Ковид: Забранет влез во Кина на тимот на СЗО што го истражува потеклото на вирусот
На тимот на Светската здравствена организација (СЗО), кој треба да го испита потеклото на Ковид-19 во градот Вухан, му беше забранет влезот во Кина.
Двајца членови веќе беа на пат, а од СЗО велат дека проблемот е недостаток на дозволи за визите.
Сепак, Кина го оспори ова, велејќи дека деталите за посетата, вклучително и датумите, се уште биле во процес на договарање.
Долго очекуваната истрага беше прифатена од Пекинг по повеќемесечни преговори со СЗО.
Вирусот за прв пат беше откриен во Вухан кон крајот на 2019 година, со првичната епидемија поврзана со пазар.
Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус изјави дека е „многу разочаран“ што Кина сè уште не ги завршила дозволите за пристигнувања на тимот „со оглед на тоа што двајца членови веќе ги започнаа своите патувања, а другите не беа во можност да патуваат во последен момент.“
„Бев уверен дека Кина ја забрзува внатрешната постапка за што е можно порано испраќање,“ рече тој пред новинарите во Женева во вторникот, објаснувајќи дека бил во контакт со високи кинески претставници за да нагласи дека „мисијата е приоритет на СЗО и меѓународниот тим.“
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунинг за Би-Би-Си изјави дека „можеби има некакво недоразбирање“ и „нема потреба да се дава преголемо значење на истото.“
„Кинеските власти се во тесна соработка со СЗО, но има некои помали епидемии на повеќе места низ светот и многу земји и региони се зафатени со својата работа да го сопрат ширењето на вирусот, а и ние исто така работиме на тоа,“ рече таа.
„Сепак, ние ја поддржуваме меѓународната соработка и ги унапредуваме внатрешните подготовки. Ние сме во комуникација со СЗО и колку што знам за датумите и аранжманите, сè уште сме во дискусии.“
СЗО со месеци работи на тоа да испрати тим од 10 меѓународни експерти во Кина со цел да се испита животинското потекло на пандемијата и точно како вирусот првпат преминал на луѓето.
Минатиот месец беше објавено дека истрагата ќе започне во јануари 2021 година.
Двајцата членови на меѓународниот тим кои веќе заминаа за Кина тргнаа рано во вторникот, соопшти СЗО. Според новинската агенција Ројтерс, шефот за вонредни состојби на СЗО, Мајк Рајан изјави дека еден се вратќал назад, а еден се наоѓа во трета земја.
Ковид-19 првпат беше откриен во кинескиот град Вухан во централната провинција Хубеи кон крајот на 2019 година.
Првично се веруваше дека вирусот потекнува од пазарот на кој се продава месо од егзотични животни. Беше сугерирано дека ова е местото каде што вирусот направил скок од животни во луѓе.
Но, потеклото на вирусот останува длабоко оспорено. Некои експерти сега веруваат дека пазарот не е местото на потекло тука дека таму само дошло до негово засилување.
Некои истражувања сугерираат дека коронавируси способни да инфицираат луѓе можеби циркулирале неоткриени во лилјаците со децении. Сепак, не е познато кое животно делувало како посредник што го пренел вирусот помеѓу лилјаците и луѓето.