КРИК: Премиера на филмот „Пејзажи на отпорот“ на Марта Попивода и Ана Вујановиќ

Во сабота (25.09), во Музејот на современата уметност ќе се одржи премиерата на документарецот „Пејзажи на отпорот“ во рамки на фестивалот за критичка култура КРИК.

„Како може еден пејзаж да говори? Тоа е како да се прашува дали тревата, штурците, или барата се само позадина за настаните, или дали всушност учествуваат во нив, со своите сенки, длабочини, звуци, чекајќи да станат раскажувачи?“ – Ана Вујановиќ, ко-авторка на Пејзажи на отпорот.

Пејзажи на отпорот е најновиот документарен филм на режисерката и ко-авторката Марта Попивода и ко-авторката Ана Вујановиќ кој премиерно ќе биде прикажан во рамките на шестото издание на Фестивалот за критичка култура КРИК во Музејот на современата уметност.

„Имаме привилегија во рамки на КРИК 06 да го споделиме македонското премиерно прикажување на оваа исклучителна филмска нарација, која ги поставува во совршена синергија интимниот, лирски пристап со силните идеолошко-политички светогледи на авторките.“

По проекцијата на филмот, најавено е присуството на режисерката Марта Попивода која ќе разговара со Ивана Хаџиевска.

Досега филмот освои неколку награди (Cinema du Réel – Library Award; Чонџу меѓународен филмски фестивал – Награда за најдобар филм; Документарен фестивал Солун – награда Златен Александар; Сараевски филмски фестивал – Срцето на Сараево).

Соња (97) е една од првите жени што му се придружила на партизанското движење на отпорот во Југославија. Инспирирана од револуционерните книги што ги добивала од еден соученик во средното училиште, таа ѝ се придружила на комунистичката и антифашистичка организација кон крајот на триесеттите години на дваесеттиот век и во 1941 година станала партизанка во Србија окупирана од Германците. На крајот била заробена, измачувана и по неколку затвори и други концентрациони логори, била одведена во Аушвиц-Биркенау. Таму станала членка на отпорот и водач на една негова единица.

Слушајќи ја приказната на Соња, патуваме низ пејзажите на нејзиниот револуционерен живот, онакви какви што се денес – српските шуми и планини каде што се собирале партизаните, како и калта и безборојните оџаци на Аушвиц – кон нејзиниот минијатурен белградски стан каде што таа живее со својот сопруг и мачка.

Преку десет години, режисерката Марта Попивода и внуката на Соња и ко-авторка на филмот, Ана Вујановиќ, ги снимале своите разговори со Соња. Она што почнува како величење на отпорот на една жена и нејзините другари, постепено се претвора во кинематографски антифашистички манифест, онака како што авторките сé повеќе се соочуваат со подемот на фашизмот во денешна Европа.

“Антифашистичкиот отпор е централната тема на филмот, и е раскажан од две гледни точки. Главната е онаа на животната приказна на Соња, којашто почнува среде подемот на фашизмот во Европа во триесеттите години на дваесеттиот век. Соња е исклучително сугестивна раскажувачка, којашто може да зборува за минати настани без оние согледувања отпосле. Директно нé внесува во атмосферата и начинот на размислување на времето во кое се родил антифашистичкиот отпор. Другата гледна точка е онаа современа на нас двете, сценаристките – Марта Попивода и Ана Вујановиќ – квир пар левичарски активистки од Белград кои емигрирале во Берлин. Ја посетувавме и интервјуиравме Соња во текот на повеќе од десет години, сопоставувајќи ја нејзината приказна со нашите искуства на подемот на фашизмот во денешна Европа.

Ана во филмот вели, „многу југословенски херои од Втората светска војна добија јавни споменици. Некои од нив се жени. Но ниедна не е преживеана од Аушвиц.“. Овој филм е направен како алтернативен споменик за Соња и многу други незнајни херои на антифашистичката борба. Она што е важно е што таа не е монолитен и безродов херој за нас, како оние што ги знаеме од официјалната историја. Нашиот кинематографски споменик е и афективен и контемплативен, донесувајќи го „женското лице на војната“.  Марта Попивода за Пејзажи на отпорот, јануари 2021.