За да ги заштитиме децата не смееме да криеме дека злото постои

Познат психолог и психотерапевт кого го следам неодамна сподели приказната за клиентка со кој работел. Млада девојка, студентка, која се јавила на терапијата сериозно дестабилизирана, со изразено чувство на страв, вознемиреност и паника, до тој степен што не била во можност да функционира нормално. Симптомите се појавиле по заминувањето на колеџ, откако се разделила од семејството од каде потекнува и откако доживеа непријатни ситуации во „реалниот свет“, особено во емотивна релација која завршила многу бурно.

Врската била злоставувачка – вербално, емотивно, па дури и физички – и таа била целосно скршена од она што го доживеала, како што би биле и повеќето. Меѓутоа, таа вонредно долго време, не можела да го интегрира она што го доживела, бидејќи искуството било во вознемирувачка спротивност со верувањата што ги понела од дома. Внатрешниот конфликт и расцеп биле огромни, и избиле во форма на симптоми. Имено, оваа млада жена пораснала во семејство во кое нејзините родители ја научиле дека „сите луѓе се ангели“, дека сите сме инхерентно добри, дека „сите имаме крилја“, дека „сите сме дојдени на оваа земја за нашите души да научат одредени лекции“. Затоа, немало простор за претпазливост и непријатни емоции како што е лутината поради навистина лошите постапки на другите, „затоа што сите сме поврзани“,  и „сите сме ученици во училишето на животот каде едни на други си даваме можност да учиме, да растеме и да се развиваме“.

Не е ни чудо што оваа млада жена во првата прилика станала жртва на предатор; била испратена во светот целосно неподготвена за реалноста и целосно неподготвена да се заштити од злото. Понатамошната терапија се состоела од читање литература на тема: војни, големи страдања, концентрациони логори – запознавање со темната страна на човечката природа и сè што човекот е во состојба да стори. Тоа било дел од нејзиното заздравување – стекнување вистинска слика за реалноста. Не песимистичка, туку реална.

Да ја доловиме сликата за животот – дека покрај тоа што се добри, луѓето можат да бидат и многу зли.

Не смееме да криеме од децата дека злото постои. Да, зло – кое како категорија не им припаѓа само на теологијата и етиката, туку и на психологијата, бидејќи тоа секако можеме да го препознаеме во низа психопатолошки појави. Преваленцата на овие појави кај населението е многу постојана – нештата едноставно се такви. За среќа, овие појави не преовладуваат, но сигурно постојат. Ова не е никакво втерување страв – ова е реалноста. И, ако не ги подготвиме децата (и самите себе) за реалноста, ги ставаме во „погодна“ позиција и самите да станат жртви.

Пред неколку години, слушнав за движење на родителите со цел да ги тргнат сите негативни ликови од бајките, како и сите сцени на насилство. Да се ​​расчистат приказните за секаков вид конфликт, верувајќи дека овие сегменти придонесуваат за развој на агресија кај децата. Сепак, ова не е добра идеја, особено во контекст на темата за заштита од злото, и тоа е нешто што генерациите луѓе во минатото интуитивно го знаеја. Децата мора да имаат контакт со наративот за херои и негативци, со поимот добро и зло, со концептите за вистински вредности, доблести, херојство, со приказни и легенди за тоа како доброто го победило злото. Да не криеме од децата (и самите себе) дека злото постои. Ги учиме да не станат зли, да го препознаваат злото, да се заштитуваат од злото. Мораме да се ​​едуцираме себеси за да можеме да ги едуцираме нашите деца.

Да ги научиме најмладите деца за „правилото на долната облека“, како упатство за прифатливи и неприфатливи допири. За повозрасните деца, бајките, цртаните филмови, настаните во градинкате, училиште, секогаш се добра основа за приказна за доброто и злото, односно генерално за прифатливо и неприфатливо однесување.

Едноставна реченица како „има луѓе кои не се добри и прават грди работи, и важно е да им кажеш на мама и тато секогаш кога имаш впечаток дека нешто е грдо, особено кога нешто ти е непријатно, ние сме секогаш тука за тука“, е пораката што треба да се повторува. Да ги задржиме ваквите воспоставени канали за комуникација со адолесцентите, со акцент на прифаќање на спротивставени ставови и потврдување на емоционалните искуства.

И не е залудно кажано дека, „разговорот со децата е најважен“ – тоа значи како родител да се биде физички, ментално и емоционално присутен и трпелив за сто пати повторена приказна за играчка или настан, двесте прашања на една исто тема и илјада подпрашања. Бидејќи дете кое наидува на интерес и разбирање во врска со малите работи – ќе биде поподготвено да ни пријде подоцна во врска со ГОЛЕМИТЕ работи.

 

Јелена Вељковиќ
психолошка советничка и психотерапевтка во надзор, авторка на “Белешки од психотерапијата”

превод: Лени Фрчкоска