Мастерпланета е план на Бјарке Ингелс за репроектирање на Земјата и стопирање на климатските промени

Oсновачот на архитектонското биро „BIG“, Бјарке Ингелс, подготвува мастерплан за планетата Земјата, со цел да „докаже дека одржливото човечко присуство на планетата Земја е возможно преку користење на постојните технологии“.

Во интервју за списанието TIME, Ингелс даде детален опис на идејата „Мастерпланета“ – концептот на БИГ за проектирање на поодржлив начин на живеење за светот.

Ако и пристапиме на планетата Земјата на истиот начин на којшто архитектот, преку планирање, му пристапува на градот, Ингелс смета дека дури и предвидената популација од 10 милијарди луѓе би можела да ужива висок квалитет на живот доколку еколошките проблеми се решат холистички.

Размислувањето за обемот на одделни згради не е доволно, изјави данскиот архитект за TIME.

„Кога градите куќа, постојат само неколку работи што можете да ги направите – да додадете некои соларни панели на покривот и така натаму – но повеќето од нив не се многу ефикасни“, објасни Ингелс.

„Секојпат кога размерот се зголемува, всушност, се отвора можност да се дејствува повеќе“.

Според БИГ, само преку медиумот на мастерпланот „ќе докажеме дека одржливото човечко присуство на планетата Земја е возможно преку користење на постојните технологии, на време, со цел да се избегне целосна катастрофа.“

Коронавирусот докажува дека решително дејствие е можно сценарио.

„Мастерпланета“ ќе ги подели еколошките проблеми на 10 дела под два поднаслови. Пет загадувачки сектори: транспорт, енергија, храна, индустрија и управување со отпад, потоа пет столба на одржливо живеење, имено: биодиверзитет, вода, загадување, здравје и архитектура и урбанизам.

Ингелс размислувал за оваа идеја веќе некое време, но практично – глобалниот одговор на коронавирус пандемијата  му покажал дека мастерплан за светот во ваков размер е возможен.

„Ако можеме да примениме слична одлучност кон климатската криза, мислам дека би можеле да се справиме со тоа многу повлијателно и многу побрзо отколку што замислуваме дека е можно денес“, рече Ингелс.

БИГ произведува штитови за лице за болнички работници

Коронавирусот ги открива „недостатоците на традиционалниот синџир на снабдување“, вели Бјарке Ингелс

Унифициран пристап на целата планета е клучен, смета тој, а архитектите, наместо политичарите или активистите, имаат вештини и знаење да состават работен план.

„Околината не се грижи за партиската политика ниту за застарените идеологии“, рече Ингелс.

Основно во тезата на „Мастерпланета“ е создавање на единствена електрична мрежа за снабдување на секоја земја со обновлива енергија, со што ќе се реши тековниот проблем на неконзистентно снабдување. Со сите соларни панели во светот поврзани, дневната светлосна страна на планетата може да ја напојува ноќната страна до бесконечност, предложи Ингелс.

Постројките за рециклирање на пластичен отпад треба да бидат планирани на национално ниво за земји како што се САД. За локалитетите кои веќе се под непосредна закана од зголемувањето на морињата, може да се „преместат“ во пловечки градови.

Ингелс за TIME изјави дека е свесен за фактот дека обидот за ваков проект ќе генерира „секаква критика“, но наместо да претпоставува дека неговата пракса ќе ги собере сите потребни одговори, тој и неговиот тим сакаат „Мастерпланета“ да служи како водилка, а не како прирачник за упатства.

„Веруваме дека може да биде корисна алатка за акумулирање на иницијативи на практичен, прагматичен начин“, рече Ингелс.

„И наместо да се жалиме зошто никој не прави ништо, мислиме дека е подобро да почнеме да го правиме тоа. Ова ќе има влијание само доколку доволно релевантни субјекти сметаат дека е корисно и сакаат да придонесат и да соработуваат и да критикуваат“.

Ингелс планира да го објави првиот нацрт на „Мастерпланета“ следната година.

Превод: Никола Ѓорѓиевски

Source Dezeen