НМСМ одржа Регионален форум за градење партнерствa за претприемачко учење

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во Скопје го одржа регионалниот форум за градење партнерства за претприемачко учење, каде учествуваа над 120 учесници од граѓански организации, претставници  на институциите и бизнис секторот, младинскиот сектор, млади претприемачи и успешни ученички и младински компании од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција.

Форумот имаше за цел да поттикне градење партнерства во регионот помеѓу сите чинители за младинското и ученичкото претприемништво. Учесниците имаа можност да дискутираат за регулативната рамка за младински и ученички компании во регионот на Западен Балкан и Турција, како и потенцијалот за стратешки партнерства за младинско  претприемништво.

На отварањето на форумот, Мариана Ангелова, Генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија истакна: „Младинското претпиемништво претставува едно од многуте решенија за намалување на младинската невработеност. Се надевам дека од овој форум и од партнерствата кои ќе се формираат овде ќе проозлезат креативни и иновативни решенија за унапредување на програмите кои го поттикуваат претприемачкиот дух кај младите и креираат овозможувачка околина за младинско претприемништво.  Но најважно, се надевам дека овој форум ќе ги инспирира сите чинители дека големите цели се постигнуваат само заеднички и дека само преку значајно учество на младите можат да се надминат пречките со кои тие самите се соочуваат.”

Ми претставува особено задоволство што темата за претприемачко учење обедини голем број претставници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор. За целиот Западен Балкан, многу е важно да се изгради екосистем за претприемништво во којшто ученичките и младинските компании ќе биде поттикнати и поддржани од целото општество и пред се од институциите. Токму тоа е целта на проектот BY LEAP, како и мисијата на сите организации вклучени во овој проект”, додаде Дарко Радичанин, извршниот директор на Junior Achievement Србија.

Форумот беше организиран во рамки на „BY LEAP“ проектот (Балкански млади:  Поврзување на едукацијата, способностите и партнерскиот потенцијал во регионалните практики за вработување), имплементиран од Junior Achievement Србија, Националниот младински совет на Македонија, Junior Achievement Албанија, WEBIN, Junior Achievement Tурција, Social Innovation Incubator MUNJA, Student Business Association и Junior Achievement Европа. Проектот е финансиски подржан од Европската Унија. Главната цел на проектот е да придонесе за младински претприемачки можности и да ги зајакне перспективите за вработување на младите од Западен Балкан.