Поплави во Пакистан: Една третина од земјата е под вода, загинаа над 1130 лица

Една третина од Пакистан е целосно потопена од најголемите поплави кои досега се познати во историјата на земјата, изјави министерката за клима, Шери Рехман. Разорните поројни поплави однесоа патишта, домови и земјоделски култури низ Пакистан.

„Поради поплавите, изгледа како да се појавила огромна океанска површина, нема суво копно за испумпување на водата“, изјави Шери Реман, нарекувајќи ја  ситуацијата „криза од незамисливи размери“.

Најмалку 1.136 луѓе загинале од почетокот на сезоната на монсуните во јуни. Според пакистанската влада, климатските промени се причинителот за поројните поплави. 

„Буквално, една третина од Пакистан е под вода во моментов, што ја надмина секоја граница, секоја норма што сме ја виделе во минатото. Никогаш не сме виделе вакво нешто“, изјави Реман.

Околу 75 лица починале само во изминатите 24 часа, соопштија властите во понеделникот, додавајќи дека се очекува бројот на загинати да се зголеми. Во изјава за Би-Би-Си, пакистанскиот министер за надворешни работи Билавал Буто-Зардари рече дека една третина од починатите лица се малолетници.

„Сè уште се справуваме со степенот на штетата“, додаде тој.

Според најновите проценки, повеќе од 33 милиони Пакистанци се погодени од историските поплави. Обилните води во северната долина Сват во земјата однесоа мостови и патишта, уништувајќи цели села и населби.

Илјадници луѓе кои живеат во планинската област добија наредба да се евакуираат – но дури и со помош на хеликоптери, властите сè уште се борат да стигнат до оние кои се заробени.

Провинциите како Синд и Балучистан и планинските региони во Хајбер Пахтунхва се најтешко погодени.

Годинешниот рекорден монсун е споредлив со разорните поплави од 2010 година – најсмртоносните во историјата на Пакистан – во кои загинаа повеќе од 2.000 луѓе.

Исто така, постои зголемена загриженост за претстојните трошоци за враќање од оваа катастрофа, а пакистанската влада апелираше за финансиска помош од агенциите за помош, пријателските земји и меѓународните донатори.

„Многу рана, прелиминарна проценка е дека штетата е огромна, повисока од 10 милијарди долари (8,5 милијарди фунти)“, изјави министерот Ахсан Икбал за Ројтерс.

Source BBC