Неформалното движење „Сите за МКЦ“ со герила акција на музичкиот фестивал „Земјотрес“

По концертот кој се одржа на 22 јануари во МКЦ, како и протестот пред седиштето на Град Скопје, неформалното движење Сите за МКЦ повторно го изрази својот револт против кратењето на буџетот на програмскиот буџет и обидите за партизација и политизација на МКЦ.

На 4 февруари на музичкиот фестивал Земјотрес,  преку герила акција, движењето продолжи да се спротиставува на енормното кратење на програмскиот буџет на Младинскиот Културен Центар за огромни 84% во споредба со претходната година, како и на нерегуларното назначување на новиот в.д. директор. 
За време на настапот на Дина Јашари, нашето движење пушти големо платно со порака „Видете нè колку нè има – Сите за МКЦ“ која беше еуфорично прифатена од присутните. Платното го држеа над себе десетици луѓе, додека Јашари ја изведуваше песната „Дома“ адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“.
Фото: Сите за МКЦ
По акцијата, платното беше оставено во главниот ходник каде остана до крајот на вечерта. За време на фестивалот исто така се делеа беџови и стикери со илустрација од Малиот Принц и QR код до онлајн петицијата на Сите за МКЦ преку препорачани донации.
Дополнително како дел од нашата акција, голем дел од артистите и бендовите свиреа пред видео-бимови со пораки како „Ова е нашето МКЦ“, “МКЦ е нашиот дом, вчера, денес и утре”, „Земјотрес за МКЦ“ и варијација на последната порака со имињата на бендовите кои изразија поддршка за акцијата.
Фото: Сите за МКЦ