Најмалку 200 девојки од средните училишта ќе бидат опфатени со менторската програма на мрежата Стела и НМСМ
Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и Менторската Мрежа Стела, во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите“, ќе спроведат менторска програма за девојки низ средните училишта на територијата на целата држава.
Менторската мрежа Стела веќе спроведува менторства кои им помагаат на жени и девојки да се реализираат професионално и академски, но за првпат програмата во соработка со НМСМ ќе обезбеди менторство за најмалку 200 девојчиња во средните училишта. Секоја девојка ќе има своја менторка, односно ќе добие поддршка од искусна и професионална Стела менторка, веќе остварена во областа што е од интерес за менторираната девојка.
Менторките во мрежата Стела работат во најразлични области и вклучуваат претприемачки, професорки, жени активни во политичкиот и општествениот живот, жени кои се на лидерски позиции и на позиции каде што креираат политики, но и жени кои секојдневно учат и се надоградуваат во нивното поле на дејстување. Менторската улога ќе биде да им помогнат на девојките и младите жени да ги реализираат своите идеи, а воедно и да ги охрабрат да се стремат кон рамноправен економски, политички и социјален статус и ангажман во општеството.
За успешно исполнување на оваа цел, мрежата Стела во изминатиот период одржа повеќе работилници за досегашните, но и за новите менторки кои ќе бидат вклучени во програмата. На работилниците се говореше за менторскиот процес, за подобрување на комуникациските и организациските вештини на менторките во контекст на работата со млади, но и за значењето на менторството како алатка за поддршка на девојките и младите жени. Новите менторки имаа можност да слушнат повеќе за психолошките фактори кои влијаат на односите менторка-менторирани, како и за ефективните стратегии кои можат да им помогнат на подобро да ги разберат и да ги водат своите менторирани низ различни предизвици.
Сите девојки и млади жени кои се заинтересирани да се вклучат во програмата, слободно може да се обратат до мрежата Стела, а во идниот период спроведени ќе бидат и повеќе активности за промоција на менторството како значаен дел од оснажнувањето на жените и девојките.
Проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите” го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и мрежата Стела, со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
За реализирање на оваа цел, покрај програмата за менторство, спроведени ќе бидат повеќе активности, кои меѓудругото вклучуваат и програма за кариерно советување, која веќе е започната и досега опфати над 30 лица, како и програми за практикантство и волонтерство за млади.