Нов вид на Ковид: Колку треба да бидеме загрижени?

Имам едно едноставно правило за да имаат смисла приказните за „новата варијација“ или „новиoт вид“ на коронавирусот.

Прашајте: “Дали се промени однесувањето на вирусот?”

Мутиран вирус звучи инстинктивно застрашувачки, но да мутира и да се менува е точно она што го прават вирусите.

Поголемиот дел од времето, тоа е или бесмислена измена или вирусот се менува на таков начин што станува помалку вирулентен и новиот вид сам изумира.

Повремено, се појавува нова победничка формула.

Нема јасни докази дека новиот вид на коронавирус – откриен во југоисточна Англија – е во состојба полесно да се пренесува, да предизвика посериозни симптоми или да ја направи вакцината бескорисна.

Сепак, постојат две причини поради кои научниците внимателно го следат.

Првата е дека овaa варијација на вирусот е позастепена во места каде што бројот на заразени е повисок.

Тоа е предупредувачки знак, иако може да се толкува на два начина.

Вирусот успеал да мутира до степен да се шири полесно и да предизвикува повисок број на новозаразени.

Но, варијациите исто така можат да имаат среќни околности кои допринесуваат до инфицирање на вистинските луѓе во вистинско време. Едно објаснување за ширењето на „шпанскиот вирус“ во текот на летото беше едноставно дека  луѓето го фатиле за време на нивниот летен одмор, а потоа го донеле дома.

Ќе биде потребно да се спроведат експерименти во лабораторија за да се открие дали овој вид навистина побрзо се шири од сите други.

Другото прашање што ги засега научниците е тоа како стигнува до  мутација на вирусот.

„Има изненадувачки голем број на мутации, повеќе отколку што би очекувале и неколку изгледаат интересно,“ ми рече проф Ник Ломан од конзорциумот на Ковид 19 “Genomics UK.“ Постојат две забележителни групи на мутација – и се извинувам за нивните грозни имиња.

И едниот и другиот се наоѓаат во клучниот спајк протеин, што е клучот што вирусот го користи за отклучување на вратата на клетките во нашето тело со цел да ги нападне.

Мутацијата N501 (ве предупредив) го менува најважниот дел од спајкот, познат како „домен за врзување на рецепторот.“

Ова е местото каде спајкот стапува во прв контакт со површината на клетките на нашето тело. Какви било промени што го олеснуваат влегувањето на вирусот внатре, веројатно ќе му дадат предност.

„Изгледа како важна адаптација,“ рече проф Ломан.

Другата мутација – H69/V70 deletion- се појави неколку пати претходно, вклучително и кај заразените визони.

Загриженоста беше дека антителата од крвта на тие кои го прележале вирусот е помалку ефикасна во нападот на овој тип на вирусот.

Повторно, ќе бидат потребни повеќе лабораториски студии за навистина да се разбере што се случува.

Проф. Алан Мекнали, од Универзитетот во Бирмингем, рече: „Знаеме дека постои нов тип, не знаеме ништо за тоа што тоа значи биолошки.“

„Премногу е рано да се прави заклучок за тоа колку ова може да биде важно или не.“

Мутациите на спајк протеинот доведуваат до прашања во врска со вакцината, бидејќи трите водечки – Фајзер, Модерна и Оксфорд –  го обучуваат имунолошкиот систем да го нападне спајкот.

Сепак, телото учи да напаѓа повеќе делови од спајкот. Затоа здравствените власти остануваат убедени дека вакцината ќе функционира и против овој вид на вирусот.

Ова е вирус кој еволуирал кај животните и направи скок со тоа што почна да инфицира луѓе пред околу една година.

Оттогаш, се случуваат околу две мутации месечно – земете примерок денес и споредете го со првите од Вухан во Кина и ќе забележите околу 25 мутации.

Коронавирусот сè уште пробува различни комбинации на мутации за да биде поуспешен во инфицирањето на луѓето.

Видовме дека ова се случува порано: Појавата и глобалната доминација на друга варијанта (G614) многумина ја гледаат како вирусот да се подобрува во ширењето.

Но, наскоро масовната вакцинација ќе изврши друг вид на притисок врз вирусот затоа што ќе мора да се промени за да успее да ги зарази луѓето кои биле имунизирани.

Ако ова навистина ја поттикне еволуцијата на вирусот, можеби ќе треба редовно да ги ажурираме вакцините, како што тоа го правиме за грипот, за да бидеме во тек.

Source BBC