Презентирани наодите од мониторинг на кривични судски постапки за практичната примена на мерката конфискација

На 29 јуни, 2021, Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ ја одржа завршната конференција за презентација на податоците добиени од спроведениот мониторинг на кривични судски постапки во основните судови во Северна Македонија за практичната примена на мерката конфискација.

На овој настан беа презентирани податоците кои што беа прибрани и обработени во рамки на активноста „Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Северна Македонија“ поддржана од Проектот на USAID за граѓанско учество. Во рамки на оваа активност беше спроведен мониторинг на 800 рочишта на кривични судски постапки во основните судови во Република Северна Македонија, а исто така беше направен и увид во 30 правосилни судски предмети каде што е изречена мерката конфискација.

Првичните податоци покажуваат дека потребно е да се направи воедначување на користената терминологија, како и да се направи соодветно разграничување на конфискацијата и одземањето на предмети кои се наменети за извршување на кривично дело или кои произлегуваат од кривичното дело.

Исто така, клучна препорака е дека треба да се работи на зајакнување на капацитетите на јавните
обвинители за унапредување на нивната способност за усна презентација на доказите на главната
расправа, како и на писмените образложенија на формалните предлози за замрзнување на имотот,
како и на самите обвиненија. На овој начин би се олеснило донесувањето на одлука од страна на
судовите, со што неминовно би се унапредила примената на конфискацијата на имот.

Во контекст на ова, потребно е да се зајакнат и капацитетите на судиите за правилно идентификување на имотот кој треба да биде конфискуван со цел да се овозможи извршување на одлуките за конфискација, особено ако се има предвид дека Агенцијата за управување со одземен имот која треба да ги изврши одлуките, нема надлежност да спроведува истрага за лоцирање на имот кој одговара на вредноста на имотот кој треба да се конфискува, во случаите кога овој имот не може да биде пронајден.

Целосната публикација можете да ја најдете на овој линк.

Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ работи на следење на почитувањето
на човековите права и слободи, на меѓународните стандарди на фер и правично судење и следење на
имплементацијата на институционалните и правни реформи. За повеќе информации посетете ја
нашата веб страница.