Протест за прекин на изградба на висококатници во центарот на Скопје

Независните граѓански иницијативи Шанса за Центар и Зелен хуман град најавија протест против изградбата на висококатници во центарот на Скопје кој ќе се одржи на 06.12. во понеделник, во 16:00 пред јавното обвинителство (Кеј на Вардар кај Филхармонија). Протестот е насловен „Стоп за висококатници во центарот на Скопје“.

„Во Македонија годишно умираат повеќе од 3.500 луѓе од загаден воздух! Ако се дозволи изградбата уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски!“

Со одржување на овој протест, граѓанските иницијативи бараат:

Да се запрат градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност;
Произнесување на јавното обвинителство во однос на иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата;
Одвојување на средства од централниот буџет доколку Општина Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат;
Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП;
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, и
За локацијата да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение.