МакеДокс: Отворен повик за филмска работилница со филмскиот критичар Туе Стен Милер

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави отворен повик за учество во филмска работилница за развој на идеи со данскиот филмски критичар, Туе Стен Милер. Повикот е наменет за за режисери и продуценти со кратки кои се инволвирани во долгометражни документарни проекти во развој што се продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.

Работилницата е бесплатна за сите учесници и ќе трае три дена, од 20 до 22 август, а ќе содржи групна сесија и мастер класа (20 август), индивидуални сесии (21 август) и групна сесија и презентација на проектите (22 август). Сесиите предвидени во работилницата ќе се одржат во живо во Скопје и ќе се одвиваат на англиски јазик. Учесниците сами ги покриваат трошоците за пат и сместување.

Со пополнување на формуларoт објавен на веб-сајтот на „МакеДокс“ можете да се пријавите на работилницата, најдоцна до 15 јули. По завршувањето на работилницата, ќе се изберат шест проекти на учесниците.

„Задоволство ми е да се запознам со режисерите на проектите во развој. Можеби сте ја напишале вашата идеја, можеби имате тритмент, можеби (сметам дека ова е најважно) имате некаков снимен материјал што ќе го покажете. Клучно е да бидете отворени за фидбек од мене и од колегите. Се надевам дека по работилницата ќе си заминете со она што јас го велам „креативна конфузија и сомнеж“ – изјави Туе Стен Милер за работилницата во рамките на овогодинешното издание на „МакеДокс“.