третманот на музичарките кои свират џез во Македонија веројатно треба да кажат самите дали чувствуваат поинаков третман. Не се многу на број, но ми се чини дека не им се ускратени никакви прилики за делување. Во нашата група е добредојден секој музичар кој се поистоветува со тоа што го правиме, и во претходната верзија на Odron Ritual Orchestra имавме дама како редовен член на оркестарот. Не може да има слободен израз без демократски пристап!

За крај – кога би можеле да го очекуваме вашиот нов албум? 😊

Доколку приликите тоа го дозволат почнуваме со активна работа на нов албум на Svetlost + Odron Ritual Orchestra во средина на ноември, со надеж дека ќе го објавиме во првата половина на 2021 година.